Исхраната е посебна приказна за време на карантин. Колку и да јадеш, пак ти се јаде. Се трудам да се хранам што поздраво, вклучувајќи пред сè овошје и зеленчук

Музичарот од Струга Методи Поповски, кој ни е познат како „Meto Di Flash“, за ВЕЧЕР раскажуваше како го поминува своето време во услови на немилосрдниот коронавирус. Неговите денови однапред се испланирани, води грижа за здрава исхрана, а тренинзите не се изоставени. Но, и за музиката има место, па поради тоа често го посетува своето студио.

Како го поминуваш времето дома со оглед на тоа што поголем дел од денот сме дома?

– Како што поминува времето, покрај тоа што ни фали нормалниот живот од претходно, како да се привикнавме постепено и на новите услови на живот. Мислам дека е многу важно да се испланира денот и состави агенда за истиот. Кај мене почнува денот со музика. Доколку времето овозможува излегување на воздух, претежно е во мојот двор. Следува време поминато во моето студио, каде што работам на мојот нов сингл. Физичка активност задолжително во домашни услови, орбитрек и лесна гимнастика, па следува филмска програма, раскажува музичарот.

Дали сега водиш повеќе грижа за исхраната бидејќи малку сме активни?

– Исхраната е посебна приказна за време на карантин. Колку и да јадеш пак ти се јаде. Се трудам да се хранам што поздраво, вклучувајќи пред сè овошје и зеленчук што повеќе. На главните оброци преовладува лесна храна како супи од зеленчук, што повеќе салати и не многу месо. Чаша вино може додека слатките се сведени на минимум, сепак летото е пред нас. Физичката активност во домашни услови е задолжителна, како и што кажав претходно и е многу важна за нашето психофизичко здравје, вели Мето.

Дали ти недостигаат настапите?

– Ноќните настапи се дел од мојот живот веќе повеќе децении. Активен сум насекаде низ државата. Ми фалат како што ми фали и мојата публика. Колку и да ми требаше одмор морам да признаам, мислам дека е предоволно од седење дома. Се надевам дека сето ова ќе заврши што побрзо, ќе се најде лек за сите заболени од коронавирусот и ќе се вратиме на нормалните животи, додава тој.

Кога ќе помине кризата од коронавирусот што прво ти доаѓа на ум да направиш, а сега тоа не можеш да го сториш?

–  Кога ќе помине сето ова би сакал повторно да бидам со моите најблиски, но во друго опкружување. Може да е тоа некое кратко патување, па после тоа враќање кај другите мои најблиски – мојата публика. Се надевам дека и моето видео за новата песна ќе биде готово и ќе може да ја испромовираме истата, вели музичарот.

 

„Те чекам“ е твојата најнова авторска песна. Би сакал ли да ни откриеш нешто повеќе за неа?

– “Те чекам” е мојот актуелен сингл од пред скоро месец дена за кој музиката и текстот ги напишав јас. Карактеристично е тоа што соработувам преку интернет со повеќе музичари кои дадоа свој печат на звукот од повеќе страни на светот. Видеото е журка во скејт парк каде што сите добро се журкаме и добрата енергија верувам ја пренесуваме врз гледачите. Мене ми е драго што добивам поддршка од мојата публика за сето она што го работам и песната е вртена на радио станиците како и споделувана на социјалните мрежи. Од тука следува и работа на мои нови песни. Дотогаш сите ние да се чуваме и бидеме живи и здрави, порачува Мето за крај за ВЕЧЕР. (М.Анчевска)