ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р ПАНОВСКИ: Прогнозата за 2.000 заболени може да се реализира веднаш, 500 починати дневно е апсолутно нереално!

4230

Елизабета АРСОСКА

Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ

Влегуваме во најкритичната фаза од пандемијата, кога бројот на новозаболени енормно расте, а застрашувачка е и бројката на починати. До кога ќе може здравствениот систем да го издржи притисокот од напливот на заразени и заболени пациенти?

Сега е на граница на издржливост во смисла на простор и опрема, но здравствениот кадар е исцрпен и дефицитарен. Кревети тешко се наоѓаат,  медицински персонал уште помалку. Мислам дека бројката е стабилизирана на 1.000-1.400 нови позитивни дневно веќе неколку недели. За жал, парадоксално, високиот број на починати е оној што ослободува кревети за новите случаи, па заедно со оздравените, кои сега се во се поголем број, бидејќи изминаа цел месец од кога имаме многу нови случаи, се надевам дека ќе го спасат системот од тотален крах.

На што се должи оваа состојба? На недоволно силен здравствен систем или на несовесни граѓани? Здравствените власти убедуваа дека со сегашните мерки, резултатот ќе биде видлив за две недели. Времето помина, а бројките се сè поголеми. Каде се греши?

Недисциплината е релативна работа. Имено, се смета дека дел од Европа, пред се В. Британија, Франција, Шпанија, Белгија, Италија и особено САД, тешко ја надминуваат кризата, пред се поради навиките на младите, па и повозрасните вработени, да не се откажат од своите секојдневни навики, било да е тоа рекреација, пиење кафе итн., односно не е толку недисциплина, туку феномен наречен  „функционална себичност“. По цена да се разболат, не се откажуваат од секојдневниот живот. Ранливите групи и нивната заштита не се нивна работа. По тоа овие земји драстично се разликуваат од Азија, пред се Далечниот исток, па дури и од Африканските земји. Дел од населението кај нас се однесува вака, дел се уште не верува во вирусот. Кај нас, во септември особено затаи контролата. Преполни автобуси, комбиња, свадби, концерти и журки, па имавме висок старт на почеток на вториот бран, па за само две недели бројот на нови случаи скокна од 200 на 1000.

Докажана е една мутација D614G, која овозможува поголема трансмисивност (преносливост) на вирусот, односно тој не е повирулентен (посмртоносен), туку полесно се шири. Сепак, главна причина за есенскиот бран, како и кај сите респираторни вируси, е студеното време. Луѓето се прибраа внатре, ги затворија прозорите, сакале, не сакале, мораа да го направат тоа и можноста за ширење се зголеми во просек за 20 пати. Имено, надвор, ветерот и огромниот волумен на воздух, го разредува вирусот. За инфекција со ковид-19 потребна е инфективна доза, или количина на вирусот, таа многу тешко се постигнува на отворено, тешко при отворени прозорци и проветрување, но лесно во затворени, непроветрени простории, во кои престојуваат многу луѓе. Да не го заборавиме и јавниот транспорт, во смисла на одење и враќање на луѓето на работа, носење на децата во градинки, училишта, спортски тренинзи итн.

Мерките што се донесоа беа благи, со приоритет да се заштити бизнисот, па изгледаа и нелогични, односно го иритираа населението, мене посебно. Работите се наопаку поставени. Се бараат задолжителни маски таму каде вирусот многу тешко или воопшто не се шири, на отворено, а не требаат маски каде што се шири, на пример во угостителски објекти. Се додека дисциплината на народот ја проценуваме според тоа колку луѓе излегле во парк, на кеј, или на Водно, на еден сончев ден и чист воздух и додека вниманието на полицијата е свртено таму, ефектот ќе биде нула. Надвор, кога сте сами, маската е непотребна, внатре во мал непроветрен простор, каде се зборува и се престојува со часови, ниту маските штитат потполно. Вирусот се шири таму каде што не го гледаме, каде што нема или е невозможна контролата, дома, на работа, во фабриките, во јавниот и приватниот транспорт, така да лично јас од мерките не очекував никакво намалување на бројот.

Може ли да се претпостави колкави би биле бројките на заразени и починати доколку вирусот продолжи со истава јачина? Во јавноста може да се прочита се и сешто, па дури и застрашувачки прогнози дека  ќе достигнеме бројка од по 2000 позитивни дневно и по 500 починати?

