Ковачевски условен од партнерите: Исполнување на барањата или ќе му свртат грб

173

До крајот на неделава Владата треба да одлучи дали ќе го прифати условот што го постави Стојанче Ангелов. Се надева дека неговиот предлог ќе наиде да разбирање, во спротивно, повтори, Достоинство ќе ја напушти владината коалиција.

Доколку Владата ја отфрли иницијативата на Достоинство за праведен надомест на нематеријална штета на воените инвалиди, 30 необесштетени воени инвалиди, и 15 семејства на загинати, истиот ден ќе ја напуштиме владината коалиција, рече Ангелов. Лидерот на Достоинство вели дека нивното излегување од владината коалиција ќе биде повеќе во знак на револт, но оти сепак се надева дека низ разговор ќе се најде заедничко решение.

„Доколку Владата ја отфрли нашата иницијатива, ние ќе ја напуштиме владината коалиција, свесни дека притоа нема да предизвикаме политички земјотрес. Ние работиме реалполитика, свесни дека сме мал политички фактор, без пратеник и како и да е, нашето излегување од владината коалиција ќе биде повеќе во знак на револт. Но, јас искрено, врз основа на изјавата на премиерот, јавно дадена изјава којашто ја повторив во два наврата наредните денови, се надевам дека низ разговор ќе најдеме решение со коешто ќе го надминеме овој горлив проблем“, рече Ангелов.

Во последниве неколку денови неколку помали партии ја условија нивната понатамошна соработка со владејачката СДСМ. Освен Ангелов, и лидерката на ДОМ, Маја Морачанин, рече дека размислува да ја напушти владината коалиција доколку не се прифати една изборна единица.

Владината коалиција веќе ја напуштија Демократски Сојуз на Павле Трајанов и Алтернатива на Африм Гаши.

Претседателството и Централниот совет на Демократскиот сојуз одлучија да ја напуштат коалицијата со СДСМ пред повеќе од три месеци со образложение дека програмските приоритети на Демократскиот сојуз, усогласени со СДСМ пред парламентарните избори во јули 2020 година, како и во декември 2021 година пред формирањето на Владата со актуелниот состав, не биле имплементирани.

По реконструкцијата на Владата во февруари, од „Илинденска“ си заминаа и претставниците на Алтернатива. Одлуката на Африм Гаши следеше откако премиерот Димитар Ковачевски во владината коалиција ја прими Алијанса за Албанците, која ги доби министерствата кои дотогаш ги водеа министри од Алтернатива.

И покрај различните ставови по одредени прашања, владата е стабилна- уверуваат од „Илинденска“, откако дел од помалите коалициони партнери најавија дека повеќе не се гледаат на иста линија со СДСМ.