Најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија, екипата на Работнички, игра очајно оваа сезона, а за тоа најдобро говори дебаклот на стартот од втората полусезона од дебитантот Феникс со 51 поен разлика (102:51).

Веќе неколку месеци наназад тимот од „Градски парк“ се наоѓа во сериозна криза, што кулминираше со заминување на странските кошаркари, а овој пат и навивачката група „Сити Парк Бојс“ излезе со соопштение, кои сметаат дека за се виновно е раководството.

  • Нашиот Работнички, клубот за кој живееме, во саботата беше понижен и фрлен на колена и полека но сигурно се движи кон втората лига. Работнички два натпревари по ред губи од противници кои не се достојни ни да се споменуваат. Одговорноста за овој срам е кај стручниот штаб кој се уште верува во празните предизборни ветувања на општинските функционери. Истите тие функционери кои пред избори ветуваа враќање на стариот сјај на клубот и нова сала. „Стручњаците“ и функционерите успеаја клубот да го сведат на само неколку младинци откако странците си заминаа (затоа што професионалци не функционираат на празни ветувања).
  • Пред крајот на минатата година прочитавме соопштение од стручњаците и функционерите дека се е во ред и дека проблемите се од административен карактер. Но, на терен е реалноста, а таа е многу сурова. Таму нема „ќе“, таму нема лажење. Епа господа неспособни „магистри“, искомплексирани полтрони, лажни легенди и цел останат некадарен џган, нема така лесно да можете да ги лечите вашите фрустрации врз нашиот Работнички. Револтот секој ден се повеќе расте и само прашање на време е кога вие безрбетници ќе се најдете на листата за „одстрел“ кај сите оние кои искрено и безусловно го сакаат Работнички!
  • Без ни малку почит, ГРУПА ГНЕВНИ ГРАЃАНИ, се вели во соопштението на „СПБ“.