ИНТЕРВЈУ СО ЕВРОПСКИОТ ВЛАДИКА ПИМЕН: Верата е за да земаме залет кон вечноста, а не залет за во парламент!

Еден е од најпопуларните, но и најкритикувани свештеници. Сериозен духовник, но непосреден и неконвенционален соговорник. Експониран во јавноста, активно учествува во општествено-политичкиот живот, со многу следбеници на социјалните мрежи... Tрпи остри критики кои честопати и самиот ги иницира и ги провоцира. Не постои тема за која нема свој став, ниту прашање на кое нема одговор. Токму затоа, во божиќниот број на весникот ВЕЧЕР со владиката Пимен отворено разговаравме на многу теми. За радостите кои ги носат божиќните празници, за вредностите на празнувањата, за горливите црковни прашања, за односите со останатите цркви, за црковните тарифи, за возниот парк на свештениците, за европската иднина на Македонија, за тоа колку има политика во верата...

464

Елизабета АРСОСКА

Фото: П.Стојановски

*Божиќ, најголемиот празник за христијаните, е време кога освен семејната свечена трпеза, е синоним за дарување…

Попусто ќе беше раѓањето Христово на земјата ако не беше Воскресението, кое ни го отвора патот кон Царството небесно за повторно да се настаниме онаму за кај што сме и создадени, за да се радуваме гледајќи го лицето на Нашиот Бог Света Троица во вечноста. Сепак, Божиќ е почеток на тој домострој на нашето спасение и секако е еден од најголемите наши празници како христијани. Традиционално е семеен празник, празник на кој семејството се собира и откако ќе му го посвети првиот дел од денот на Бога, одејќи во Црква и причестувајќи се со Него, вториот дел од денот им го посветуваме на нашите најблиски, на семејството, собирајќи се на празничната трпеза, благодарејќи му на Бога за првата мрсна трпеза во годината нова и молејќи му се да не нè лиши од лебот наш насушен низ сите денови од годината што следува.

Во тие моменти секако не треба да заборавиме да се запрашаме дали секој наш ближен ги има истите услови како нас. Тогаш треба да го отвориме нашето срце, а потоа и нашиот џеб и да даруваме онаму каде што има потреба за тоа, за и тие да можат да му се израдуваат на Рождеството Христово и да го прослават Бога. Тоа е можност и за нас правејќи добри дела, преку молитвите на оние на кои сме им помогнале да искупиме некој грев.

*И годинава ја спроведовте хуманитарната акција за собирање играчки. Кому ќе му ги подарите играчките?

Не ја спроведувам јас туку само ја иницирам, а верниот народ до кој ќе допре апелот за милосрдие ја спроведува.

Колку и да беше успешна, во мене останува она чувство дека секогаш можеме и повеќе. Идејата не е само да израдуваме некое детенце со подарокот, туку повеќе да ги учиме најмладите да даруваат. Да осознаат дека нема секој нивен врсник полна детска соба со играчки. Па подоцна низ нивниот живот да им остане таа навика на дарување и споделување.

За дел од собраните играчки од нашата епархија каде ќе бидат дарувани одлучувам јас, а за другиот дел надлежните архиереи на другите епархии. За жал, одлуката кај ќе се дарува произлегува сама од себе. Секогаш онаму каде што имаме деца, на кои им значи и играчката и тоа дека некој се сетил на нив и дека им подарил и љубов преку таа играчка.

Заигрувајќи се околу огновите забораваме дека Христос не се раѓа за да се напие топла ракија со нас!

*Бадник, огновите и сето она што традиционално се случува секоја година разгорува дебати меѓу вас свештенството од една страна кои сметате дека тој чин не е христијански и од друга страна верниците, кои ги бранат традицијата и фолклорот. Можно ли е да се направи компромис?