Бројката од 2.000 може да се постигне веднаш, само е потребно во еден ден да се направат 5.000 тестирања. Бројката од 500 починати дневно е апсолутно нереална. Никакви мерки да нема, таа бројка кај нас не би се постигнала. Се надевам дека нема да отиде никогаш над 50 дневно. Лично, не очекувам голем пораст, а по месец дена очекувам благо опаѓање на дневните бројки, континуирано во следните два месеци. Ова под услов да нема полициски час и подолги карантитни. Ако има такви силни рестриктивни мерки, тогаш за две недели бројот на нови случаи ќе се преполови, ќе се растовари здравствениот систем, ќе се намали бројот на смртни случаи, а ќе се продолжи траењето на пандемијата, бидејќи колективниот имунитет побавно ќе се создава.

Болниците низ државава се соочуваат со недостаток на медицински кадар, па оттаму идејата на Министерството за здравство да ангажира студенти кои би се вклучиле во лекувањето во тријажните центри. Каков е вашиот став по ова прашање, може ли тие со куса обука да одговорат на таков сериозен предизвик?

Секако дека можат ако се под надзор на специјалист и ако не се најдат во состојба сами да носат одлуки, туку само да помагаат. Прашањето е зошто само студенти ако има 250 невработени лекари пријавени на Завод за вработување, па и околу 1000 медицински сестри? Зошто не сите? Дали поради тоа што студентите ќе работат без пари, а невработените ќе треба да се вработат и да се платат?

Не знам кој ја измислил лудоста сумамедот да се дава во двојна доза?!

Реагиравте на терапијата што ја препишуваат на болните од ковид 19. Ако антибиотиците се препишуваат како бонбончиња, која терапија би била најефикасна? 

Не реагирав само за болните од ковид-19. Пред се реагирав на терапија или превентива кај здравите ковид-позитивни. Точно е дека немаме протоколи за лекување на ковид-19 на примарно ниво, а за болничко лекување велат дека има, но не се објавени. Давањето на лекови треба да има логика. Кај лесна вирусна инфекција не се даваат никакви лекови, кај поизразени симптоми се даваат аналгетици, антипиретици, витамини. Да го земеме на пример грипот, било сезонски или пандемиски. Само кај трудниците, постарите и хронично болните се препорачува „оселтамивир“ (тамифлу), антивирусен лек. Високата температура кај грипот трае три дена, ако не се спушти четвртиот ден, можеби не бил грип или е компликација од бактерии, односно пневмонија. За пневмонија, која се јавува по вирусна инфекција постои национален водич на веб-страницата на Министерството за здравство. Таа треба да се почитува и за оваа болест. Таму пишува како се препознава и како се третира пневмонија. Таму лек за лекување пневмонија дома е „амоксиклав“. Каков би бил на пример протокол за лекување на ковид-19 дома, кој требаше да го имаме пред пет-шест месеци, а да има логика? На пример таблети „фавипиравир“ кај ризични групи, постари, со коморбидитети. За вирусна инфекција или се остава организмот сам да ја совлада, кај здрави помлади лица, или првите денови се дава антивирусен лек каков што е „фавипиравирот“, кој е прифатен во 32 земји во светот и е релативно евтин, односно 50 до 100 пати поевтин од „ремдесивирот“, кој го набави нашата Влада една недела пред СЗО да го прогласи за безвреден. Антибиотик се дава само ако болеста помине во бактериска пневмонија, а тоа се случува кај 2-3 % од позитивните. Значи до сега би требало на 60000 позитивни, пневмонија да добиле 1200 до 1800 лица. Таа се докажува со преглед, рендген, лабораторија. Според тоа, антибиотик би требало да примат 1200 до 1800 лица, еве нека се даваат и кај сомнителни, нека бидат 5.000 лица. Но, ние само од 17 до 24 ноември имаме 8000 рецепти азитромицин (сумамед), а за целиов период над 300.000 пакувања од овој лек, и уште едно 200.000 од „цефиксим“ (панцеф), „моксифлоксцин“, „левофлоксацин“ и „цефподоксим“ (трицеф), повеќе во однос на минатата година. Покрај тоа што овие лекови се даваат непотребно, тие се даваат и неправилно. Праксата, не знам кој ја измислил оваа лудост, „сумамедот“ да се дава во двојна доза, која не е дозволена дури и од производителот, ја прели чашата, не можев да премолчам. Па истиот лек се комбинира со „моксифлоксацин“ или „левофлоксацин“, а имаат сличен спектар на дејство, недозволиво и повторно, штетно и непотребно. Дел од лекарите, меѓу нив и специјалисти, кој пропишуваат и фармацевтите кои ги издаваат овие лекови, не го почитуваат дури ни упатството за правилно земање на лекот!!! Вредноста на „сумамедот“ е во начинот на неговото дозирање, се пие една таблета, еднаш дневно, три дена, а дејствува 10 дена. Ова јас сум го изведувал на стаорци за да им докажам на некои доктори дека непотребно е да се дава лекот четвртиот, петтиот ден. Во ткивата на жртвуваните стаорци кои примиле само една доза сумамед, по 10 дена имаше доволни концентрации од лекот кој дејствуваше врз осетливите бактерии. Лекот е феноменален, но не е за ковид-19, ниту за бактериска пневмонија како компликација од ковид.  Со оваа злоупотреба ќе биде уништен како лек, а со тоа и сличните на него, макролиди, зошто за антибиотиците важи правилото: „Што повеќе ги употребуваш, толку побргу ги губиш“.

