„Таа заемност помеѓу публиката и актерот на сцена, таа енергија која се пренесува и разменува може да се случи само во театар. Затоа театарот постои и опстои. Празен театар ме загрижува и растажува. А дали публиката ќе се плаши да се врати во театар? Секако ќе се плаши да се врати, утре или во блиско време, но публиката ќе се врати. Да се надеваме дека тоа ќе биде набргу“, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, Катерина Коцевска, в.д. директорка на Драмски театар – Скопје. Таа истакнува и дека за менување на скршените стакла на салонот на Драмски од Министерството за култура им се одобрени средства, како и за прозорците во канцелариите, за тоалетите во салонот за публика, но и за менување на даските на театарската сцена кои се дотраени и несигурни…

Театрите, (како и Драмски теaтар), во нашата земја и целиот свет не работат веќе трет месец. Најавите се дека е можен и втор бран на вирусот од септември. Можеме ли веќе да кажеме дека сезоната 2020 е завршена, иако не беше ни почната, со оглед на специфичноста на работата на театрите?

Навистина не знам дали можеме да кажеме дека сезоната 2020 е завршена и таа неизвесност е всушност најтешкото нешто. Најинтензивниот период за работење нови претстави и изведување на веќе направените требаше да биде во изминативе три месеци. Вообичаено со почеток на јуни публиката е веќе намалена и пролетната сезона е завршена за прикажување. Ние моравме да откажеме распродадени претстави (на пример „Мојот маж“ која имаше само премиера и реприза и однапред продадени неколку претстави), бевме и две недели пред закажана премиера на „Хипноза на една љубов” од Душан Ковачевиќ. По план требаше да имаме четири премиери до почетокот на јули и шест до крајот на годината, но „Ако сакаш да го насмееш господ, кажи му ги своите планови”.

Мојот маж

Пред почетокот на епидемијата во нашата земја, најавивте прес-конференција, која, се разбира, заради околностите, беше откажана. Можете ли да ни откриете што сакавте да поделите со јавноста и медиумите.

Сакав со радост да споделам дека ни одобрија инвестиции за менување на скршените стакла на салонот на Драмски, кои преку 13 години стојат со закачено предупредување „Не проаѓајте покрај стаклата заради опасност од паѓање!“. Исто така и за прозорците во канцелариите кои се во слична состојба, за тоалетите во салонот за публика и за мене најважното – менување на даските на театарската сцена кои се дотраени и несигурни. Ги добивме тие инвестиции и кога требаше да почнеме со распишување на тендер… сè застана.

Дали може овој период кога нема публика и подготовка на претстави Драмски да го искористи, или можеби веќе го користи за санација на зградата (сцената, стаклата,…)?

Сега се одобри распишување на тендер, па започнуваме со тој процес и искрено се надевам дека барем тој дел успешно ќе го завршиме. Пу, пу, пу… Во овој период кога од разбирливи причини не можеме да имаме проби и претстави, почитувајќи ги одредбите на здравствената комисија, јас и дел од администрацијата сме секојдневно на работа. Покрај тоа што ги набавивме средствата за заштита од ковид-19 кои се неопходни за сите да доаѓаат на работа, направивме и заштитни бандани со логото на Драмски за сите вработени во театарот. Направивме и ситни разубавувања во пациото на театарот, како и библиотеката, ѕид со фотографии на сите наши актери од Драмски театар кои не се повеќе со нас… и.т.н. Сето тоа го направивме со вештина и љубов на нашите вработени.

Дали и колку во оваа ситуација со пандемијата, која никој не можеше да ја предвиди, ќе изгуби театарската уметност? Дали стравот на публиката да се врати во театрите ве загрижува?

Театарот постои преку 2000 години. Преживеал пандемии и опстанал. Она што го прави театарот и понатаму привлечен за публиката и покрај сите електронски закани е живиот контакт и различноста на секоја изведба. Ниту една претстава не се повторува. Таа заемност помеѓу публиката и актерот на сцена, таа енергија која се пренесува и разменува може да се случи само во театар. Затоа театарот постои и опстои. Празен театар ме загрижува и растажува. А дали публиката ќе се плаши да се врати во театар? Секако ќе се плаши да се врати утре или во блиско време, но публиката ќе се врати. Да се надеваме дека тоа ќе биде набргу.

Во овој период, кога театарските уметници немаат ангажман со подготовка на претстави на сцена, размислувате ли за некакви алтернативни начини на подготовка на претстави, или друг вид на настапи, како вашите колеги од Велешкиот, Кумановскиот тетар, Театар Комедија?

Секако дека размислувам како може на друг начин да се продолжи, а да не го загрози здравјето на публиката, актерите и сите кои работат на и околу сцената. Но сите алтернативни начини се тоа – алтернативни. Отсуствува она што е најважно – живиот контакт.

Од предвидената програма за оваа година на Драмскиот театар, колку според вас, е реално да се реализира и оствари?

Кога би знаела кога точно ќе се нормализира состојбата, би можела да ви одговорам што може да се реализира од предвидената програма. Вака можам само да давам претпоставки, а тоа е несериозно. Никој во моментов не може со сигурност да каже кога ќе биде точниот датум. Секако дека за тоа треба да даде одговор и дозвола здравствената комисија. Ги следам случувањата и во другите театри, не само во нашата држава… и решенијата кои се прават и предлагаат се половични. Тројца гледачи во кино сала не пречи за прикажувањето на филмот (освен за сопственикот на салата). Во театар празен салон е страшно!

На јутјуб-каналот на Драмски, можат да се погледнат некои претстави од архивата на оваа институција. За некои од нив, гледачите кои ги погледнале, се жалат на слабиот квалитет на снимката или продукцијата? Дали сметате, дека со дигиталното пренесување на снимени претстави не се нарушува магијата која ја има театарот на “уметност во живо“, или, пак, потребен е попрофесионален пристап при снимање на истите во иднина? 

Да, сметам дека со дигитално пренесување на снимени претстави се нарушува магијата на “уметност во живо”. Снимките се со слаб квалитет затоа што се воглавно “работни” снимки, направени да се потсетат актерите на претставата ако истата не се играла подолг период или се обновува. Има и професионално снимени претстави од телевизиски куќи, но за мене дали снимката е направена со една или пет камери… е сепак снимка и не е ни близу до она што е “изведба во живо”. Во театарот гледачот бира што и кого следи на сцената. Тоа што пуштивме на Јутјуб снимки од претстави кои со години не се на репертоар, го направивме само заради неможноста на публиката и актерите да дојдат во театар. Во нормална состојба не би сакала така да се претставува театарот. Ги гледав и јас снимките и знаејќи колку беа тие претстави моќни во живо, ми беше многу тажно.

Наташа Илиевска-Таневски