Иранските власти затворија ресторан и златарски дуќан во сопственост на фудбалската икона Даеи 

101

Иранските власти ставија катанци на златарски дуќан и ресторан во Техеран во сопственост на иранската фудбалска легенда Али Даеи откако тој им се приклучи на апелите на протестантите за тридневен штрајк во земјата

„Како резултат на неговата соработка со контрареволуционерни групи кои дејствуваат на интернет за да го нарушат мирот и трговијата, ресторанот и златарскиот дуќан во сопственост на Даеи се затворени, јавија локалните медиуми, цитирајќи неименуван извор од власта. 

Претходно Даеи преку својот Инстаграм профил повика на тридневен штрајк и објави дека ги затворил своите локали. 

Даеи во ноември беше цел на закани откако јавно ги поддржа протестите кои се раширија низ Иран по смртта на Махса Амини, 22-годишна Иранка од курдско потекло, која почина на 16 септември, три денови откако беше уапсена од озлогласената иранска морална полиција. 

Даеи беше најдобар стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал до септември 2021 година кога Португалецот Кристијано Роналдо ја зграби таа титула.  Даеи, исто така, е еден од првите ирански фудбалери кои настапуваше во Европа. 

Во сезоната 1997/98 настапуваше за Арминија Билефилд, а следната ја мина во дресот на Баерн Минхен.