“Литература на Балканот е глобална литература затоа што толку многу балкански автори, вклучувајќи ме и мене, се читаат од превод. Уште повеќе, нашите регионални прашања се глобални прашања – каде, на пример, завршува Европа? Не станува збор за прашање на кое литературата – од Балканот или која било друга – може да одговори дефинитивно, но е прашање на кое литературата и историјата се покажале фасцинантни“, вели за балканската литература големиот албански писател Исмаил Кадаре, лауреат на наградата „Прозарт“, која Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ годинава му ја доделува за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.

Наградата е за неговиот импозантен повеќедецениски романсиерски и есеистички опус, кој редовно предизвикува највисоки одгласи кај европската и светската критика. Во прозното творештво на Кадаре се преплетуваат минатото и современоста, митот и иронијата, индивидуалното и колективното, пренесени на многу специфичен и карактеристичен стилски и јазичен идиом, кои го издвојуваат неговото дело во групата на современите светски великани на литературата.

Кадаре е автор на светски познати книги „Генералот на мртвата војска“, „Тврдина“, „Трострелниот мост“, „Пирамида“, „Наследникот“… Сите различни во однос на тематиката, времето и просторот кои се обработуваат, но многу сродни во однос на етичките и стилски суштествени одлики на писмото на Кадаре.

„Особено важно ми е дека наградата „Прозарт“ ја велича литература од Балканот и сум почестен што влегувам во друштво на досегашните лауреати на ова признание. Читателите на моите дела може првично ме сметаат за албански писател, и тоа е прилично разумно. Тие можеби ме сметаат и за автор кој истражува извесни настани во историјата кои не се важни само за балканскиот регион – Шекспир, грчката трагедија, Втората светска војна, аферата Пастернак.

Можеби, сепак, само читателите на Балканот се тие што можат најдобро да проценат како моите дела комуницираат со прашања за регионалниот идентитет – историја, топографија и сл…“, додава меѓу другото Кадаре во своето обраќање по повод наградата која се состои од статуетка и паричен дел). Поради неможноста фестивалот да се одржи во вообичаениот термин (крај на мај), лауреатот ја доби во неговиот дом во Париз. Инаку, одборот на наградата го сочинуваат: Ермис Лафазановски, претседател, Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски, членови.

Осмото издание на фестивалот ќе се одржи наесен.