ИНТЕРВЈУ СО ТИМЧО МУЦУНСКИ, КАНДИДАТ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА АЕРОДРОМ: Аеродром ќе биде општина за пример во Македонија

Тимчо Муцунски, кандидат за градоначалник на Општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија, на овие избори настапува со сериозна програма, како што ја нарекуваат програма од 1 до 101, која ги опфаќа сите категории. -Луѓето кои живеат во Аеродром заслужуваат многу подобра иднина. Ќе инвестираме во младите и нивниот развој, во изградба на нови игралишта и нови велосипедски патеки. Аеродром ќе има свој мултимедијален центар со театар и кино, со хаб за младите претприемачи, што во целина ќе доведе до забрзан економски просперитет во општината и ќе придонесе за нејзиниот непречен развој, вели за весникот ВЕЧЕР, Муцунски

303

Тимчо Муцунски, кандидат за градоначалник на Општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија, на овие избори настапува со сериозна програма, како што ја нарекуваат програма од 1 до 101, која ги опфаќа сите категории. Тој е професор на Правниот факултет Јустинијан Први, и вели дека со задоволство ја прифатил понудата за кандидат за градоначалник и дека има што да им понуди на аеродромци.

-Навистина е посебна чест, привилегија и задоволство да бидете кандидат за градоначалник на Општина Аеродром и доколку бидам избран ќе се обидам на најнепосреден начин соодветно да ги претставувам интересите на граѓаните и заедно со советот и администрацијата да ги решаваме прашањата кои припаѓаат во областа на локалната самоуправа. Во изминатите денови поминав во секој дел на општината и сретнувајќи се со огромен број на луѓе би можел да го произведам заклучокот дека силно ги почувствував нивните очекувања и реална потреба за промени што би значеле поинаква и транспарентна комуникација и потреба за поефикасно практично решавање на проблемите со кои тие се соочуваат на секојдневна основа.

Искрено се надевам дека промените кои следат ќе донесат забележителен просперитет и ќе го зголемат ентузијазмот на жителите на Аеродром. Сведоци сме дека во изминатите 4 години, Аеродром беше една од најзагадените општини, безмилосно продолжи неговата бетонизација, се мултиплицира проблемот со паркирањето и останаа редица други нерешени прашања, кои за жал се провлекуваат со години наназад, вели Муцунски.

Таквиот пристап и начин на решавање на проблемите е недозволиво, ја покажува реалната вистина за претходните нечинења и немање на вистински капацитет и желба за реализација на она што се ветувало во текот на политичките и предизборни кампањи. Ветувам, додава тој, дека таквиот пристап ќе биде променет со ефикасно, одговорно и транспарентно работење.

Што е она што им го нудите на аеродромци во оваа програма?

Во нашата програма 7 од 7 наведовме проекти кои ќе бидат причина во недела моите почитувани сограѓани поедноставно да се одлучат и да го заокружат бројот 7. Од Острово и Мичурин до Долно Лисиче, нудиме проекти и развој за едно многу похумано живеење. Предвидуваме изградба на градинки, планираме нови 100.000м2 зелена површина, кој е реален и остварлив проект што ќе се реализира во урбаниот дел на Аеродром. Ќе донесеме ДУП за Горно и Долно Лисиче, со што ќе ги решиме заостанатите проблеми од минатиот век. Луѓето кои живеат во Аеродром заслужуваат многу подобра иднина. Ќе инвестираме во младите и нивниот развој, во изградба на нови игралишта и нови велосипедски патеки. Аеродром ќе има свој мултимедијален центар со театар и кино, со хаб за младите претприемачи, што во целина ќе доведе до забрзан економски просперитет во општината и ќе придонесе за нејзиниот непречен развој

Ветувате општина со 0 корупција? Дали ќе има ревизии на работењето, и на што ќе се насочите веднаш?

Аеродром ќе биде општина со 0 корупција, и ќе биде со 0 дополнителен трошок за семејствата за градинка и училиште. Сведоци сме на досегашната пракса која на преден план ги заштитувала личните интереси на мал број поединци и сакам да најавам дека ние ќе воспоставиме нова пракса и ќе покажеме дека со домаќинско работење може да се постигне далеку повеќе. Ќе започнеме со изградба на нови и реконструкција на старите градинки и ќе работиме веднаш на решавање на проблемот со загадувањето на општината. Од Аеродром ќе почнат промените на владеењето во Македонија.

Што е она што сакате да им го кажете на аеродромци?

Аеродром ќе биде модерна, зелена и многу поубава општина. Ветувањата тежат, а ние се обврзуваме дека целосно ќе ги реализираме. Би сакал да ги повикам сите аеродромци и лисичани во недела, масовно да го искористат нивното гласачко право и да ни ја дадат довербата, бидејќи се обврзуваме дека ќе им возвратиме со силна, стручна и посветена работа во нивни интерес и добробит на нашата општина. Аеродром заслужува и мора да биде лидер во одговорно работење и нов начин на владеење. Аеродром ќе биде достапна за сите граѓани, кои своите проблеми и барања ќе можат на најнепосреден начин и континуирано да ги дискутираат со нас и со мене. Чесно, транспарентно и отворено за наш Аеродром.

(Р.В.)