„Лошо е кога човекот е сам. Ние сме дружељубиви затоа што си требаме едни на други. Напредокот на медицината и квалитетот на животот што ги добиваме се благодарение на знаењето и работата на сите оние што биле овде пред нас. Ние сме тоа што сме заради колективната врска. Затоа ме растажува кога читам во весниците дека ние сме си најголемиот непријател. Земјите, партиите, расите… тие се вештачки поделби. Еден човек од Македонија, од Чиле, од Јапонија, од Тунис… се смее и плаче за истите работи. Сите сме многу послични од тоа што понекогаш другите сакаат да веруваат дека сме“, вели за весникот ВЕЧЕР шпанскиот писател Антонио Итурбе, чија книга „Библиотекарката од Аушвиц“, која стекна светска слава, ќе биде промовирана денеска (17 часот) во “Europe house“ во Скопје 

 

Антонио Гонзалес Итурбе е писател, новинар и универзитетски професор. Роден е во 1967 година, а уште од рана возраст живеел во Барселона. Во 2006 година ја објавил својата прва книга „Rectos torcidos“ и го напишал серијалот за деца „Los Casos del Inspector Cito“, кратки приказни што му ги читал на синот пред да заспие. Негова најпозната книга е „Библиотекарката од Аушвиц“, (македонско издание на „Бата прес“), со кој стекна светска слава, беше и најпродаван роман според „Сандеј тајмс“. Неговите книги се преведени на повеќе од триесет јазици.

 Покрај пишувањето, Вие сте и новинар. Во Македонија е исто така многу вообичаено во исто време да се биде и во двете професии. Дали и романот „Библиотекарката од Аушвиц“ произлезе од новинарско истражување?

Кога првпат прочитав дека постоела мала библиотека во Аушвиц, тоа го предизвика писателот во мене. Но, исто така, ја разбуди и љубопитноста на новинарот во мене, како паричка со две лица. Мојот радар на новинар почна да истражува како било можно во најужасниот хорор некој да чува нешто толку неверојатно непотребно како неколку книги. Барав документи, читав есеи од тој период, отидов во „Аушвиц“ и во Прага… и сите тие информации беа важни. Всушност, мојата првична идеја беше да напишам есеј, кратка книга што не е фикција. Но, кога веќе имав напишано стотина страници сфатив дека студенилото на податоците на може да ги опише болката, неизвесноста и надежта на тие моменти кога животот и смртта се борат во секоја секунда. И тука се појави писателот и излезе оваа книга.

Главен лик во Вашиот роман „Библиотекарката од Аушвиц“ е Дита Краус, храбра и решителна млада девојка која си го ризикува животот за да ги спаси книгите. Колку книгите се важни во нашите животи?

Во мојот живот книгите имаа многу важна улога. Потекнувам од скромно семејство и пораснав во скромна населба каде што немаше многу работи. Кога отворија библиотека во моја населба осетив како да се отвори врата кон еден нов свет. Јас сум едноставна личност, не сум храбар, ниту пак ништо посебно, но читањето ме однесе на неверојатно места и во извонредни авантури. Читањето го направи мојот живот посебен.

Приказната е заснована на вистински настани, раскажани од Дита Краус. Што е вистина во приказната? Што е фикција?

Сите ликови се вистински или комбинација од вистински ликови, освен еден. Има еден лик што на некој начин ме претставува мене во романот: професорот Моргенстерн. Тој кажува нешто што јас би сакал да го кажам затоа што на тоа ме научи возрасната Дита Краус: нашата омраза е нивна победа. Тие се неверојатно моќни и претерано сурови, а ќе победат ако успеат да нè сменат.

Како дознавте за Дита и како стапивте во контакт со неа?

Како и најдобрите нешта во животот, сосема неочекувано. Знаев дека младата библиотекарка во кампот се викала Едита, затоа што тој податок во една книга го кажува Нили Керен, експерт за холокаустот. Ја следев трагата на еден роман објавен на англиски јазик и насловен „Обоениот ѕид“, напишана од некој што бил во „Блок 31“, каде што се наоѓало училиштето и библиотеката на заробениците. Многу беше тешко да се најде таа книга, но пронајдов еден веб-сајт, каде што можеше да се нарача. Напишав порака и сфатив дека личноста што ми одговори се потпишува Дита. Тоа беше истата личност што ги делеше книгите во барака во Аушвиц, но на 80 години!

Дали сè уште комуницирате?

Постојано се допишуваме и неколкупати се сретнавме. Последниот пат беше во Прага, пред летото. Дита има 93 години и нозете не ја служат како што би сакала, но паметот ѝ е десет пати појасен од мојот. Таа е неверојатна жена.

 

Има многу лекции што може да се извлечат од книгата. Колку е важно да се држиме заедно, да си помагаме и да не се откажуваме?

Лошо е кога човекот е сам. Ние сме дружељубиви затоа што си требаме едни на други. Напредокот на медицината и квалитетот на животот што ги добиваме се благодарение на знаењето и работата на сите оние што биле овде пред нас. Ние сме тоа што сме заради колективната врска. Затоа ме растажува кога читам во весниците дека ние сме си најголемиот непријател. Земјите, партиите, расите… тие се вештачки поделби. Еден човек од Македонија, од Чиле, од Јапонија, од Тунис… се смее и плаче за истите работи. Сите сме многу послични од тоа што понекогаш другите сакаат да веруваат дека сме.

Има многу пофалби за вас што пишувате книги за деца. Заслуживте и престижни награди. Пишувате и книги за возрасни. Во кој жанр сте најзадоволни да пишувате?

Мислам дека немам фаворити, јас сум татко што ги сака сите свои деца. Кога работам нешто, се внесувам во тоа. Ако пишувам детска книга, ќе ѝ посветам помалку време отколку на романот за возрасни, но посветеното време ќе биде целосно. Верувам дека литературата не може да се пишува со половина сила, или сè или ништо. Дури и кога пишувам електронска порака, тоа го правам со сета сила.

Има многу филмови кои се базирани на трагедијата на Евреите во „Аушвиц“. Има ли планови во иднина Вашиот роман да се претвори во филм?

Имаше предлог, но сè уште не е реализиран. За да напишам книга потребна ми е само една тетратка, компјутер и две или три години пред мене. Понекогаш четири. Но за да се сними филм потребна е огромна екипа, машинерија, специјалисти, сценарио, музика, актери, монтажери… Тоа е неверојатно тешко и скапо. Но, се надевам дека еден ден ќе го видиме „Блок 31“ на екран.

Дали некогаш сте биле во Македонија и дали познавате некој писател од оваа земја?

Ова ми е првпат да дојдам во Македонија и ќе биде патување за учење. Многу ми се допаѓа поезијата на Наташа Сарџоска, ми се чини длабока и нежна, оддалечена од вештачкото и полна со вистина. Таа е единствената писателка што ја знам. Се надевам дека ова патување ќе ме доближи до македонската книжевност. (Д.Т.)

Превод: Марија Пандева

Фото: Asís Ayerbe и Darío González