Јавниот простор е повеќе од физички простор низ кој луѓето минуваат. Тој носи економска вредност, промовира социјална кохезија и често нуди придобивки за животната средина и културата. Употребата на јавниот простор е форма на општествена активност, а архитектите и урбанистите кои создаваат ваков простор мора да ги земат во предвид не само конкретните активности кои ќе се одвиваат таму, туку и специфичните начини на кои различни групи на луѓе, особено жени и девојки, се социјализираат.

Нашето истражување во Тетово откри дека жените се плашат да го користат јавниот простор сами и ноќе. Ова влијае врз мобилноста на жените, поради што тие се потпираат на придружба кога одат надвор и ги ограничуваат своите активности само преку ден. Чувството на небезбедност ги спречува да користат јавен простор подеднакво. Како резултат на тоа, жените се принудени да патуваат со такси ноќе, да трошат пари за кратки растојанија кои се лесно достапни пеш, ако се чувствуваат безбедно.

Студијата се покажа како добра почетна точка за да се отвори дискусија за прашањето на родово засновано насилство во општината. Врз основа на оваа студија конкретно, заедно со неколку клучни локални актери, развивме локален акционен план за справување со родово заснованото насилство, кое наскоро ќе биде усвоен од Советот на Општина Тетово.

Акциониот план вклучува промоција на веб-алатка за пријавување на насилство на јавни места, која ќе им помогне на полицијата и на општините да ги утврдат ризичните точки во градовите за да посветат поголемо внимание на изнаоѓање соодветни механизми за промена на ситуацијата. Понатаму, резултатите од студијата ќе се применат кон создавање на нов закон за родово засновано насилство, кој се подготвува во моментов, при што нашиот тим ќе се приклучи на работната група за изработка на овој предлог. Конечно, студијата ќе ги адресира напорите на локалните женски граѓански организации за елиминација на родово заснованото насилство во нивните општини.

Според мене, сеопфатен холистички пристап е најдобриот начин да се справите со родово заснованото насилство – проблем кој е длабоко вкоренет во историјата и традицијата. Секако, првиот чекор би бил создавање на закони и политики базирани на докази и теренски податоци за фундаментално решавање на проблемот и изнаоѓање соодветни решенија. Сепак, дури и најдобрите закони не се ништо друго освен парчиња хартија ако не се целосно спроведени. Следствено, политичката волја, мотивацијата и посветеноста се клучни фактори за спречување на родово заснованото насилство и заштита на преживеаните.

Не може да се игнорира и влијанието на патријархалната култура и традиција во македонското општество. Студијата откри дека во македонското општество, делата на насилство врз жените се тривијализирани, а жените кои доживеале насилство честопати се обвинуваат дека го предизвикуваат. Со други зборови, живееме во едно општество во кое доминира културата на насилство како норма, каде што жените кои се жртви на насилство кои решаваат да бараат правда се недоверливи. Како резултат на тоа, повеќето случаи на насилство во јавниот простор не се пријавуваат во државните институции, а жените честопати избираат самозаштита (придружувани од мажи во нивните семејства и слично) наместо институционална заштита. Оттука, верувам дека инвестирањето во правна и институционална заштита би било бесцелно, освен ако државата не направи напори да го оспособи своето население (мажи и жени) да ги искористи тие заштити, особено преку образовниот процес.

Ирена Цветковиќ е извршна директорка на Коалиција МАРГИНИ, невладина организација која работи на промовирање и заштита на човековите права на маргинализираните заедници, вклучително маргинализираните жени, луѓето кои употребуваат дроги, сексуалните работници и ЛГБТИ лицата во Северна Македонија. Таа има докторат во областа на родови студии и работи на голем број истражувачки проекти од областа на социологијата, родовите студии и медиумите. Ирена беше истражувач во студијата за родово засновано насилство на јавни места во Општина Тетово, во контекст на регионалната програма на EU-UN Women за прекинување на насилството врз жените “Имплементирање на норми, менување на умот“.

Извор