„Немавме соодветен простор, работевме во мали сали, се греевме со ќумбиња на дрва… Но сето тоа не ни пречеше и не го забележувавме, бидејќи тоа беше едно повоено време, време на општ ентузијазам, на создавање, градење, а ние бевме градители на една уметност која бара посветеност и исклучително голема љубов“, вели Емилија Џипунова, доајен на македонската балетска уметност, во разговорот за весникот ВЕЧЕР по повод престижната награда „13 Ноември“ на Град Скопје за долгогодишен придонес во развојот на балетската уметност во државата и надвор од неа

Со Емилија Џипунова (1935), која е автор и на две книги „Македонската балетска сцена“ и „Балетот како врвна естетика на играта“, разговаравме за нејзините балетски почетоци, за сегашната балетска сцена во државата, но и за енергијата и инспирацијата… Како долгогодишен хроничар и афирматор на македонската балетска уметност, Џипунова е автор и на монографијата “Раскрилена птица“ посветена на балерината и кореограф Јагода Сланева…

 Добитник сте на наградата „13 Ноември“. Колку ви значи ова признание по сите овие изминати години посветеност кон балетската уметност?

Има луѓе кои често велат дека наградите не им значат ништо, меѓутоа наградата значи. Значи во таа смисла дека сум оставила некакви траги во ова културно милје на нашиот град. Траги кои некој ги согледал, ги оценил  проценил и смета дека тие траги заслужуваат да добијат една ваква награда. Оттука навистина се радувам и благодарна сум им што во овие мои одамна пензионерски денови ја добивам оваа, една од мошне значајни награди за нашиот град „13 Ноември“.

Вие сте една од основоположничките на балетската уметност во Македонија. Што Ве поттикна да застанете на балетската сцена?

Тоа дојде сосема случајно. Бев дете од 12-13 години и бев член на една ексклузивна пионерска група во Пионерскиот дом Карпош каде учествуваа талентирани деца, а притоа и одлични ученици, во повеќе секции. Јас и моите колешки учествувавме во повеќето од нив, меѓутоа фолклорната беше онаа со која настапувавме насекаде во Македонија, па дури и надвор од државата.

И во една прилика, сосема ненадејно за нас, во тој пионерски дом Карпош дојде една прекрасна дама со сини очи. Ја гледаше пробата и по завршувањето сите требаше да останеме, а таа правеше некаков избор. Не знаевме зошто и како, но на неколку од нас ни рече утредента да дојдеме во Македонскиот народен театар каде што се одржа една мала аудиција и бевме примени во балетскиот курс, при тогаш оформениот балетски ансамбл.

Дамата за која станува збор беше Анализе Асман, Германка, која со својот сопруг електроинженер беа дојдени во Македонија по повод градењето на хидроцентрала во Маврово. Господинот Тодор Скаловски, кој беше директор на Операта, а потоа и на Балетот, беше разбрал за тоа и ја поканил, покрај Ѓорѓи Македонски, основоположникот на македонскиот балет, да биде една од членовите на тој балет. Таа беше и прва балерина која застана на македонската балетска сцена како професионална танчарка.

Дали ја имавте поддршката од семејството?

Во почетокот за моето семејство балетот беше само детска игра, меѓутоа кога се отвори балетското училиште, а јас требаше да бидам една од ученичките во него, ме условија. Ми кажаа, да, можеш да одиш во балетското училиште, меѓутоа мора да завршиш гимназија и факултет. И под таков услов од моите родители успеав да продолжам и еве балетот стана моја професија и цел живот сум во сферата на балетската уметност.

 Кажете ни нешто за балетот во тие повоени времиња и проблемите со кои како балерина се соочувавте?

