Интервју со претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски: Опозицијата прави политички театар од одлуката за зголемување на цената на струјата

Одлуката за зголемување на цената на струјата за 7, 4 отсто ја крена јавноста на нозе, а опозицијата ја однесе на протести. Револтот на граѓаните беше голем особено поради фактот што ваква одлука се носи во време на пандемија кога многу останаа без работа и со намалени приходи. За тоа зошто токму сега беше неопходно носење на ваква одлука, за колку месечно ќе се зголемат сметките за струја и со какви притисоци се соочува РКЕ од опозицијата првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовски, одговара во интервју за весникот ВЕЧЕР

689

Дали токму сега во услови на пандемија кога дел од граѓаните останаа без работа, а дел се со намалени примања беше неопходно зголемување на цената на струјата?

РКЕ има обврска еднаш годишно да определуваме цена. Вообчаено тоа го правиме на крајот на јуни, но оваа година по барање на компаниите го направивме на крајот на јули, бидејќи од првичните податоци кои ни ги доставија не бевме задоволни и побаравме да доставуваат дополнителни податоци за да имаме почиста слика во однос на цената. И МЕПСО и Електродиструбиција до Регулаторна комисија поднесоа барање за пролонгирање на рокот, а исто така и поради вонредната состојба имавме обврска да ги пролонгираме сите постапки и од тие причини ја донесовме одлуката за крајот на јули. Ако оваа година не донесовме одлука за цената на струјата, во тој случај не можеме в година да ги контролираме компаниите во смисла на тоа колку приходи оствариле. Нашите одлуки ги носиме врз оснава на податоци кои ни ги доставуваат компаниите. Од 2018 година РКЕ не ја определува цената на струјата на ЕСМ. ЕСМ сам си формира цена и се пријавува на тендерот кој што го распишува универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Секој може да се јави на тендерот, но ЕСМ секоја година нуди цена на истиот затоа што со Законот е така регулирано и ЕВН Хоум е должен загарантиран процент утврден со законот да го обезбеди од домашниот производител. ЕСМ годинава понуди цена од 38,8 евра за мегават час. Согласно законот за енергетика ЕСМ оваа година имаше обврска да понуди најмалку 75 отсто од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата кои се на регулираниот пазар. Со цел да не предизвика дополнителни ценовни шокови, ЕСМ понуди 100 отсто, односно ги задоволи целокупните потреби на малите потрошувачи и домаќинства. Цената на слободниот пазар во тој момент беше околу 50 евра, а доколку ЕСМ понудеше само 75 отсто останатите 25 отсто ќе беа од увоз по цена која што е за 20 отсто повисока отколку цената од ЕСМ. Во тој случај поскапувањето ќе беше далеку поголемо, односно ќе беше над 10 отсто. Со цел да одржиме ценовна стабилност и РКЕ побара ЕСМ на тендерот да ги задоволи целокупните потреби на малите потрошувачи и домаќинства кои што останале на регулираниот пазар. Инаку ЕСМ можел тие 25 отсто доколку не ги понуди на тендерот да ги продава на слободен пазар по повисока цена и да оствари поголем приход отколку што би остварил на регулираниот пазар.

Како една од причините за зголемување на цента на струјата беа намалените приходи и зголемените трошоци на енергетските компании. Поради тоа јавноста бурно реагираше, бидејќи смета дека на овој начин ги плаќа високите плати на оние кој се партиски вработени во овие компании. Може ли да ни појасните од каде им се исплаќаат платите на вработените во овие компании?

РКЕ не ја определува цената на електричната енергија на ЕСМ. Ние донесуваме одлуки за пренос на електрична енергија од МЕПСО на Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија и на ЕВН Хоум ја определуваме крајната цена врз основа на трошокот за набавка на електрична енергија од ЕСМ. Значи, со одлуката за зголемување на цената на струјата не признавме ниту ниедно ново вработување ниту пак други трошоци кај МЕПСО и кај Електродистрибуција. Значи ние еднаш во три години определуваме трошоци кои што треба да ги има претпријатието и тие за МЕПСО и Електродистрибуција се определени во 2018 година. Сè што ќе направат над тоа, ние не признаваме. Така беше и оваа година. Значи тврдењата дека во МЕПСО се признати трошоци за нови вработувања се шпекулации. Трошоците за нови вработувања и кај и кај Електродистрибуција се нула. Кај МЕПСО немаме признаено 21 милион евра, од тоа што побарале, а кај компаниите што се во сопственост на ЕВН околу 16 милиони евра. Вкупно 37 милиони евра не се признати кај компаниите што ги регулираме. Дополнително околу 11 до 12 милиони евра се одземени кај МЕПСО од повеќе остварени приходи, а кај ЕВН околу 5 милиони евра.

