Интер посакува чудо, Ајакс го напаѓа ранетиот Ливерпул

77

Претпоследното коло од групната фаза во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, лесно може да се покаже како кобно за неколку тима кои важеа за фаворити во своите групи. Шпанскиот гигант Атлетико (М) нема право на кикс и мора да слави во дуелот против бранителот на тронот, Баерн (М), кој веќе обезбеди пласман во 1/8 финалната рунда. Со победа популарните „јорганџии“ ќе бидат на само пола чекор од зацртаната цел кога е во прашање групната фаза.

  • Точно дека Баерн (М) обезбеди пласман во следната рунда, но тоа не значи дека ќе дојде во Мадрид со бело знаме. Очекувам силен отпор од противникот, убеден сум дека сакаат да слават и на втората пресметка, но ние сме тие кои мора да ја уништата таквата нивна амбиција. Знаеме што треба да направиме, знаеме дека со победа ќе бидеме многу блиску до зацртаната цел, изјави капитенот на Атлетико (М), Коке.

Италијанскиот калчо гигант Интер и понатаму има теоретски шанси за да обезбеди пласман во 1/8 финалната рунда, но избраниците на Антонио Конте ќе мора да слават на гостувањето во Менхенгладбах. За разлика од „нероазурите“, домаќинот со реми ќе обезбеди пласман во следната елиминациска рунда.

  • Очекувам многу тежок натпревар затоа што сме запознени со квалитетот на противникот кој и во Милано покажа колку може да биде незгоден. Ќе видиме како ќе заврши втората пресметка, сепак ние имаме обврска да се бориме се додека постојат математички шанси да обезбедиме пласман во 1/8 финалната рунда, изјави офанзивниот бек на Интер, Матео Дармиан.

Дерби пресметка ќе има во групата „Д“, затоа што фудбалерите на Ливерпул и Ајакс имаат обврска да ги освојат сите три бода.

Денеска на програмата: ГРУПА А: Локомотив М. – Салцбург, Атлетико (М) – Баерн (М). ТАБЕЛА: Баерн (М) 12, Атлетико (М) 5, Локомотив М. 3, Салцбург 1 бод. ГРУПА Б: Шахтјор Д. – Реал (М), Борусија М. – Интер. Табела: Борусија М. 8, Реал (М) 7, Шахтјор Д. 4, Интер 2 бода. ГРУПА Ц: Порто – Манчестер С., Марсеј – Олимпијакос. Табела: Манчестер С. 12, Порто 9, Олимпијакос 3, Марсеј 0 бодови. ГРУПА Д: Аталанта – Митјиланд, Ливерпул – Ајакс. Табела: Ливерпул 9, Ајакс 7, Аталанта 7, Митјиланд 0 бодови.