Инцидент во Украина: Војник на национална гарда уби пет лица, има и ранети

59

Напаѓачот е Артем Рјабчук, роден во 2001 година, а оружјето го добил кратко пред почетокот на својата смена.

Припадник на украинската национална гарда од непозната причина уби петмина обезбедувачи во фабрика за оружје во централна Украина, пишува Ројтерс. Украинското Министерство за внатрешни работи соопшти дека војникот пукал од калашников, по што побегнал со оружјето, додавајќи дека војникот подоцна бил пронајден и уапсен.

Нападот се случи во четвртокот во фабрика за ракетни мотори во Днепар, додека им се издавало оружје на стражарите, се вели во соопштението. Напаѓачот отворил оган од калашников.

„Пет лица загинаа – четири војници и една жена во цивил а други пет лица се ранети“, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи.

„Мотивите уште не ни се познати, се врши проверка дали војникот се наоѓал под психички притисок“, соопшти официјално Министерството за внатрешни работи. Станува збор за Артем Рјабчук,  роден во 2001 година, а оружјето го добил кратко пред почетокот на својата смена. Во фабриката во Днепар меѓу другото се произведуваат носечки ракети, но и возила.

 

Нападот во Днепар доаѓа во време на голема тензија меѓу Русија и Украина. Руските трупи веќе некое време се позиционирани на границата со Украина, поради што многумина стравуваат од инвазија.