Дали доколку се зголеми потрошувачката на електрична енергија и приходите на енергетските компании може да очекуваме намалување на цената на струјата?

Ние минатата година држевме ценовна стабилност пред се поради тоа што ЕСМ имаше зголемени приходи од продажба на вишоци. Тие во 2019 година изнесуваа 22 милиони евра. Исто така и МЕПСО од транзит на електрична енергија низ нашата земја оствари приходи од 21 милион евра. Оваа година поради намалена економска активност има пад на побарувачката на електрична енергија во целиот регион, Грција, Србија поради тоа нема интерес за продажба на вишоците на ЕСМ, ни за транзит низ државата. ЕСМ досега има приходи од само 5 милиони евра, и не гледаме дека тие ќе се зголемат. Значи приходи од продажба на вишоци се намалени за 17 милиони евра. Кај МЕПСО, пак ако лани биле 21 милион евра оваа година ќе бидат само 11 милиони евра приходите од транзит. Значи во системот ни фалат околу 28 милиони евра што сме ги имале минатите години. Со оваа одлука ни ЕСМ ни МЕПСО нема да остварат профити туку ќе ја завршат годината на позитивна нула. Во нашите правилници е предвидено да направиме корекција на цена доколку настанат значителни промени во однос на работењето кај компаниите што ги регулираме, драстично намалени или зголемени трошоци. Доколку настанат вакви промени тогаш може да ја промениме цената. И покрај тоа што опозицијата бара да ја поништиме одлуката, ние тоа не можеме да го сториме. Ние одлуките ги носиме врз основа на анализи и податоци доставени од компании кои што ги регулираме. Ако компаниите достават кај нас нови податоци и се согласат да работат со загуба ние веднаш ќе ја промениме нашата одлука. Но во тој случај ќе запрат сите инвестиции и во ЕСМ и во МЕПСО и во Електродистрибуција. Во МЕПСО ќе престанат сите инвестиции за наше поврзување со Албанија зашто имаме земено кредити од меѓународни финансиски институции и ќе плаќаме пенали. Таа енергетска врска со Албанија ни е особено важна, бидејќи на тој начин ќе се поврземе со пазарот во Италија која е најголем увозник и има најскапа цена на електрична енергија која е за 2,5 пати повисока од кај нас Важно ни е енергијата од нашата земја да може да завршува не само во Италија туку и во другите земји од регионот. Согласно Закон за енергетика ние не смееме да донесеме одлука која што ќе ги натера компаниите да работат со загуба, бидејќи во спротивно може кривично да одговараме. Доколку компаниите се согласат да работат со загуба ние ќе направиме корекција, но на тој начин ќе имаме проблеми со сигурноста во снабдувањето, ќе запрат сите инвестиции и ќе се отпуштаат луѓе од работа.

На протестите се бараше намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата за 46 отсто по примерот на некои од соседните земји. Дали ова барање е реално и може ли да се реализира кај нас?

Ние во Европа освен во Косово и Србија имаме најевтина цена на електрична енергија. Нашата цена е повисока за 2 до 3 отсто од Косово, а од Србија е повисока за околу 4 до 5 отсто. Србија е во постапка за зголемување на цената на струјата. Поради тоа ова барање за намалување на цената на струјата за 46 отсто е нереално. Ако донесеме таква одлука ние по две до три години ќе живееме во мрак, ќе има рестрикции и не знам кој инвеститор би дошол да инвестира во земја каде што нема стабилно снабдување на струја.

Имаше разни пресметки околу тоа за колку месечно ќе бидат зголемени сметките за струја. Со оглед на тоа што сме на прагот на грејната сезона, а голем дел од домаќинствата се греат на струја може ли да ни кажете за колку месечно ќе бидат повисоки сметките на струја?

