-Реализацијата на капиталните инвестиции потфрли и годинава. Зошто се случи тоа и што може да се очекува следната година. Какви капитални инвестиции ви се во план?

Морам да истакнам, што се однесува на ресорот Транспорт, реализацијата на капиталните инвестиции се одвива со одлична динамика и задоволен сум со досегашните резултати. Еве, ќе говорам во бројки. Во делот на гасификацијата, од предвидените средства во висина од една милијарда и 557 милиони денари, досега се реализирани преку 71%, а по тоа како се одвиваат работите на терен очекувам 100% реализација до крајот на годината. Во однос на инвестициите во патната инфраструктура, имаме 64% реализација или 135 милиони евра. Знаете дека тие не влегуваат во државниот буџет, но и покрај тоа ЈП за државни патишта има одлична реализација. Во делот на железницата во првиот квартал имавме мал застој, но со потпишување на Анекс на договорот за изградба на пругата од Куманово до Бељаковце ги надминавме сите состојби и значително е интензивирана изградбата. Стигнати сме до 50 проценти и очекувам следната година да биде завршена. Морам да истакнам дека имаме 100% реализација на инвестициите за изградба на социјални станови. Оваа година започнавме со изградба на две социјални станбени згради во Пробиштип и Неготино. Она што за мене е од особено значење е подобрување на комуналната мрежа во земјата. Од почетокот, нашата цел како Влада беше што е можно повеќе да го зголемиме процентот на покриеност со комунална мрежа на земјата. Само во овој момент работиме на дваесетина проекти за изградба и реконструкција на 190 километри водоводна и канализациона мрежа.

За следната година планираме доста нови проекти, на пример преку триесет нови проекти во делот на комуналната инфраструктура. Планираме да започнеме со изградба на два нови гасоводни краци и тоа Велес – Свети Николе и Гостивар – Кичево, преку ЈПДП ќе се реконструираат четириесетина регионални правци. Во делот на станбената изградба предвидена е изградба на згради во Пехчево, Виница, Свети Николе, Велес, Гевгелија, Дебар, Сарај и во Бутел. Исто така, планираме да отпочнеме и со изградба на вториот дел од пругата кон Бугарија, делницата Бељаковце – Крива Паланка, така што генерално имаме доста инфраструктурни проекти со кои ќе ја раздвижиме домашната економија, а ќе го подобриме и животот на граѓаните, што е наша основна цел.

-Изградбата на автопатот Кичево-Охрид во однос на првично планираното ќе задоцни и ќе поскапи од веќе познати причини. Вие неколку пати годинава најавивте дека таму активностите ќе се интензивираат, па дали конечно работите забрзаа, до каде е изградбата и дали и од каде се обезбедија потребните дополнителни средства? Дали верувате дека ќе се запази новиот рок за завршување на автопатот, кој е утврден и со анекс на закон?

Во јавноста имаше многу шпекулации во однос на изградбата на тој автопат. Одговорно тврдам дека се направени сериозни промашувања во проектот за што потрошивме многу време додека ги отстранивме недостатоците. Но сега тоа е поминато и главно сме фокусирани на изградбата. Темпото е засилено,  веќе се работи на одредени подделници на автопатот, законот за заем на дополнителните средства очекуваме најбрзо да помине во Собрание, така што немам дилеми околу изградбата. Таа тече континуирано и очекувам да се запази рокот до 2021 година.

-Како се одвива изградбата на пругата кон Бугарија и дали е можна модернизација на железницата, со оглед на тоа што државата води спор со фирма кај која се нарачани и платени локомотиви и патнички гарнитури, а не се испорачани или се добиени со технички проблеми?

Иако имаше мал застој во првиот квартал во однос на изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, таквата состојба е надмината. Потпишавме Анекс на договорот и сега изградбата се одвива континуирано. Очекувам да биде завршена следната година, а исто тоа време да започнеме и со изградба на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка за што веќе обезбедивме средства. Во однос на третата делница досега се обезбедени 60 милиони евра преку ИПА фондовите и постои заинтересираност на Европска банка за обнова и развој и Европска Инвестициона Банка за заокружување на финансиската конструкција. Во однос на спорот со кинеската компанија тоа е процес кој го води АД Железница – Транспорт, но последните информации со кои располагам се дека останатите три локомотиви ќе бидат набрзо испорачани за што веќе се работи на докомплетирање на сертификатот за техничката сообразност со стандардите на ЕУ и некаде првиот квартал од следната година и пуштени во сообраќај.

– Кога ќе заврши процесот на гасификација и можат ли граѓаните наскоро да очекуваат приклучок за гас до домовите?

Тоа е проект кој е приоритетен за Владата и посебен фокус ставаме на негова реализација. Изградбата на една магистрална делница е завршена, во тек е изградба на магистралите Неготино-Битола и Скопје-Гостивар за што работите на терен се одвиваат согласно роковите и тие следната година ќе бидат комплетно завршени. Веќе спомнав дека за следната година планираме да започнеме со изградба на два нови гасоводни краци и тоа Велес – Свети Николе и Гостивар – Кичево. Да напоменам, државата ги гради само магистралните гасоводи, а мрежата до домовите ќе ги гради секоја општина посебно. Се водат интензивни разговори со општините, голем дел веќе работат на таа проблематика и верувам дека гасот ќе биде донесен најпрво до училиштата, градинките и јавните претпријатија, а потоа и до домовите.

