Исплатени субвенциите за тутунарите

47

Заврши целосната исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2021, а исплатени се вкупно 1.3 милијарди денари на сметките на 17 илјади тутунопроизводители.

Процедурата со која тутунарите ја добија оваа финансиската поддршка започна веднаш откако пратениците во Собранието ја одблокираа законската измена во законот за земјоделство и рурален развој, преку одложувањето на обврската кон УЈП.

Со надминување на блокадата и донесувањето на измените во законот за земјоделство и рурален развој овозможивме услови од оваа година да се започне и со авансна исплата на субвенциите, мерка која не се случила во изминатите 16 години. Токму преку оваа измена, земјоделците ќе можат 30% од субвенциите да ги добијат авансно, односно во рок од 90 дена по аплицирањето.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство води грижа и дава поддршка за секој земјоделец. Земјоделието не смее да биде предмет на блокади и политички игри, посебно во услови на светска криза.

Дополнително, ги информираме земјоделците и целокупната јавност дека во следниот период започнува реализацијата на исплатата за финансиската поддршка за набавено вештачко ѓубриво и поддршката за продадени или заклани гоеници – мерки со кои ги помагаме земјоделците во услови на криза преку Интервентниот фонд. Во тек е и реализација на поддршката преку програмата за директни плаќања за премијата за произведено и предадено млеко јануари-февруари 2021, како и субвенциите за заклани бројлери и несилки во регистрирани кланични капацитети.