Ние кога правиме анализа на просечна потрошувачка не ги земаме во предвид броилата кој што покажуваат минимална потрошувачка, туку само они броила, односно оние домаќинства каде што има константна потрошувачка. Тие наши анализи покажаа дека просечната месечна сметка за струја е 1.500 денари, што значи дека зголемувањето ќе биде 100 денари. Има и домаќинства кој се греат на електрична енергија и во зависност од потрошувачката сметките ќе бидат поголем, но просекот е 100 денари. Нашиот пазар на електрична енергија е либерализиран и најголем дел од индустриските и комерцијалните потрошувачи тоа право го искористија и излегоа на слободниот пазар. На сите мали дуќанчиња кој отидоа на слободен пазар трошоците за струја им се намалија за околу 30 отсто. Исто така и домаќинствата имаат право да одат на слободен пазар, но тогаш ЕСМ не им нуди електрична енергија по 38 евра, туку им нудат снабдувачи по 55 до 60 евра за мегават час. Доколку отидат на слободен пазар нивниот трошок за струја би бил поголем за 20 до 25 отсто отколку што е сега. Значи тоа што можело да се направи како заштитен механизам со овој Закон за енергетика е направено и при носењето на оваа одлука се мислело овој ценовен шок колку што е кожно помалку да се одрази кај домаќинствата.

Родителите се загрижени дека онлајн наставата ќе ги зголеми сметките за струја. Според некој пресметки сметките би биле повисоки за 500 денари. Дали овие пресметки се точни и што е со оние семејства кој не се во состојба да ги платат сметките?

Имаме невообичаени услови на живеење и повеќе седиме дома со самото тоа имаме и поголема потрошувачка на струја. Но и пред да биде корона кризата сите деца дома користеа лаптоп, компјутер, мобилен. Ова не е некоја нова ситуацијата па ние првпат да ги користиме овие технички помагала. Поради тоа сметам дека овие пресметки се небулозни со оглед на тоа ако земеме во предвид дека од друга страна ќе заштедат на ужинки, на патики, гардероба. Јас не велам дека е лесно, но во вакви услови треба да покажеме солидарност.

Дали зголемувањето на цената на струјата ќе предизвика зголемување на цената на другите производи за широка потрошувачка?

Зголемување на цената на струјата нема да предизвика зголемување на цената на другите производи, бидејќи голем дел од комерцијалните потрошувачи се излезени на слободниот пазар. Ние на слободниот пазар не влијаеме. Оваа одлука во најголем дел се однесува на домаќинствата и не влијае на економијата. Поради тоа не се точни тврдењата дека ќе предизвика инфлација. Тој што ќе каже дека ја зголемил цената на својот производ поради зголемена цена на струја лаже.

Велите дека граѓанските протести се легитимни, а од друга страна дека опозиската партија која е организатор на протестите врши притисок врз вашата работа. Можете ли да ни објасните за каков притисок се работи и дали тоа го спречува нормалното извршување на активностите на РКЕ?

Јас ги информирав сите регулаторни тела во регионот и во рамките на Енерегетската заедница и од сите нив добивме поддршка да не потклекнуваме на притисоците на опозицијата. Голем дел од претседателите на регулаторните тела рекоа дека првпат слушаат опозиција да протестира против одлука на регулаторно тело. Опозицијата ни испрати барања меѓу кој и укинување на одлуката за зголемување на цената на струјата но не кажа како да ја укинеме одлуката. Ако некој предлага да се укине некоја одлука треба да каже како да се направи тоа, особено ако се земе во предвид дека истакнати енергетичари членуваат во опозиската партија. Како и да е во наредниот период нема да се занимаваме со опозицијата, бидејќи прави политички театар.

Што ќе направите да им помогнете на најранливите категории граѓани кои најмногу се погодени од одлуката за зголемување на цената на струјата и на оние кои поради корона кризата ги загубиле своите работни места или им се намалиле месечните приходи?

На состанокот со синдикатите дадовме предлог да се зголеми опфатот на ранливи категории потрошувачи кој ќе добиваат субвенции од државата. Сега во овој момент вакви субвенции добиваат само социјални случаи, а ќе направиме да добиваат и граѓани кој што се погодени со оваа корона криза. За тоа ќе ни требаат и други институции во државата за да видиме кој се тие што изгубиле работа колкави примања имаат, а тука ќе влезат и граѓани со минимална плата, пензионери со ниски пензија. За ранливи категории потрошувачи имаме донесено правила според кој не смее да им се исклучи струја во зимски месеци, не смее да бидат исклучени доколку не им се платени три сметки, можност за плаќање на рати неплаќање надоместок за повторно вклучување. Според податокот на Министерството за труд и социјална политика во моментов 32 до 33 илјади домаќинства добиваат 1.000 денари месечен надоместок во време на грејна сезона.

(А.С.)

Фото: Ѕ.Плавевски