Историјата го плете фитилот на балканското буре со барут!

Одлуката за вклучување историски теми во македонските преговори со ЕУ, кои треба да се усогласат со Бугарија, му дава сизифовска тежина на евроинтегративниот процес. Според Илхан Ќучук, бугарски европратеник и известувач за РСМ во Европскиот парламент, историјата е составен дел на преговарачкиот процес, а заедничката историска комисија треба да ги најде допирните македонско-бугарски точки. Но, според британски „Економист“, токму поради вклучувањето на историските меѓудржавни спорови во преговарачката рамка ќе пропадне Договорот за пријателство на Скопје и Софија. Овој преседан ќе донесе проблеми и за други држави што сакаат да му се придружат на европскиот блок

119

Разликите во толкувањето на историјата се нитките од кои е сплетен фитилот на балканското буре со барут. Затоа одлуката за вклучување историски теми во македонските преговори со ЕУ, кои треба да се усогласат со Бугарија, му дава сизифовска тежина на евроинтегративниот процес. Според Илхан Ќучук, бугарски европратеник и известувач за РСМ во Европскиот парламент, историјата е составен дел на преговарачкиот процес, а заедничката историска комисија треба да ги најде допирните македонско-бугарски точки. Но, според британски „Економист“, токму поради вклучувањето на историските меѓудржавни спорови во преговарачката рамка ќе пропадне Договорот за пријателство на Скопје и Софија.

Историјата не може да биде турната под килим бидејќи е важен дел од преговарачкиот процес, истакна бугарскиот европратеник и известувач за РСМ во Европскиот парламент, Ќучук, во интервју за бугарското радио „Фокус“.

– Токму обратното, историјата како наука, која е конзервативна, треба да биде оставена во рацете на историчарите. Таков мандат ѝ е даден на соодветната историска комисија, и тој мандат треба да биде исполнет со содржина. И таа навистина да работи во духот на науката, во духот на заемното разбирање, да бидат најдени оние допирни точки што биле во минатото и да бидат побарани нови допирни точки, кои треба да стапат во иднина. Тоа e неизбежно поврзано со членството на С Македонијa во ЕУ – вели Ќучук, додавајќи дека македонското зачленување во Унијата не му противречи на националниот интерес на Бугарија, туку напротив, „го збогатува и го задолжува да биде многу посоодветен кон новите реалности што се случуваат“.

Отсуството на заедничко чествување на Илинден,  известувачот за РСМ во ЕП ѝ го припишува на нестабилната политичка ситуација.

– Ќе видиме како ќе биде в година. Но со сигурност, секој заеднички обид да се одбележат такви датуми е задолжителен во нашите односи, ако тие имаат природно разбирање да врват кон иднината, а не кон национализмот, кон градење допoлнителни ѕидови – рече тој.

Според него, потребна е оценка каде сака да оди македонското општество.

– Сега е дојдено времето да се врати довербата, откако се формализираа односите, и тоа праведно, со договор кој треба да ги зацврсти односите меѓу двете земји, со посебен протокол. Треба да бидат направени сите напори од бугарска и од македонска страна за да проработат механизмите што се запишани, а не да останат на лист хартија без да бидат реално исполнети. Така што, прашањето е каде сака да биде Северна Македонија? Знам дека има луѓе кои сакаат да ја извлечат, и политичари кои имаат визија да ја извлечат на правилниот пат, да ја водат. Има и такви кои сакаат да ја влечат во обратна насока. Тоа треба да го реши самата македонска елита – заклучува Ќучук.

Според британски „Економист“, пак, иако се чинело дека францускиот предлог ќе го отвори патот на Македонија кон ЕУ, тој овозможил Бугарија да ја попречува македонската кандидатура за членство во ЕУ, а ќе донесе проблеми и за други држави што сакаат да му се придружат на европскиот блок.

– Се чинеше дека компромисот предложен од Франција ќе понуди излез од ќор-сокакот. Но, изгледот може да измами. Првенствено, договорот официјално ги увезува историските меѓудржавни спорови во преговарачката рамка на ЕУ. Мешовитата историска комисија веќе работеше на нивно разрешување. Но сега, според договорот, ако Македонците не се согласат со интерпретацијата на бугарската страна, пристапниот процес, врз кој секоја членка на ЕУ може да стави вето во секоја фаза, нема да продолжи понатаму – наведува „Економист“, додавајќи дека Македонија, според договорот, треба да направи и уставни промени за да удоволи на бугарските барања.

Спогодбата поставува и загрижувачки преседан, според британскиот магазин, бидејќи наместо пристапниот процес да прави проценка на економијата и на политичките и судските институции на земјата кандидат, во случајот на Македонија, во процесот се вметнати и историски прашања кои датираат од 10 век.

Се посочува и дека Хрватска, која е членка на ЕУ, би можела да се покаже подеднакво тврдокорна кон земјите од Балканот што не се во Унијата. Во прилог на ова тврдење е посочена листа барања од хрватската Академија на науките и уметностите, која смета оти хрватската Влада треба да им ја наложи на Србија, Црна Гора и на БиХ ако сакаат да влезат во ЕУ. Се смета и дека Полска би можела да има слични барања за Украина.

– Спорот помеѓу Бугарија и Македонија беше засрамувачки за лидерите на ЕУ. ЕУ беше основана за да ги разреши споровите помеѓу членките. Сега ризикува да ги засили – заклучува „Економист“.

(И.С.)