Оливера Ќирковиќ, на јавноста позната како водач на меѓународната криминална група Пинк Пантер. Ја нарекуваат жената „Змеј“… така и изгледа. Силна, енергична, недостижна и искрена до болка. За сите свои светли и мрачни страни од нејзината криминална кариера, за животот зад решетки, за бројните  криминални дејствија за кои одлежа седум и полгодишна затворска казна зборува искрено за весникот „Вечер“.

За вашата уникатна животна приказна и за животот зад решетки знае целата балканска јавност. Патот од врвен кошаркар до водач на криминална банда, всушност, ви го трасираше вашиот сопруг. Се омаживте за човек кој бил престапник и на кој криминалот му бил начин на живот.

– Токму така. Од мојот брак започна некако сè. Пред да го запознаам мојот поранешен сопруг, јас бев професионален спортист и играв за кошаркарскиот клуб Паграти во Атина. Неколку сезони со ред бев прогласувана за најдобар стрелец во екипата. До тогаш немав никаков контакт со криминал од било кој тип и ќе бидам неискрена ако не признаам дека мојот прв контакт со криминалот беше преку мојот сопруг. Тој, всушност, отклучи една врата низ која јас влегов во еден сосема поинаков свет, но понатаму, тој немаше никаква вина поради тоа. Јас сама  ги запознав тие луѓе, нивните дела и повеќе од што требаше свесно влегов во таа приказна, не затоа што тој ме тераше, туку затоа што јас бев навистина многу љубопитна. Значи, мора да потенцирам дека тој нема никакво пресудно влијание во таа моја одлука. Тоа беа сплет на околности, а веројатно и судбината пресудила да го сретнам него, да ми ја отвори таа врата и на тој начин да ме доближи до криминалот. Потполно сум убедена дека тоа ќе ми се случеше дури и да не го запознаев него.

Како и после колку време неговиот начин на живот стана ваша судбина, ваше CV и дали се обидовте да се спротивставите на тоа?

Па не од самиот почеток. Јас и понатаму продолжив да играм кошарка, уште неколку сезони играв како професионален играч, а подоцна и како спортски директор во кошаркарскиот клуб Црвена звезда. Да имаш сопруг престапник не значи дека имаш некој несфатлив живот. Тоа е исто како да имаш за сопруг некој успешен бизнисмен, кој е финансиски моќен и стабилен, многу галантен. Знаете, луѓето од криминалот се многу галантни. Тој беше добро облечен, возеше добри автомобили и ги менуваше многу почесто од останатите луѓе и затоа тврдам дека денес, а и тогаш, ретко ќе најдете жена на која сето тоа не ѝ годи. Малкумина познавам на кои тоа не би им годело. Тој негов начин на живот, дефинитивно, не ми пречеше. Неговите заминувања и извршувањето на криминалните активности не се случуваа пред мои очи. Едноставно тој одеше на пат, ги завршуваше своите работи и се враќаше. Никого не оптоваруваше со тоа. Ни мене, ни околината. Можам слободно да кажам дека тој е еден исклучителен човек, со исклучителни некои таленти и не е типичен пример на престапник. Тој е многу начитан и образован и не може да биде секојдневен, обичен криминалец. За жал или за моја среќа, тој беше потполно поинаков од другите криминалци. Инаку, јас почнав да живеам како престапник во тој момент кога загазив до таа мера во сето тоа што криминалот стана составен дел од мојот живот. Тогаш доаѓаш до некоја неограничена количина на пари кои, секако, почнуваш неограничено да ги трошиш, почнуваш да менуваш скапи автомобили, облека, да носиш само лимитирани колекции на брендирана гардероба. И повторно ќе кажам дека сите криминални дејствија во кои подоцна влегував немаа врска со мојот сопруг. Потполна сама влегував во сите тие опасни дејствија на кои тој дури и се противеше и не се согласуваше со тие мои одлуки, дури и се обидуваше да ме убеди дека тоа не е за мене. Денеска е пресреќен што се извлеков од таа приказна и смета дека никогаш не ни требало да бидам дел од тој начин на живот.

Како млада и перспективна кошаркарка, помислувавте ли дека вашата кариера ќе ја продолжите од онаа страна на животот и дека наместо спортски трофеи ќе заработите криминално досие?

Нормално дека како млада и перспективна кошаркарка не ни помислував дека некогаш моето професионално спортско CV ќе биде заменето со криминално досие. Ни случајно. Јас бев растена и воспитувана во еден здрав и спортски дух, така што уште од мојата четиринаесетта година на сите им беше јасно дека јас ќе станам врвен спортист.

Како изгледа животот „на црно“, да си постојано во бегство и да постои континуирана опасност во секој момент да бидеш лишен од слобода?