Бевме девојчиња кои храбро зачекоруваат во еден исклучително сложен систем од знаци, во кој нема ништо случајно и ништо непотребно. Зачекоривме во сфера на врвната естетика на играта – балетот. Девојчиња врз кои потоа и ќе се базира комплетната репертоарска програма од исклучително големи дела од класичната балетска литература. Условите (со оглед дека бевме восхитени од тоа што го правевме како деца), речиси и да не ги забележувавме. Немавме соодветен простор, работевме во мали сали, често менувани и не затоплени, се греевме со ќумбиња на дрва… Но сето тоа не ни пречеше. Тоа беше едно повоено време кога имаше сеопшт ентузијазам за создавање, градење, а ние бевме градители на една уметност која бара посветеност и исклучително голема љубов. Бевме така задоени, така не воспитуваа и така се градевме и направивме високи резултати.

Дали имавте идол во тоа време и кои професори Ви беа водилка на патот по кој тргнавте?

Не сум од оние луѓе кои имаат идоли, но ние и немавме некакви информации за тоа што се случува во областа на балетската уметност во светот. Сепак, се сеќавам мошне добро, во тој период во кино „Младина“ се даваше англиски балетски филм „Црвените чевлички“ со Мојра Ширер. Го гледавме како деца тој филм можеби десет пати и повеќе, а нашите муабети беа, боже, ако се отвори кај нас балетско училиште веднаш ќе се запишеме. Меѓутоа подоцна со активната соработка со балетските ансамбли од другите републики од нашата тогашна заедничка држава Југославија, стекнувавме одредени сознанија во однос на балетската уметност во светот.

Ансамбли повеќе децении постари од нас, ни беа пример и поттик за работа и поголеми успеси. Набргу успеавме да го достигнеме тоа ниво и официјално не сметаа за трет, по своите вредности, балетски ансамбл во Југославија. Првата професорка ми беше Анализе Асман, а потоа курсот го водеше Ѓорѓи Македонски, балетски играч и кореограф, член на балетскиот ансамбл во Белград и Софија.

Тој нè презеде и по отворањето на балетското училиште беше нашиот прв професор, кој го водеше училиштето три години, за потоа во Скопје да дојде Нина Кирсанова, Русинка по потекло, која својата балетска едукација ја стекнува во школата на Баљшој театар, за подоцна да биде Првенка во трупата на светски познатата балерина Ана Павлова. Потоа доаѓа Александар Доброхотов кој потекува од ленинградската балетска школа и е член на руската балетска трупа во Монте Карло. Работевме со врни балетски уметници и педагози и тука е суштината и големината на она што го научивме, а научивме дека само со голем труд, посветеност и љубов можат да се постигнат вистински резултати.

Во текот на својата балетска кариера одигравте  повеќе од триесетина соло и дуетни танци. Сепак, која улога би ја издвоиле како Ваш најголем успех и постои ли улога која ви остана неостварена желба?

Мојата прва соло варијација ја имав на самиот почеток во целовечерната балетска претстава „Бахчисарајска фонтана“ на Борис Асафјав во кореографија на Ѓорѓи Македонски и таа претстава имаше голем одек во културната јавност во Македонија. Критиката многу позитивно ја оцени сметајќи дека балетот во нашава земја има своја иднина. Тоа беше моето прво сценско искуство. Инаку, сите улоги ми значат, ги паметам и ми се драги заради тоа што секоја нова изведба ми беше предизвик, искушение, самоосознавање и надградување. Но, има улоги кои поради одредена причина остануваат длабоко во меморијата. Таква е една моја соло изведба во „Штросијада“ на Јохан и Едвард Штраус, во кореографија на Нина Кирсанова. Со таа моја улога и варијација тогаш одевме на турнеи во Србија, БиХ и Хрватска, и во едно наше гостување во Белград по одиграната варијација трипати бев вратена на сцена од бурниот аплауз на публиката, тоа не се заборава. Во Сараево со истата улога добив покана да останам како прва балерина со највисока плата и сместување, но не прифатив. А за улогата на Девојката во „Балерина и бандити“ на В. А. Моцарт во кореографија на Александар Добротов добив таква критика од проф. д-р Драгутин Ортаков што ретко кој може да добие. Тоа се работи кои остануваат во сеќавањето и сум горда на самата себе. А за неостварената желба… Никогаш не сум кажала зошто не сум одиграла некоја улога. Но, во „Заспаната убавица“ на музика на П. И. Чајковски имав неколку соло нумери, но како главна улога мислев дека според моите физички и интерпретативни вредности би ми лежела и би можела да ја интерпретирам.

