Интервју со министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа: Државата ќе дава по 10 илјади евра за започнување на нов бизнис во аграрот

Ме охрабрува интересот на младите за инвестирање во аграрот бидејќи и кај нас, како и во ЕУ, се соочуваме со стареење на секторот и секоја мерка, која значи привлекување на младите во агросекторот, ја поддржувам. Ќе имаме нови повици за „Млад земјоделец“, кои сега се во висина од 20.000 евра неповратни средства, како и новата мерка од 10.000 евра за започнување на нов агробизнис, која планираме да се објави во следниот период. Лично ќе се заложам да се дуплира и поддршката за рурална жена, која сега изнесува 180.000 денари, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, министерот за земјоделство Арјанит Хоџа

1315

Со оглед на фактот дека влеговме во втор бран од пандемијата, кои се Вашите препораки за заштита на земјоделците и за соочување со новите предизвици од ковид-19?

Вториот бран од пандемијата доаѓа во време на есенската сеидба, жетвата на ориз, подготовки околу откупот на тутунот и пласманот на јаболката. Во сточарството сезоната е цела година, освен обезбедување на храна за добитокот, другото се тековни активности. Во вакви услови и земјоделците треба да водат сметка за препораките кои се однесуваат на сите граѓани. Овој период ќе ја интензивираме работата на алатката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопнатсво (МЗШВ), „Понуда – побарувачка“ со цел да им се помогне на земјоделците околу пласманот на производите. Оние земјоделци кои нема да можат сами да се запишуваат во системот, во нивно име тоа ќе го прават вработените во Подрачните единици на МЗШВ. Потоа ќе се насочиме во поголема едукација на земјоделците, директно на терен преку Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) и во соработка со земјоделските здруженија, асоцијации, задруги… со цел полесно прилагодување на новите услови за стопанисување. Секако, на дневна основа ќе следиме како се одвива извозот на земјоделските производи и доколку се појават проблеми ќе реагираме навремено. Во секој случај, активностите на МЗШВ ќе бидат во прогнозирање, превенирање и дејатвување во интерес на земјоделците и на целокупниот аграр. Пандемијата со ковид-19 уште еднаш ја потенцираше важноста на домашното производство на храна како најсигурно за сите граѓани, а тоа е аргумент плус за стратешкото место кое го има агрокомплексот во нашата држава.

Земјоделците бараат почести состаноци за побрзо и полесно решавање на проблемите и договарање на откупните цени пред почетокот на секоја производствената сезона. Дали како министер ќе го практикувате овој начин на соработка?

Во земјоделското производство активностите се сезонски, а интензивната работа започнува уште во февруари со закројување на лозјата и подготовката на расадот. Ние точно знаеме со што располагаме како обработливи површини, очекуван принос, производство на млеко, месо… Земјоделското производство е предвидливо и оттука решавањето на проблемите може и треба да започне пред сезоната или веднаш штом заврши реколтата да се подготвува наредната сезона. Јас така планирам да работам, а таква стратегија сакам да има и МЗШВ. Разговори, преговори, прогнозирања и навремено носење на решенија. Ова е особено важно во услови на пандемијата, кога ќе мора да се прилагодиме и да дејствуваме навреме. Во лозарството веќе го најавив Комитетот кој ќе започне со работа штом официјално ќе заврши откупот на грозјето за да не ни се повтори оваа година. Соработката со земјоделците производители и агробизнисмените е од особено значење. Тие што работат најдобро ги знаат и проблемите, но и решенијата. Заеднички ќе ги носиме мерките, ќе прашуваме и ќе се консултираме со производителите, ќе ја поделиме одговорноста во овој комплексен сектор. Целта ни е заедничка, да го зголемиме домашното земјоделско производство, да имаме поголем извоз и влез на девизи, нови вработувања и поголем профит за земјоделците.

Годинава земјоделците имаа проблеми со откупот на јагнето, ниски откупни цени на зелката, грозјето… Какви мерки ќе преземете наредната година да не се повторат овие проблеми?

Годинава освен јагнето и зелката чиј пласман се погоди со почетокот на карантинот и за што реагираше Владата со дополнителни субвенции, сите други земјоделски производи поминаа добро. Особено добри цени и пласман имаше овошјето и градинарските производи. Исто и житарките поминаа одлично, па тоа ги мотивираше поледелците есенва да ги подготват површините за новата сезона. За грозјето веќе е познато какви нарушувања на пазарот со вино предизвика пандемијата, а со тоа и зголемените резерви на винарниците и нивниот намален интерес за откуп. Но и со откупот на грозјето годинава извлековме максимум од ситуацијата. Во соработка со лозарите и винарниците Владата донесе сет мерки од дополнителни субвенции и грозјето се прибра и тоа што реално не беше квалитетно за вино, но сакавме да им помогнеме на лозарите да не трпат загуби. Во врска со мерките за следните реколти, веќе кажав, само навремено, заедничко дејствување со сите чинители во секторот и долгорочна стратегија што ќе значи сигурност на земјоделските производители. Мора земјоделците да имаат информации што се случува на странските пазари, каков квалитет бараат европските пазари, кои производи се барани… сите тие информации се важни за нив и во таа едукација и информираност ќе се вложиме многу како институција. Тука спаѓа и развојот на договорното производство, а како пример ќе ја спомнам соработката со откупувачот фабриката „Благој Ѓорев“ од Велес, со што буквално го вративме сончогледот на македонските ниви. Договорното производство е најдоброто решение за сигурен пласман, кога земјоделците пред сеидба веќе знаат колку и кому ќе му го продадат родот.

