Исидора БЈЕЛИЦА за весникот ВЕЧЕР во 2011: Србија и Македонија може да ги спаси единствено повеќепартиски секс

Веста дека Исидора Бјелица не успеа да се избори со болеста и почина на 52-годишна возраст, потресе илјадници нејзини почитувачи и фанови. Исидора си замина, но остануваат нејзините дела, исто како и насловот на нашето интервју од 2011 година„Србија и Македонија може да ги спаси единствено повеќепартиски секс“, кој е исто толку актуелен како и пред девет години.

1310

Елизабета АРСОСКА
фото: Ѕ. ПЛАВЕВСКИ

Исидора Бјелица беше чест да се запознае. Заради нејзината блескава луцидност која ѝ прилегаше, заради нејзината харизма која ја имаат само избраните и заради едноставноста со која ги носеше сите епитети. Писателка, режисерка, водителка, лик кој го обожуваше цел регион, авторка чии книги ги купуваа дури и оние кои во животот не прочитале ниту еден роман, ѕвезда која, кога ќе се појавеше на било Саем на книга беше опкружена со илјадници фанови, жена со која тагуваше цел регион откако објави дека е болна од подмолната болест. Беше сето она што ние би сакале да бидеме, а не се осмелуваме. Ѕвезда во вистинска смисла на зборот, бесценет соговорник и човек кој знаеше да импресионира со едноставни коментари и без пардон да зборува за табу теми.

Имавме чест да ја запознаеме при нејзината кратка посета на Скопје, половина час пред тргнување за Белград, на пауза за ручек, па така и разговорот, ексклузивното интервју во весникот ВЕЧЕР, го водевме меѓу два залака. Пријателски расположена и многу едноставна, а сепак жена која остава впечаток на дама од милион долари. Тогаш напишавме дека беше облечена во црн шанел-фустан, со бунда од нерц и иста таква шапка, Исидора Бјелица е жена со стил, едноставно модна икона. Немаше проблем да се фотографира во која било поза, пред љубопитните очи на минувачите. „Сакате да легнам тука на клупата“ беше нејзиното прашање упатено кон фоторепортерот на весникот ВЕЧЕР, Ѕвонко Плавевски, додека се правеше фотосесијата. Таа, знаеше дека публиката ја обожава нејзината невообичаеност и немаше проблем тоа да ѝ го подаде. Со задоволство позираше, а покрај, тогаш тазе поставениот споменик на Александар Македонски коментираше: „Нашиот (белградскиот) коњ е мало ждребе за овој вашиов, скопски пастув“!

Веста дека Исидора Бјелица не успеа да се избори со болеста и почина на 52-годишна возраст, потресе илјадници нејзини почитувачи и фанови. Таа е жената која во 1986 година ја објави својата прва книга наречена „Првиот разбуден“, за која ја доби наградата на Литературната младина на Југославија, а потоа следуваа бестселерите „Мојот дедо Луј Вутон“, „Спас“, „Дамата од Монако“, „Љубов во Тунис“, „Мирисот на небото“, „Да сакаш и да умреш на Карибите“… Исидора си замина, но остануваат нејзините дела, исто како и насловот на нашето интервју „Србија и Македонија може да ги спаси единствено повеќепартиски секс“, кој е исто така актуелен како и пред девет години.

Во продолжение ви го презентираме целото ексклузивно интервју со Исидора Бјелица кое на 3.12.2011 година беше објавено во весникот ВЕЧЕР:

