Интервју со Ратко Зоков, лозар од Кавадаречко:За десет години во Македонија нема да има ниту еден лозар

1397

За проблемите со откупните цени, за тоа каква е состојбата во регионот со цените на грозјето и дали од оваа стопанска гранка може пристојно да се живее во Македонија, разговаравме со Ратко Зоков, лозар од Кавадаречко. Тој има 6 хектари, 5 со трпезно грозје и еден хектар со винско грозје, па вели дека едно семејство може да функционира нормално со 5-6 хектари, но не и со помалку, затоа што има многу трошоци

Дали сметате дека откупните цени на грозјето и годинава се многу ниски и оти винарниците манипулираат со шеќерните единици?

-Сметам дека цените се ниски, во споредба со Србија, Црна Гора, БиХ каде што се повисоки, дури и во Албанија цените на грозјето се повисоки од Македонија. Кога се во прашање шеќерните единици, винарниците најчесто прават како што сакаат, прават сè само да ја симнат цената на грозјето, а шеќерните единици и така не се многу важни. Во Словенија се бараат 14 малигани, а тука кај нас се бараат 19 или 21, а тоа е недостижно, едноставно не може да се дојде до такви малигани. Ова се само дел од главните проблеми на лозарите.

Во врска со цените дали сметате дека лозарите треба да ги знаат однапред пред почетокот на откупот, а не тие да се одредуваат откако ќе почне откупот?

– Сите си правиме економски есап, дали е исплатливо, дали не е исплатливо, дали да инвестираш во ѓубриво, дали да купиш поквалитетни препарати. Ако не ја знаеш цената, не знаеш како треба да работиш. Ако има убава цена за грозјето, нормално дека ќе се инвестира во поквалитетни препарати. Има „кантус“, кој е 6.000 денари, а во споредба со 10 денари за килограм грозје не е исплатливо. Нема логика да користиш поквалитетни и поскапи препарати кога цената на грозјето е толку ниска. Затоа е потребно однапред да се знае цената и тоа по можност една година однапред. Така, на пример, сега треба да се знае цената за следната година и така ќе знаеме како треба да работиме.

Каква е состојбата во соседството, дали и таму лозарите се соочуваат со исти проблеми како нашите и дали винарниците им ги диктираат откупните цени?

-Колку што имам информации од други луѓе, цените се повисоки. За килограм „вранец“ се даваат 18 денари, а во Црна Гора цената може да достигне и до едно евро. Само кај нас има ваква ситуација, која е погубна за лозарите, а корисна за некој друг. Винарниците помеѓу себе се договараат за најниската цена и така им го земаат грозјето на лозарите. Повеќе нема млади лозари, сите се стари и најдоцна за 10 години ќе нема ниту еден лозар, затоа што нема млади кои ќе ги заменат старите.

Дали субвенциите што ги добивате од Владата ви ја надополнуваат разликата во откупната цена, онаа што ја нудат винарниците и онаа што за лозарите е економски прифатлива?

-Субвенциите се добар стимул, не станува збор за нешто лошо и тие можат да покријат добар дел од фиксните трошоци на лозарите. Од друга страна ги имаме цените кои се многу ниски и според мене, најдобро е да нема субвенции, но цените да бидат нормални. Во една таква ситуација ќе имаме многу лозари кои ќе се откажат, а тие кои ќе останат ќе ја дигнат цената на грозјето и тогаш за секој ќе има достоен живот. Моментално има многу грозје и се знае дека сите ќе добијат по малку и на тој начин се намалува цената.

Дали лозарството е профитабилен бизнис во државата. Дали од оваа стопанска гранка може да се живее и колку хектари лозови насади се потребни за да може да се заработи?

-Јас моментално имам 6 хектари, 5 се трпезно, а еден хектар е винско грозје. Од трпезното не се бараат малигани, а има цена од 20 до 30 денари и тоа е добра цена ако сакаш да опстанеш како лозар. Не можам да се пожалам, има доволно за мене и за моето семејство. Едно семејство може да функционира нормално со 5-6 хектари, но не и со помалку, затоа што има многу трошоци.

Со новиот Закон за вино малите визби ќе можат да се регистрираат и да го продаваат своето вино и ракија и во маркетите. Дали ова ќе им овозможи солидна заработувачка на лозарите?

-Мое мислење е дека станува збор за добар закон затоа што досега не беше возможно да се продава по маркети и ресторани. Исто така имаше и акциза, мислам дека беше 10 денари. За мене ова е добар закон кој може да ја придвижи нашата работа во позитивна насока. Домашната ракија беше забранета во рестораните и не беше дозволено да се продава по пазарите. Да се надеваме дека ќе дојдат подобри времиња за лозарите, а времето ќе каже дали законот е добар или лош.

Зоков , исто така е корисник на средства од европските фондови кои ги искористил за земјоделска механизација и кои многу му помогнале во развој на неговиот бизнис. Затоа ги охрабрува и другите земјоделци да аплицираат, бидејќи ништо не можат да загубат туку можат само да добијат.

Марио Сотировски