-Во неколку наврати најавивте дека се прават анализи за тоа дали на државата ѝ треба национален авиопревозник. До каде е работата и дали веќе има конкретен одговор на ова прашање?

Министерството еднаш веќе изработи физибилити студија за потребата од воведување на национален авиопревозник. Но резултатите покажаа дека ваквата опција не е економски исплатлива. И сè уште сме на тој став бидејќи сите параметри покажуваат дека оваа идеја не е одржлива економски. Од друга страна моменталната состојба во авиосообраќајот ги дава посакуваните резултати. Авиосообраќајот во земјава бележи континуиран пораст на бројот на превезени патници и тоа од двата аеродроми и тоа е она за што како Влада се залагаме. За прв пат успеавме да ги искористиме капацитетите на Охридскиот аеродром и имаме резултати. Порастот на бројот на патници превезени од овој аеродром од околу 58 проценти споредено со изминатата година ги потврдува мерките што ги спроведуваме. Во моментов од Меѓународниот аеродром Скопје има директни линии до 39 дестинации, а од аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид воспоставени се директни линии до 8 дестинации. Исто така, периодов ја разгледуваме и можноста за авиоповрзување со Израел, со воспоставување на директна линија Скопје – Тел Авив, со што слободно можам да кажам дека очекувам уште поинтензивен развој на авиосообраќајот во земјава, зголемување на бројот на туристи и нови дестинации достапни за граѓаните.

-Концесионерот на двата аеродрома, турски ТАВ не го исполни својот дел од обврската за изградба на карго аеродром. Што понатаму?

Владата донесе одлука за пренамена на тие средства. Тие ќе се користат за капитални проекти, водоводи, канализации, училишта, градинки и така натаму за што општините веќе доставуваат проекти за користење на средства.

-Стивнаа реакциите за продажба на парцелата пред хотелот „Холидеј ин“ во Скопје по багателна цена. Таму сега повторно има паркинг. Што се случи во меѓувреме, дали ќе се градат планираните висококатници и кога?

Видете, многу врева се крена за тој предмет за што ние како Министерство постапивме согласно Законот за градежно земјиште како и за сите други предмети со иста проблематика што секојдневно се работат во министерството. Цената е утврдена согласно Уредба и министерството мора да постапува по тоа. Во однос на планираните активности, надлежностите во однос на градежното земјиште се во општина Центар, така што министерството нема надлежност во тој дел.

-Овој случај откри и колку евтино може државата да го распродава својот имот. Дали се подобри ценовникот по кој се продава квадрат државно градежно земјиште и се промени ли уредбата за која уште пред речиси една година рековте дека се анализира?

Пак ќе спомнам, постои уредба по која се утврдуваат цените за отуѓување.  Имавме неколку разговори со општините за евентуални промени, но имаше многу реакции од нивна страна дека истата цена важи и во помалите општини и тоа е голем товар за граѓаните кои живеат во тие општини и би се соочиле со неможност да се откупи земјиштето ако тие цени се зголемат. Во овој момент сè уште се врши анализа од промена на цената и нејзино влијание врз општинските буџети.

-Приватна фирма таа парцела ја оформи според член од закон кој го дозволува тоа кога еден субјект поседува 30 проценти од парцелата.  Има граѓанска иницијатива за законски измени со кои оформување на парцела би било можно со поседување на 80 проценти од неа. Ја добивте ли иницијативата и дали вреди да се размислува за неа?

Не, немаме таква иницијатива досега стигнато во министерството. Но знаете дека работиме на принципот транспарентност и отворени сме за соработка со сите, така што секоја иницијатива би ја разгледале.

-Во контролата на летање МНАВ има големи превирања, се проблематизира и опремата, а и конкурсите на кои се примани нови вработени. Имате ли ингеренции во тој дел и преземате ли нешто?

Знаете дека таму постои Управен и Надзорен што ги следат сите постапки што се реализираат во Друштвото. Како Влада секако дека се трудиме да ги реализираме инвестициите во тој дел за да го унапредиме работењето на Навигацијата.

– Што е причината што министерството сè уште не се вселува во реновираниот објект на плоштадот Филип Втори?

Во овој момент се вршат последните подготовки за технички прием на зградата. Претходно имаше работи кои се доработуваа и мислам дека за многу скоро време ќе се преселиме во реновираниот објект.

– Што ќе донесе новиот закон за дивоградбите?

Инаку, со овој закон нема да има легализирање по едно евро. Напротив, ќе се пресметува целиот износ на комуналиите. Но, ќе бидат опфатени и социјалните категории.

Досега се легализирани над 200 илјади објекти. Предлогот на новиот закон за легализација на дивоградбите е изготвен во соработка со ЗЕЛС.