Нејзините книги се тотално лудило! За претставите и филмовите кои ги режирала или го напишала сценариото се бара столче повеќе, на нејзините модни ревии доаѓа целиот џетсет, да се плете во нејзиното ток-шоу „Клот-фркет“ беше престиж… Таа е образована, културна, перфектен соговорник, помалку луцидна, но пред сè вистинска, негувана дама која нема идол и одлично се познава себеси. Таа е своја, не се фолира. Таа е едноставно Исидора Бјелица, контроверзна српска писателка родена во Сараево, пред повеќе од четири децении, а денес живее во Белград. Ќерка е на познатиот новинар и публицист Димитрија Бјелица, сопруга на драматургот Небојша Пајкиќ и мајка на Лав Григорије и Вила Еванѓелина.
Кој е Вашиот повод за оваа кратка посета на Скопје?
– Не сум била многу, многу долго овде, уште како девојче со татко ми. И просто се радувам што сум тука. Дојдов да ги посетам пријателите, мојот издавач „Матица македонска“, да видам како оди „Мојот дедо Луј Витон“, но и да видам дали има можност да се реализира мојата идеја да се направи некоја туристичка промоција на Македонија преку мојот магазин „Вип трип“. Имам идеја и да се изведе премиерно претставата на која јас сум режисер, можеби да се преведе мојот нов роман „Прељубници“, така што во овие два дена имав неколку преговори, договори.
Какви ви се впечатоците?
– Скопје е прекрасно, луѓето се прекрасни и сега ми е жал што немам доволно време и морам да заминам за Белград, каде што ме чекаат снимања, отворање на галерија, во подготовка е мојот нов магазин… така што имам работа преку глава.
Претпоставувам дека галеријата ќе биде нешто посебно?
– Ха, тоа е галерија на слики која ја отвораме заедно со Драгана Грначарски и таму ќе бидат сместени нашите креации „ИД Езотерик“, што ги претставивме на неодамнешниот фешн селекшн. Станува збор за колекција езотерична гардероба единствена на светот со полускапоцени и скапоцени камења. Исто така, стартувам со списанието „Дарлинг саветник“, а кое е единствено списание за емотивно, љубовно, интимно советување.
Како постигнувате сето тоа да го сработите?

– Јас сум жена со многу енергија и кога нешто ќе замислам, тоа морам и да го остварам. Јас сум борец, личност која не прифаќа компромиси ни приватно ни деловно. Тоа е најдобрата дефиниција за мене.
Тоа е Вашата формула за успех?
– Ха, ха, ха. Јас докажав дека и неприфаќањето на компромиси може да биде многу продуктивно и исплатливо. Заминував од весници и од телевизија кога ќе почувствував дека некој ме малтретира. Не сум трпела неправда. Секогаш ја зборувам вистината, што е мој заштитен знак и моја формула за популарноста што ја имам на целиот Балкан, кој пак е полн со лаги. Тоа е страшно, јас слушам што зборуваат познатите зад камера, пред емисија, а што кога ќе се вклучат камерите. Лажат штом ќе зинат. Затоа и ја направив емисијата „Клот-фркет“, во којашто моите гости се обидував да ги фокусирам на плетењето и да ги натерам без пресија од камерите да ја соблечат душата. Тоа ми успеа.
Имате изјавено дека сте изгубиле невиност во политиката?
– Да. Издржав во политичка партија само 20 дена, што е многу пократко отколку што сум била со некој фраер. Политика, тоа едноставно не е за мене. Таму има многу лаги, измами, тајни, проституција.
И покрај тоа што имате големо влијание во јавноста?