По Вашето пензионирање продолживте активно да ја следите балетската сцена во државата и да пишувате критика. Каква е Вашата оценка во однос на сегашните состојби во балетската уметност, посветеноста кон работата, но и условите за работа?

Постојано сум во тек со се што се случува на балетската сцена, не само при Македонската опера и балет туку и на алтернативните сцени и сферата на современиот танц, кој има силен одглас кај публиката, особено младата популација, но и кај вистинските проследувачи на танцовата уметност. Морам искрено да кажам оној ентузијазам што ние го имавме, сега го нема во таа мера, што не значи дека нема љубов и посветеност. Условите денес се фантастични, прекрасно училиште со четири големи сали и други соодветни простории, како и во Македонската опера и балет со две сали, сопствени гардероби, огромна сцена со сите технички услови.

Имаме перспективни балерини и балетски играчи, но велам дека, таквиот ентузијазам каков што имаше во моето време денес не го забележувам. Да, тоа беше друго време, време на борба за опстанок и самопотврдување. Нашите генерални проби траеле и до пет часот наутро и никој од нас не се жалел дека е уморен и дека не може повеќе.

А имавме по две големи класични балетски претстави од по три или четири чина во текот на една недела. Недостаток е, чинам, и недоволна застапеност на класичните балетски дела како неизоставна репертоарска програма на националните балетски куќи. Но, и неизоставни за балетските уметници. Само преку тие дела и со секоја одиграна претстава тие технички и интерпретативно растат и добиваат на квалитет.

Што според Вас би требало да се смени или подобри во однос на балетската уметност во Македонија?

Јас бев претседател на здружение на балетски уметници кое постоеше едно време но денес го нема, и мислам дека треба повторно да се формира. Ние, како здружение, на ниво на нашата тогашна држава СФРЈ, се изборивме и добивме бенефициран стаж и бевме меѓу најпривилегираните, во првата група на прво место (пред рударите). Покрај тежината на работата, балетот е и уметноста на младоста, не само заради физичката убавина на балерината искачена на врвот од прстите и во специјалниот балетски костим „Пачката“, туку заради природата на нештата. Во еден период од животот телото на човекот почнува да ја губи еластичноста и станува тврдо, без неопходната мекост и пластичност. А телото е нашиот најсензитивен инструмент со кој зборуваме и создаваме уметност. Сега бенефицираниот стаж не постои и балетските уметници се принудени да опстојат на сцената и покрај веќе достигнатите години кога местото треба да им го отстапат на новите балетски кадри кои излегуваат од балетското училиште. Значи, да се изборат за своите права и го вратат статусот на бенефициран работник.

Јас сум лице кое секогаш се фокусира на позитивните работи

Како Ви поминуваат деновите со оглед на пандемијата, што е Ваша преокупација и инспирација во моментов и од каде ја црпите енергијата која несомнено зрачи од Вас?

Енергијата и инспирацијата ги црпам од животот. Во животот, има толку многу мали нешта кои речиси и не ги забележуваме, а знаат да бидат суштински вредни за човек да се чувствува убаво и пријатно. Јас сум лице што се фокусира секогаш на позитивните работи, негативните некако едноставно ги исклучувам и не се трудам околу нив. Имам позитивен однос кон животот и тоа ме држи. Корона вирусот  ни го наруши начинот на живеење, но се случува по некој настан според сите безбедносни протоколи. Одам на концерти ако има, на отворања на изложба, на промоција, читам… Читањето ми е основно, но исто така сум присутна и на социјалните мрежи и имам комуникација со многу луѓе. Успевам да се одржувам и да ги следам сите збиднувања во нашиот град.

Даниела ТРАЈКОВСКА