По кратко боледување во петокот вечерта почина проф. д-р Бојо Андрески, лидер во приватното високо образование во Македонија и основач и сопственик на првиот приватен Универзитет во Македонија, Европски Универзитет, во чијшто склоп е и Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „д-р Бојо Андрески“.

Бојо Андрески е роден 1959 година, и сиот свој живот беше човек кој имаше широки интереси и сакаше да учествува во заедницата со свој придонес. Не се штедеше себеси да овозможи светски услови за студирање на неговиот Европски Универзитет, знаеше да подаде рака и да додели стипендии поттикнувајќи ги најдобрите студенти.

Тој го поддржа, помогна и го крена на нозе весникот „Вечер“ кога тоа беше најмногу потребно.

Беше Лидер на партија на правдата, оти веруваше дека секој треба и мора да го даде својот придонес за подобра Македонија.

Секогаш ќе остане запаметен по својот претприемачки дух, цврстиот карактер, својата визија која не штедејќи се ја спроведуваше и по својата грижа за сите околу себе.

Почивај во мир голем човеку! Нека ти е светол патот. Ти благодариме.

Сочуство до сопругата и ќерките со семејствата.

Комеморација ќе се одржи в сабота во просториите на Европски Универзитет.