ИНЦИДЕНТ меѓу американската морнарица и кинески брод: Објавено ВИДЕО

85

На снимката објавена од американската морнарица, може да се слушне радио предупредување на англиски јазик упатено до кинески брод во кое се споменува „обид да се ограничи слободната навигација“, иако точната формулација е нејасна поради аудио позадината во која доминира звукот на ветрот.

Во екот на влошувањето на кинеско-американските односи, американската морнарица денеска објави видео со коментар „небезбедна интеракција“ на кое е прикажан ризичниот момент кога кинески воен брод пресретнал американски ракетен разорувач во Тајванскиот теснец.

Блиската средба дојде откако двете земји разменија обвинувања за недостаток на воени разговори и несогласувања за речиси секое главно прашање – од економијата и трговијата до Тајван и конфликтот во Украина, што ги зголеми стравувањата дека расправијата меѓу Пекинг и Вашингтон може да излезе од контрола, пренесува „Ројтерс“.

Американскиот ракетен разурнувач „Чанг Хун“ и канадскиот воен брод „Монтреал“ извршија ретка заедничка мисија во саботата во чувствителната морска област на Тајванскиот теснец, воден пат во близина на Тајван, за кој Кина тврди дека е нејзина територија.

Седмата флота на САД во саботата објави дека воените бродови „Чанг Хун“ и „Монтреал“ извршиле рутински премин низ Тајванскиот теснец „во меѓународни води каде пловидбата и прелетувањето се дозволени во согласност со меѓународното право“, а Пентагон денеска соопшти дека кинескиот воен брод го пресекол текот на американскиот разурнувач на оддалеченост од околу 130 метри.