„Не само македонската туку и целата балканска кинематографија треба да излезе од стереотипите, на поствоен, постсоцијалистички, транзиционен период, економска и морална криза, заедничка депресија. Точно е дека и селекторите на западноевропските фестивали нè насочуваат кон тоа клише. Тие очекуваат таква приказна од Балканот. Но за нас и не беше најважно што мислат и што очекуваат Европејците од нас. Сакавме да раскажеме урбана приказна. Сакавме да покажеме едно поинакво Скопје, кое за жал сме го подзаборавиле“, вели продуцентот на филмот „Ефектот на среќата“ Сашо Пешев за весникот ВЕЧЕР

Филмот „Ефектот на среќата“ носи урбана приказна за млада девојка која се соочува со неизлечлива болест и претставува едно освежување во македонската кинематографија (визуелно, и на наративно ниво). Колкава е улогата на продуцентот во крајното естетско обликување на еден филм?

Мислам дека тоа е на индивидуално ниво. Сум соработувал со продуценти кои се внесувале комплетно во естетскиот дел, имале став за секое прашање, но има и продуценти кои сметаат дека таа работа е повеќе во доменот на режисерот, актерите, директорот на фотографија… Јас во продуцентството доаѓам со бекграунд од работа во медиуми и комуникации. Мислам дека во тој дел беше мојот најголем креативен импакт врз филмот. На што мислам конкретно? Пред сè, да направиме производ кој ќе комуницира со публиката, јасно ќе ја пренесе пораката и емоцијата, и на крај и најважното според мене, да биде гледлив.

Режисерот Борјан Зафировски посочи дека филмот е естетски бунт против депресивната балканска кинематографија, а продукцијата решила да одбие да ја „продава“ бедата на нашата земја и да се фокусира на позитивните естетски елементи. Сметате ли дека македонската кинематографија треба да „заврти нова страница“?

Не само македонската туку и целата балканска кинематографија треба да излезе од стереотипите, на поствоен, постсоцијалистички, транзиционен период, економска и морална криза, заедничка депресија. Точно е дека и селекторите на западноевропските фестивали нè насочуваат кон тоа клише. Тие очекуваат таква приказна од Балканот.

Но за нас и не беше најважно што мислат и што очекуваат Европејците од нас. Сакавме да раскажеме урбана приказна. Сакавме да покажеме едно поинакво Скопје, кое за жал сме го подзаборавиле. Филмот изобилува со естетика од постземјотресно Скопје, онаа прекрасно брутална постмодерна архитектурана Кензо Танге. Скопје е претставено со целиот свој сјај на метропола, со своите скриени места за душа, град со забава и луѓе со своите среќни и тажни, лични приказни како и во секој агол на современиот свет.

Го продуциравте и „Луѓе без земја“ во режија на Марко Ѓоковиќ. Какво искуство ви донесе работата на овој играно-документарен филм, но и сега на вашиот прв долгометражен игран филм „Ефектот на среќата“? Што ве привлече кон големото платно?

Целиот свој живот и професионална кариера јас сум во креативните индустрии. Започнав во 80-тите како графички дизајнер, потоа седум години работев како телевизиски новинар, и некако најмногу се задржав во адвертајзингот. И никогаш не сум излегол од продуценството, само што се менувале формите.

Сепак филмот, посебно играниот, е голем предизвик и пред сè тешка и скапа игра. Дури и за мене кој сум навикнат на луѓе и проблеми. Се работи за менаџирање во исто време на стотина креативни луѓе, со изразени лични ставови, голема самодоверба и специфични карактери. Нив не можете така едноставно да им наложите или да им забраните нешто. Бара огромна трпеливост и знаење.

Но сепак на крајот, после емитувањето на филмот, кога ќе ги видите и чуете ракоплескањата и по некоја солза, доаѓа сатисфакцијата за сиот напор и стрес. Впрочем, создавате нешто што ќе ве надживее.

Што, според Вас како продуцент, е неопходно или важно за да се направи добар и успешен филм, освен финансиите?

Една од работите со кои Македонија кубуреше изминативе години се добри сценарија. Не знам дали за тоа се виновни факултетите кои не продуцираат и не произведуваат добри и храбри писатели, дали образовниот систем не ја форсира креативноста и индивидуалноста? Веројатно и двете, но реалноста е дека во Македонија тешко се наоѓаат добри сценаристи со добри сценарија. А факт е дека секој добар филм почнува од доброто сценарио. Мислам дека понатаму другите проблеми се помали. Финансии се наоѓаат. Иако Македонија нема голем број на филмски работници, сепак тие што ги има, се квалитетни, вклучувајќи тука и актери и режисери.

Неодамна од Агенцијата за филм беше поддржан и вашиот нов филмски проект со работен наслов „Осветлен“, во режија на Срѓан Јанаќијевиќ, а по сценарио Сашо Кокаланов (долгометражен игран филм со македонски мнозински удел). Која беше провокацијата за да го продуцирате овој проект?

Срѓан и Сашо дојдоа кај мене со една сосема оригинална идеја и комплетно иновативен начин на раскажување на филмска приказна. Сè уште се наоѓаме во рана фаза. Сакаме на почетокот да го „допегламе“ сценариото. Во фаза сме во која разгледуваме опции за соработка со скрипт доктор за да го доведеме одличното сценарио на Сашо Кокаланов до перфекција. Сепак се работи за многу рана фаза на претпродукција. (Н.И.Т.)

Македонскиот анимиран филм „Пајни: осамената елка“ и на Нетфликс

Анимираниот краток филм „Пајни: осамената елка“, чиј продуцент сте, а комплетната анимација и продукција ја изработи македонската компанија „В Хаус Анимејшн“, по сценарио и режија на тандемот Тимоти Хутен и Тод Едвардс, имаше холивудска премиера. Кога ќе може македонската публика да го види филмот?

Посебно сум горд на „Пајни: осамената елка“. Тоа е наш прв получасовен анимиран филм, целосно изработен од нашето студио. Не знам дали е и прв во македонската кинематографија, но сепак и како македонска креативна индустрија треба да сме среќни и горди што успеавме да создадеме производ рамен со квалитет на најдобрите американски студија кој имаше холивудска премиера со големи ѕвезди од нашата индустрија како гости. Делот на комерцијалната експлоатација на филмот е оставена на американските партнери. Во овој момент колку што ми е познато, се преговара со најголемите стриминг платформи како Нетфликс, Амазон и другите, а набргу ќе биде достапен на некоја од нив.