Како некој кој има добиено повеќекратни затворски казни, кој неколку пати бегал од затвор и навикнал да биде постојано во некој таков филм, можам да ви кажам дека нема тука некои изненадувања. Некој кој има сериозна криминална кариера, не може да биде изненаден ниту уплашен. Стравот и ризикот ти стануваат составен дел од твојот живот, така што штом ти длабоко си загазил во криминал, тебе не те интересираат ни потерници, ни полиција, ни ништо што е блиску до разумот. Кога би се плашел од сето тоа, едноставно ти никогаш не би почнал да се бавиш со криминал.

Колку „пара“ очи и раце треба да има еден крадец? Во што е тајната на успешно извршениот грабеж?

Па еден престапник мора да има дупло повеќе пара очи и раце отколку еден обичен човек. Човек кој живее со постојано чувство дека секој момент може да биде лишен од слобода, природно е дека сите негови сетила стануваат понагласени, неговите размислувања и перцепција стануваат сè поостри, а со тоа стануваш и повнимателен. Гледаш подалеку и слушаш подалеку од секој друг, кој не живее во таков страв. Тајната на секој успешно реализиран грабеж дефинитивно лежи во добрата организација, во луѓе кои мора да бидат најдобрите во такви акции, а потребни се многу пари за сето тоа да го платиш и организираш беспрекорно. Финално, најважно е да имаш добро осмислена стратегија за успешно да ја продадеш украдената стока, без да те фатат… Значи, сè на сè, тоа е еден сложен и обемен круг кој успешно треба да се затвори, а јас мислам дека сето тоа го

Интересно е вашето објаснување дека вие крадевте само од богатите. Колку успеавте да навлезете во психологијата на еден крадец, разбојник и според вас постои ли чесен крадец?

Јас мислам дека постои. Иако за многумина звучи парадоксално. Ако гледаме наоколу, дали сите судии, полицајци, адвокати, лекари, професори се добри и чесни? Па, јас мислам дека не се. Иако јас не мислам дека сум станала добра затоа што сум напишала две книги. Мислам дека без оглед на престапништвото и криминалот за кој пишувам, цел живот сум имала некои свои морални кодекси и принципи и од тие причини тврдам дека на некој начин и покрај престапништвото сум била морална и чесна и не сум одела подалеку од она за кое пишувам. А тоа е дека јас не крадев од сиромашните, туку напаѓав на богати и ексклузивни продавници кои работеа нечесно. Тие затајуваа даноци и наплаќаа троструко осигурување. Значи дека тие мамеа и нечесно заработуваа. Со други зборови не е добро сè што го гледаме како добро. И не е зло сè што го поимаме како зло. Вистината е некаде на средина и во прашање се само нијанси.

За вашите криминални дела, судот ви изрече казна од 32 години, од кои отслуживте вкупно 7 и пол. Колку ве промени животот зад решетки и што најмногу ви помогна да останете при себе со умот и со духот?

Да, точно така. Првостепено бев осудена на 12 години, подоцна уште на 12 и на крај уште 8 години. Вкупно 32 години. Во Грција не се одлежува цела казна, туку три петтини од казната. Со многу борба и перипетии, јас успеав својата казна да ја отслужам за само 7 и пол години. Дека ме промени, многу ме промени таа средина, впрочем како што и цел живот ние сме подложни на тоа да се менуваме. Единствената добра работа која ми ја донесе затворот беше таа некоја толеранција и стрпливост кои претходно ги немав и не ги познавав. Значи освен тие две работи, затворот не може да те научи на ништо добро. Тоа е фабрика на злото, во кое непрестано треба да се бавиш со тоа како да го победиш времето, а кој таму ќе успее да го победи времето, тој го победил затворот. Физичката активност беше првата работа која ме спаси од пропаст и ми го сочува духот. Тоа што во минатото бев 20 години врвен спортист, ми помогна многу. Првото утро таму го започнав со тренинг, со напорно трчање и така продолжив до крај. Понатаму, таму во затворот, го открив сликањето и пишувањето и полека, спонтано, чекор по чекор почнав да освојувам поени кај затворските служби кои ми дадоа задача да ги насликам затворските ѕидови и мислам дека тоа најмногу ми помогна да ги фокусирам моите мисли таму внатре на нешто креативно и корисно. Со право тврдам дека кога некој би можел да ми ја отвори душата и да ѕирне во неа, тој таму нема да види ни спортист, ни престапник, туку ќе го види сликарот во мене.

Зад затворски решетки започнавте со пишување и резултат на тие ваши мемоари е книгата поради која неодамна бевте гостинка на саемот за книга во Скопје. Беше ли лесно во вашите исповеди да се „соголите“ пред читателите, знаејќи дека многумина можеби нема никогаш да ја разберат вашата животна приказна?

