„Секое патување започнува со пакување на куфер. Патувањето е освојување на среќата. Да се има идеална патна торба значи да го грабнете секое парче среќа што ви припаѓа и да го чувате за себе“, напиша во една своја книга посветена на Луј Витон Исидора Бјелица која за време на нејзиниот живот најмногу сакаше да патува. Писателката почина на 5 август, а на комеморацијата во саботата пред нејзината слика стоеа токму куферите и шапките по кои беше препознатлива… Во една прилика додека се бореше со подмолната болест напиша: „Не сакам тага, кога ќе отидам, организирајте забава во бело…“ Таа беше кремирана, а нејзината пепел ќе биде однесена таму каде што најмногу сакаше да патува…

Исполнета е и последната желба на Исидора Бјелица, погреб во бело со нејзините куфери и шапки… Популарната српска писателка Исидора Бјелица, која на 5 август на возраст од 52 години по долгата борба ја загуби битката со подмолната болест, во саботата од нејзиното најблиско семејство и пријателите беше испратена на вечно почивалиште. На Новите гробишта во Белград, по нејзина желба таа беше кремирана, а пепелта, иако нејзиниот сопруг не сакаше да открие повеќе детали, ќе биде однесена таму каде што таа најмногу сакаше да патува… Истиот ден неколку часа порано се одржа и комеморација во малата сала на Сава центарот во која од Исидора, се простија нејзините најблиски, сопругот драматургот Небојша Пајкиќ, децата Вила и Лав, нејзините родители, пријатели и фанови. На комеморацијата покрај сликата на Исидора стојеа Луј Витон куферите кои Бјелица ги сакаше, како и нејзините шешири по кои беше препознатлива.

„Секое патување започнува со пакување на куфер. Патувањето е освојување на среќа. Да се има идеална патна торба значи да го грабнете секое парче среќа што ви припаѓа и да го чувате за себе“, напиша во една прилика Исидора.

„Најмногу научивме од неа за љубовта, таа се залагаше љубовта како предмет да се воведе во училиштата. Таа беше борец. Меѓу нашите последни преписки, таа ми напиша дека смртта не постои, дека тоа е патување. Беше безвремена, извонредна, беше апсолутно своја, но во исто време и наша“, истакна на комеморацијата д-р Драгана Папиќ Грујиќ, долгогодишната пријателка на писателката, нарекувајќи ја најголемиот интелектуалец.

Д-р Душица Матовиќ, исто така една од пријателките на Исидора, додаде дека таа беше „вртлог над сараевската малограѓанска јавност“.

„Неподносливата леснотија на постоењето е твојата карактеристика. Зборуваше: „Овој обод од мојот шешир ме штити од љубопитни луѓе“, рече Матовиќ.

Оперската дива на Народното позориште Тамара Никезиќ на погребот на Исидора, пак, се појави во бело. На овој начин, таа и оддаде почит на Исидора, која во една прилика откри дека имала желба да ги види најблиските облечени во бело.

„Ја чувам твојата порака…’ кога ќе заминам… организирај забава во бело… ме познаваш, јас не сум за таа некоја тага и пренамагање’… Јас ќе го исполнам ветувањето, ќе има забава во бело кога твојата измачена душа ќе биде ‘на сигурно’… а ти намигни ни под некој луд шешир дека сè е во ред и дека ништо повеќе не боли… Неповторливива моја пингви… Ангелите сите рани да ти ги излечат… “, пишуваше во објавата од пред неколку дена пријателката на Исидора, Зорана Павиќ, српската поп и рок пејачка.

Во една од своите колумни за Независне.ком насловена „Виртуелен тестамент“, пак, самата Исидора напиша: „Бидејќи не поднесувам свадби, родендени и погреби, ниту мртва, ниту жива, и знам дека има некој глупав закон со кој пепелта мора да се чува таму – бирократијата е чудо – би побарала да се организира да ме однесат и да ме истурат во морето во Црна Гора, но не на некоја шугава плажа, туку да пронајдете убава карпа – каде нема канализација. Е сега ако некој од пријателите оди на некоја егзотична дестинација и има место во багажот, може и таму, затоа што бев среќна само кога патував и пишував“.

Последна почит на Исидора со своето присуство ѝ одаде и пејачката Цеца Ражњатовиќ за која Исидора сакаше да пишува книга.

Инаку, покрај тоа што е писателка, таа беше вклучена во филмската критика, моден дизајн, беше режисерка, како и автор на претстави. Има објавено над шеесет книги, педесет под нејзино име, а петнаесет под псевдоним. Авторка е на наградувани радио драми, од кои драмата за Исидора Секулиќ беше најуспешна. Таа е и добитник на бројни награди за литература и публицистика, но и за бројни хуманитарни ангажмани… (Д.Т.)