– Имам големо синдикално чувство и секогаш кога можам, им помагам на луѓето. Организирам хуманитарни акции и тоа е нешто што секоја јавна личност мора да го прави. Легендарна е изјавата кога брзајќи за емисија во Бјелина, наидовме на блокада на патот од одгледувачи на свињи кои протестираа заради нискиот откуп на месото и никого не пуштаа да помине, ниту американскиот амбасадор ниту Брзата помош. Го прашувам сопругот Небојша како ќе стигнеме на емисија, а тој ми вели излези, качи се на трактор и одржи говор. Јас навистина се качив на трактор, ги поддржав свињарите, се договорив со претставничката на нивниот синдикат и направивме емисија, така што заеднички успеавме да добиеме поголема цена на откуп на свинското месо. Сакам такви акции, но партиски врзувања, веќе не.
Секогаш на јавните настапи умеевте сочно да ги опишете српските политичари. Имате ли сега некој омилен?
– Мојата изјава дека Србија може да ја спаси единствено повеќепартиски секс, стана легендарна. И не знам каква е состојбата овде, но можеби е добар рецепт и за Македонија. Јас воопшто не ја следам политиката, не сум ја следела ни во Србија, но некако самите ми упаѓаат во екран, па морам да ги искоментирам.
Можете ли да ни кажете кои се најдобри фраери на Балканот?
– Тоа е тешко прашање, бидејќи јас сум перверзна и се палам на памет. Кај мене не проаѓа ни богатство ни надворешниот изглед. А на Балканот нема многу паметни мажи.
А жени?
– Па најинтересни жени се, всушност, моите пријателки. И кој ги знае моите пријателки, знае дека е тоа вистина. Еве, на пример, пред две години правев страшно голем хуманитарен ивент, така што успеав да ги натерам најдобрите сто жени на Балканот да донираат по еден свој фустан за да собереме помош за жените без работа. Сите беа шокирани како успеав да соберам толку многу познати жени на едно место, иако многу од нив не зборуваат една со друга. А тука беа буквално сите влијателни дами од областа на уметноста, книжевноста, музиката, политиката како принцезата Елисавета. Тогаш првпат заедно работеа Карлеуша и Цеца, што не се случило никогаш. И тогаш Цеца ме праша: „Боже Исидора, како успеа на сите да им земеш по еден фустан?“ Па, реков, баш поради тој мој став.
Кога ја споменавте Цеца, имаше информација дека ја пишувате нејзината биографија?
– Пред некоја година бевме со неа во една емисија и ја прашаа дали ќе пишува биографија и таа рече дека ако некогаш ја раскаже својата приказна за својот живот, тогаш ќе ја одбере Исидора. И така настана пекол, медиумите ме прашуваа кога ќе биде готова, јас ѝ реков дека е рано. Секогаш и велам дека Цеца има полуд живот од мене, а ретко кој може со тоа да се пофали. Јас мислам дека Светлана треба да напише биографија кога ќе има шеесетина години, тогаш е вистинскиот период.
Многумина би сакале да ја напишете нивната животна приказна…
– Апсолутно! Јас просто не можам да живеам од тие луѓе, што е напредок, зашто луѓето сфатија дека пишувањето е сериозен занает, и јас секогаш им сугерирам да ангажираат мој студент, а не самите да пишуваат. Тоа е исто како јас сега да поправам авиони. Но, пишување нечија животна приказна за мене не е предизвик и не ме интересира, а сега-засега можам да си допуштам да не се занимавам со тоа.

За Скопје…


– Потполно сум шокирана! Скопје е убав, волшебен, изграден, европски град. Она што ми се допадна е складот на старото и новото кој е одлично изведен што е инаку многу важно за традицијата на градот. Јас како глобтротерка само ќе ви кажам: белградскиот коњ, за овој овде, изгледа како мало ждребе, ха, ха, ха.
А што не Ви се допадна?
– А такво нешто не сретнав, можеби ми треба малку подолго време, но навистина луѓето никаде не се толку срдечни како овде.

Србинките побудалеа по „Прељуба“

Во Србија е потполна еуфорија по мојот нов роман „Прељуба“! За само 20 дена се распродадоа четири илјади примероци. Јас не знам дали има прељуба во Македонија, но со „Матица македонска“ веќе разговаравме и овој мој роман да се појави овде, бидејќи на промоцијата на Саемот на книгата во Белград се случи тотално лудило! 1.500 луѓе чекаа во ред за романот.

Македонија во „Вип трип“
Во секој број на „Вип трип“ опишуваме по една држава како туристичка дестинација и тоа го направиме во соработка со амбасадите. Сметам дека Македонија неправедно и недоволно е застапена во светските туристички мапи. Јас мислам дека Македонија има хедонистички потенцијал кој се уште не е презентиран на пошироката јавност. Кога би се направиле овде некои дионизиски тури, Македонија би станала препознатлива и егзотична држава за многумина вљубеници во патувањето.

За шапките…

Потполно сум луда по шапки и ги купував сè до еден момент кога во Истанбул видов едно парче по кое полудев, а не можев да го купам, бидејќи таму само се изнајмувале. Дури го молев Небојша да остави капар и просто да ми го украде, но тој одби. И јас тогаш ја направив мојата прва шапка. Така всушност почна моето креирање. Направив неколку ревии од Карибите до Загреб, Подгорица, и би сакала ревија да направам и овде и сигурна сум дека на Македонките би им се допаднале, бидејќи многу познати светски глави ги красат моите дела.