Колку субвенциите придонесуваат за развој на земјоделството и кој од досега преземените мерки за финансиска поддршка на секторот се покажаа како успешни?

Земјоделското производство е важно за секоја сериозна држава бидејќи се работи за стратешка гранка, за храната на сите граѓани. Ова добро го знае ЕУ, која дури 40 отсто од буџетот одвојува токму за директни субвенции во земјоделството и рурален развој. Нашите производи се наоѓаат на исти пазари со високо субвенционираните од земјите членки на ЕУ, но и од земјите во регионот. Земјоделските субвенции се наменети за модернизирање на производството, добивање на конкурентен производ, мотивирање на младите и нови земјоделци да инвестираат во агробизнисот. Овие буџетски средства мораат да имаат развојна компонента и да се зголемува домашното производство на земјоделски производи. Од досегашните мерки кои се донесени за поддршка на аграрот би ги издвоил грантовите за „Млад земјоделец“, 50-50 за механизација и за „Рурална жена“ кои имаа голем интерес кај земјоделците. Особено ме охрабрува интересот на младите за инвестирање во аграрот бидејќи и кај нас, како и во ЕУ се соочуваме со стареење на секторот и секоја мерка која значи привлекување на младите во агросекторот ја поддржувам. Ќе имаме нови повици за „Млад земјоделец“, кои сега се во висина од 20.000 евра неповратни средства, како и новата мерка од 10.000 евра за започнување на нов агробизнис, која планираме да се објави во следниот период.

Неодамна се одбележа Светскиот ден на руралната жена. Со оглед на тоа дека во нашата држава голем дел од жените се занимаваат со земјоделство што ќе направите за подобрување на нивната социо-економската положба?

Земјоделството се смета за сектор во кој доминираат мажите, а наша заложба во следниот период ќе биде да обезбедиме посилна препознатливост на жените и нивната значајна улога во овој сектор. Земјите членки на Европската Унија континуирано ја анализираат положбата на жената во земјоделството и руралните средини, во рамки на заедничката земјоделска политика, со цел да се надминат општествените стереотипи за родовите улоги. Мерката 115 „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“ во Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој, овозможува користење на грант во износ од 180.000 денари. Лично ќе се заложам оваа сума да се дуплира веќе од следната година.

Колкави се штетите од пандемијата врз македонското земјоделство, поради отежнат пласман, намален извоз, ограничени пазари…?

Сите проблеми и застојот кој го имавме од почетокот на кризата сега се надминати и целокупното производство на храна се одвива непречено. Пандемијата уште еднаш ја потврди важноста на земјоделското производство. Во тек е бербата на јаболката кои имаат обезбеден пласман. Не очекуваме проблеми и со откупот на оризот и тутунот. Нашите земјоделци, особено градинарите и овоштарите во текот на целата сезона имаа добар пласман и одлични цени. Добро поминаа и житарките, пченицата речиси да е откупена, а одлична цена имаа и ајварските пиперки. Зелката годинава стаса за берба токму пред карантинот, а ист случај беше и со откупот на јагнето но и овде се покажа грижата на Владата, која во соработка со откупувачите и трговците, изнајде поволно решение. Очекуваме добра цена при откупот на оризот и тутунот. Успешно го надминавме и проблемот со грозјето. Знаејќи ја состојбата на терен со откупот на грозје при моите средби со лозаропроизводителите како и податоците од институциите, донесовме мерки со кои им помогнавме на производителите и на преработувачите. Се работи за рекордно високи субвенции со коишто се амортизираа проблемите кои ги создаде светската пандемија и нарушениот пазар на грозје и вино.

Кој се вашите предвидувања за македонскиот аграр во 2021 година и кој ќе биде вашиот фокус како министер?

За мене е особена чест но и голем предизвик да предводам еден од клучните економски ресори – земјоделството. Како министер за земјоделство заеднички со мојот тим, во следните четири години ќе креираме политики и мерки, кои ќе го унапредат и доближат нашето земјоделство до европското. Наша задача е со стратегија и соодветна поддршка земјоделството во Северна Македонија да стане една од најпродуктивните и најисплатливите гранки, што ќе значи подобар живот за 200.000 земјоделски семејства. Договорното производство, сигурниот пласман, развој на преработувачките капацитети, конкурентни производи, ќе бидат во фокусот на моето дејствување во следниот период. Приближувањето и прилагодувањето кон заедничката европска политика, ќе биде патот по којшто ќе се движи македонскиот аграр.

(А.С.)