Дали можеби предозирањето со медикаменти е една од причините за голема смртност на пациенти заболени од коронавирусот?

Ако овие лекови дејствуваа на вирусот или спречуваа бактериски инфекции, ние ќе бевме лидери по успешно лекување на ковид-19 во светот. Ковид центрите ќе беа празни, смртните случаи ретки. Резултатите од овој „протокол“, не знам кој го смисли и како успеа епидемиски да се рашири кај добар број на лекари и пациенти кои на него инсистираат, е срамен експеримент врз луѓето, изведен ненамерно. Ефектите од ваква превентива и терапија ги гледаме секојдневно низ бројките. Осми во Европа по смртност на милион жители, со јасна тенденција да напредуваме кон врвот. Ако на пациентот му ги уништите добрите бактерии уште додека е дома, оние кои се заштита од патогените бактерии, и потоа тој пациент сепак отиде на интензивна нега, неговите шанси да преживее се намалени. Неговиот дигестивен тракт е пуст, без неговите добри бактерии, спремен да ги прими лошите, отпорни бактерии кои ги има во секоја болница, кои ќе предизвикаат инфекции кои се многу тешки за лекување. Се разбира, не е за запоставување и токсичното дејство не само на антибиотиците, туку и на другите лекови кои се даваат, нивните интеракции.

Кога можеме да ја очекуваме вакцината во државава, ако веќе е најавено дека првите граѓани во ЕУ ќе бидат вакцинирани до крај на годинава?

По ова што се случува со вакцината против сезонскиот грип, ништо нема да коментирам. Вакцинацијата требаше да заврши, а се работеше за 80000 вакцини. Дали се вакцинирани 5000 до сега не знам. Така да не можам ништо да прогнозирам за 400.000 вакцини против ковид-19 од овие причини.

Сметате ли дека ќе има отпор за вакцинирање кај граѓаните?

Не, воопшто. Никој нема да ги тера да се вакцинираат за да има отпор, како и за грипот. Ќе молат да се вакцинираат. Така ќе биде барем оваа година. Е сега, ако сакаат да ја гледаат Македонија на Европско во фудбал во јуни и некој им побара да имаат податок дека се вакцинирани за да влезат на стадион, тоа е друг момент за дискусија која задира во човековите права итн.

Деновиве по социјалните мрежи се споделуваат застрашувачки фотографии на кои се отсликува реалноста во многу болници низ државава. Може ли да се среди нешто што било запоставувано со децении?

Кој има време да мисли сега на средување, кога болниците се преполни, сега е важно да се издржи уште еден месец и да се импровизира, барем додека не се монтираат модуларните болници.

Сметате ли дека комисијата за заразни болести добро ја менаџира кризата? Дали се потребни нови рестриктивни мерки?

Не би ја коментирал комисијата, нејзина функција не е да ја менаџира кризата, туку да го советува министерот какви мерки треба да донесе. Кризниот штаб и Владата понатаму да оценат кои мерки се спроведливи, а кој не. На пример, уште пред еден месец требаше да побара затворање на угостителските објекти, полициски час барем навечер, некој карантин за викенд, па Владата тоа да го одбие во име на економијата. Се разбира требаше, а веројатно тоа и го направила, не знам, пред 6 месеци да побара формирање на тим на експерти кои ќе донесат национални протоколи за лекување на ковид-19.

Од март 2021 година ќе има значително опаѓање на бројот на нови случаи

Кога според вас може реално да се очекува дека ќе заврши пандемијата?

Според мене, ова е сосема лична проценка, од март 2021 година ќе има значително опаѓање на бројот на нови случаи, како и на смртните случаи, а летото ќе биде подобро од ова кое го поминавме. Во септември идната година би имало спорадични случаи и училиштата  и универзитетите конечно ќе почнат да работат нормално, се надевам на спортски натпревари и концерти со публика, родендени, слави и што повеќе свадби и крштевки беа страв и криење.