Книгата навистина е затворски ракопис, кој првенствено беше мој дневник од затворот. Бев крајно отворена и искрена во моите пишувања и затоа не ми беше тешко да се соголам. Додека пишував, воопшто не мислев дали еден ден некој тоа ќе го чита, но дури и да го пишував дневникот со цел да го издадам, дури ни тогаш не би ми било проблем да се соголам пред читателите. Јас сум тип на човек кој кога ќе одлучи нешто да направи, никогаш не размислува што ќе речат другите. Отворена сум како личност и секогаш директно зборувам за моите грешки и мани. Затоа мислам дека луѓето како јас, кои отворено зборуваат за своите мани се корисни. Убедена сум дека токму заради таа моја отвореност го освоив целиот регион со мојата животна приказна.

Постои ли нешто од вашето минато кое да сте во можност би го избришале или поништиле?

Ништо не би ни избришала, ни сменила. Јас го презирам каењето и не се каам за ништо. Несреќата и грешките ни се потребни за да спознаеме што е среќа и добро. Од глупоста се родила мудроста. Да не биле грешниците и грешките луѓето не би можеле да извлечат поуки и да разграничуваат што е добро, а што не. Сите мои грешки ме направија ова што сум денес. Каква порака би можел да ви даде човек кој никогаш не погрешил и кој секогаш бил само добар и без ниедна грешка? Тој човек нема што да ви порача.

За вашето спектакуларно бегство од прочуениот затвор „Коридалос“ во близина на Атина (тоа е првиот затвор во кој ја одлежувавте казната) српските медиуми доста шпекулираа. Кој ви помогна да побегнете и како го изведовте сето тоа?

Нема никакви шпекулации. Сè што објавија медиуми е чиста вистина. Со моето затворско искуство и криминална кариера не беше проблем да го организирам моето бегство. За целата организација од голема помош ми беше и мојот сликарски талент. Имено, добив задача да исцртам еден простор во затворот кој беше на самиот влез, на почетокот на затворот, каде всушност нема затвореници. Таму е сместена управната зграда на затворот. Тој ден ја сликав канцеларијата на управникот на затворот, која беше многу блиску до централната врата, од која се влегуваше и излегуваше од затворот. Но, секако, не можев сама да побегнам. Ми помогнаа тројца членови од моето братство, луѓе со кои долги години работевме во тој криминален филм и кои знаев дека ќе осмислат сè до перфекција. За да биде издржано нивното доаѓање јас, како затворски сликар, нарачав бои, а еден од нив дојде во управната зграда да ги донесе кантите со бои. Го искористи мигот за да го „среди“ стражарот, а мене за тоа време надвор веќе ме чекаа другите двајца со мотори. И покрај слабата кубикажа на моторот, јас со нивна помош успеав да побегнам од затворот.

Денес живеете релативно мирен и спокоен живот заедно со вашиот син. Како ги смиривте „духовите од минатото“ и беше ли возможно да му се објасни, ама баш сè, на сопствениот син?

Па да, денес живеам мирно, иако по природа сум доста немирна. На пример и сега, додека ги продавам книгите, јас сум постојано немирна. Активна сум, патувам. Не сум од оние писатели кои седат и потпишуваат книги, но тврдам дека сум една од највредните на овие простори. Бев на сите саеми во регионов, на многубројни промоции каде стојам на нозе од 8 до 10 часа дневно и ништо не ми е тешко. Тоа не го прави ниеден писател. Јас имам борбен ген, упорна сум и важно ми е промовирањето на моите книги да биде успешно и сè што сум правела во минатото, дали сум спортувала, била во криминал или сум сликала, се должи на таа моја способност да се жртвувам и да се откажувам од многу нешта за да успеам. Ја имам таа моја изрека која ме води: ИЛИ ЈАКО ИЛИ НИКАКО! Во врска со тоа дали можев баш сè да му објаснам на синот, тешко е да се сфати, но верувајте ми не беше тешко. Никогаш ништо не го лажевме. Тој израсна во една искрена атмосфера, иако е дете на двајца родители престапници. Но ние не бевме типични претставници на криминалот. Во нашата куќа секогаш се зборуваше за спорт, за музика, за образование. Од него ништо не се криеше. Ни нашите криминални активности. Се трудевме да му ја всадиме љубовта према спорот и образованието. Нашето дете низ темната страна на криминалот сам донесе заклучок што е добро, а што е лошо. Помеѓу образованието, спортот и мирниот начин на живот, тој го виде и мојот начин на живот, како што и помеѓу затворот и отсуството од слобода сам беше доволно мудар за да сфати што е подобро. Дали се добри тие брзи пари кои ќе ти ја одземат слободата и мирот долгорочно или некоја пристојна заработка, некој мир и спокојство кој јасно го разграничил. Мојот син денес има 22 години и се бави со спорт цел живот. Заврши средно училиште и студираше во Америка благодарение на стипендијата која ја доби како кошаркар, така што тој го одбра овој другиот – нормален живот, за кој сум јас многу горда на него.

(С.Т.)

Фото: Н.БАТЕВ