Интервју со режисерката Теа Беговска: За каква култура да зборуваме кога главни ѕвезди се политичарите

994

Теа Беговска (29), по дипломирањето како театарски режисер, доминантно твори во алтернативни простори, создавајќи ги авторските проекти „Тишина”, „Контрола”, „Кафе без цигари”, „Гледај, чувствувај, слушај” „Актер Човек”. Од 2014 е вработена во Драмски театар, а во моментов го подготвува и нејзиниот нов музичко-театарски перформанс во Јавна соба. Таа за весникот ВЕЧЕР зборува за алтернативен театар, шансите за работа на младите режисери и актери…

Почнавте со подготовка на музичко-театарски перформанс. Кажете ни нешто повеќе за проектот.

Поради договорот кој го имаме со продуцентот не би можела многу да откривам. Oва не е проект одобрен од некој, ниту пак има буџет добиен од некаде. Идејата се случи спонтано во еден неврзан разговор. Проектот во кој ќе учествуваат невработени актери се реализира на моја и иницијатива на Јавна соба (Public Room), кои несебично ја поддржуваат алтернативната сцена и младите актери.

Го завршивте кастингот. Задоволни ли сте од резултатот?

Првпат кастинг за алтернативен проект направив пред 4-5 години кога работев претстава во автобус -„Контрола”. Тогаш се појавија многу нови актери. Направивме претстава без никакви финансии со 17 млади актери, ја одигравме 30-ина пати, зедовме и награда на фестивалот „Ристо Шишков”. По толку години се решив повторно за кастинг, сега го ограничив пријавувањето само на невработени дипломирани актери. Реално колку често има кастинзи кај нас? Мора тоа да им стане секојдневие на актерите, дел од работата, а јас се трудам да ги правам колку што можам да си дозволам. Презадоволна сум од кастингот и кандидатите. Не можам да ги откријам имињата, но имаме една убава, млада и борбена талентирана екипа. За мене огромна чест е актер да се пријави на кастинг за алтернативен проект, тоа останува во мојата меморија како почит.

Им давате шанса на младите актери. Дали Министерството за култура препознава и финансира проекти на млади режисери?

Не сум тип на режисер кој работи со „своите”. Сакам да експериментирам, да запознавам нови ликови. Кај мене нема „врски” за кастинг. Сакам да ја видам борбата на актерот, неговиот сјај да се покаже и докаже. Да бидам искрена, до сега сум аплицирала во Министерството само неколку пати за алтернативен проект, не сум добила, но сум го сработила проектот. Од моето дипломирање до денес сработив 8 алтернативни претстави, ова е веќе деветти проект. Сите биле играни, гостувани на многу места, некои од нив имаат и значајни награди. Посебно сум горда на последниот проект „Актер Човек“, кој е на репертоар во друга држава, во Косово. Си велам барем некој до сега да ја забележеше нашата работа, па да му текне да финансира некој наш проект. Но, јас не се плашам од тоа дали некој ќе ми даде пари или не. Секогаш сум наоѓала простор и екипа што сака да работи. Ние не чекаме Министерството да ни даде шанса. Сметам дека не даваат доволно шанси и финансии или, пак, им даваат цело време на истите. Какви млади актери, млади режисери, јас не ги гледам реалните шанси.

Дел сте од македонската алтернативна сцена, претстави надвор од институциите. Опишете ги предизвиците…

Предизвици, проблеми, пречки… Секој алтернативен проект бил на работ да не се оствари, се навикнав на тоа. Многу упорност, труд, волја и огромна желба. Се сеќавам кога работев на „Контрола”, немав пари да стигам на проба, се шверцав во автобус, па ме фатија контролорите. Јас им раскажав каде одам и дека токму  за нив подготвуваме претстава. Не ги интересираше, но се снајдов некако, си ја платив казната и заминав на проба. Сме имале проби дури и на сред улица. Сме давале пари од свој џеб за гостувања, сме се снаоѓале. Има еден куп случки во кои ме водела само една мисла – мора да ја направиме претставата. Имав поддршка од сите околу мене, не сакав да ги изневерам актерите и нивните очекувања, а пред сè не сакав да се изневерам себеси. Чувството на сработено, на премиера не се опишува. Подготвена сум да одам до крај, алтернативата ме направи похрабра, посамоуверена и ме научи проблемите да ги решавам со леснотија, а не со нервоза.

Наскоро ќе има резултати од Конкурсот на Министерството за култура. Очекувате ли проект и дали нешто ќе се промени по двете години катастрофалното распределување на средствата?

За жал, мојата институција досега немаше слух за моите проекти што ги нудев, а во текот на годините работев разни административни, архивски работи, асистирање. Секогаш некако моите проекти не поминуваа. Не знам веќе во кого да ја барам вината. Работам, тоа се гледа, тука никој не може да ми каже ништо. Не сум човек што се бутка и на други начини да добива нешто. Притоа не застанав со работа и со алтернативата. Го сакам Драмски, има своја историја, актери со кои сакам да работам. Но не само за мојата институција, јас се утепав од аплицирање со проекти во сите институции и не сум добила во последните години. Аплицирав и за оваа програма, но што да очекувам? Две години по ред добиваат истите режисери. Затоа верувам само во тоа што го работам и нема да престанам без разлика на сè. Да бидеме реални, кои млади режисери, кои млади актери? Бесмислено ми стана да зборувам за шансите. Гордо ќе кажам дека шансите си ги дадов сама. Во суштина тешко е да дојдеш до разговор да си ја објасниш идејата и некој тоа да го чуе и да даде издржан коментар, а камоли пак да дојде до пријавување на проектот. Јас сум реална, не летам во облаци дека нешто ќе добијам. За време на една политичка структура режираат едни, за време на друга режираат други, тоа е факт. Не сум била ни со едните ни со другите. Некогаш сум имала среќа, некогаш со многу труд и работа сум добила некој проект. Нашата генерација е уништена, стана рамнодушна. За каква култура сакате да зборуваме кога главни ѕвезди ни се политичарите.

Според Заводот за статистика лани, вкупниот број на претстави и посетители во професионалните театри е намален во однос на претходната година. Во аматерските театри, пак, бројката е зголемена. Како би го коментирале ова?

Долго време сме во константна криза. Браво за аматерските театри. Не можам да говорам за квалитетот, но зголемените проценти се сериозни бројки. Ситуацијата во театарот е очајна, помалку или повеќе. Некои театри си продолжија со истото темпо на работа, на некои им се зголемија проблемите. Очајна станува ситуацијата во моментот кога се даваат проекти пошто-зашто, на овој на оној. Некои се однесуваат како театарот од дома да си го донеле, како од нив да почнува сè. Искрено и самата многу ретко одам во театар во последно време. Кога можам да си дозволам гледам претстави надвор од нашата држава, за да бидам во тек. За кого се прават тие претстави? Изгубивме критериум по секој основ. Секој се меша каде што не му е местото. Не е воопшто лесно да ја донесеш публиката во театар. Да реши човекот дека треба да излезе од дома и оди да потроши 2 часа квалитетно време. Се занимаваме со баналности, немање струја по театрите, греење, услови. Како да стигнеме до тоа да дискутираме за квалитетот на претставите кога некои од театрите немаат нормални услови за работа. (Н.И.Т.)