 И самите во прашањето укажувате на изворот на проблемот. Традиција и фолклор наспроти вистинска вера. Мене лично не ми пречи тоа чување на традиција и фолклор. И тоа е дел од нашиот македонски бит. Но искрено ми пречи кога заигрувајќи се околу огновите со таа традиција, сосема забораваме на верата, забораваме на Бога. Забораваме дека Христос не се раѓа за да се напие топла ракија со нас, туку за ние да се причестиме со Него на Светата литургија за прошка на гревовите и за попатнина и живот вечен. 

Ако не се претерува во тоа традиционално, фолклорно дружење за другиот ден да не знаеме каде ни е главата, а не пак најблиската црква во која треба да одиме на литургија, секако дека има место за компромис. 

На црковните литургии сè повеќе доаѓаат жени со шамии на глава, што во минатото не беше вообичаено. Тоа е помодарство или…?

Уште во првото послание до Коринтјаните светиот апостол Павле поучува дека жената треба да се моли со покриена глава, така што не станува збор за помодарство, туку за применување на поуката од апостолот. Тоа е плод на можноста луѓето да го читаат Светото писмо на свој разбирлив македонски јазик и потоа прочитаното да го спроведуваат во своите животи.

И уште нешто би споменал за ова применување да не заземе негативен правец, а тоа е изборот на шамии да не стане натпревар меѓу жените што ги носат (се смее).

*По гласното размислување на скопскиот градоначалник дека треба да се размисли за поместување на датумот за празнувањето на Божиќ заедно со верниците од католичката вероисповед, пред новогодишните празници, се огласи МПЦ со негативен одговор. Има ли вакво барање и од верниците од вашата епархија?

Секоја година, како што се ближи нејзиниот крај, така се актуализира ова прашање за менување на календарот. Најчесто тоа го прави бизнис-заедницата, која соработува со странски фирми поради своите економски интереси, а потоа и обичниот народ, особено оние што имаат слободни денови според Грегоријанскиот календар. Но не сите, се разбира. Има и такви верници што пак инсистираат на различноста како наша посебност.

Да се разбереме, промената на календарот не е догматско прашање за да биде неизводливо. Но мала е добивката за да се изложуваме на непотребни дебати и кавги внатрешно во црквата.

Полесно е да се чува името од далечина и со странски примања

*Како верниците од Европската епархија реагираат на промената на името и на актуелните политички случувања во државава?

 За жал, полесно е да се чува името од далечина и со странски примања. Шега на страна, сосема нормално е да има реакции и за промената на името и за актуелните политички и црковни случувања. И фала му на Бога што имаме различност на мислења. Лично сметам дека само тоа води кон напредок. Сите ние можеме да размислуваме различно, да имаме различен концепт за развој на државата или црквата, но битно е да се почитува и туѓото мислење и да знаеме дека никој нема монопол на љубовта кон двете, па да паѓаат квалификации предавник и патриот. Треба и да разбереме дека само ние самите во срцата знаеме колку ја сакаме државата и дека не може никој да кажува за нас колкава и каква е нашата љубов кон неа. 

И уште нешто би било убаво да разбереме. Дека попатриотски е да ја чуваш географијата на твојата татковина отколку историјата, кога веќе мораш да се исправиш пред такво прашање.

*Вие сте архијереј на Европската епархија, па ќе си дозволам да ве прашам има ли Македонија европска иднина?

И уште илјада Макроновци кога би се појавиле, не би ми го разнишале оптимизмот. Секако дека имаме. Ако не за нас што остануваме во Македонија, тогаш Европа треба да размисли за нашата европска иднина заради македонските Европејци што живеат на нејзина територија и од кои молат глас при својот избор за влез во Европскиот парламент.

Плус тоа, и ние сме на европскиот континент. И ние го носиме тоа европско наследство. Станува збор за гени, а не за западно поимање на Европа со крупни економски интереси.

*Имате и Вие впечаток дека одредени политички партии ја злоупотребуваат верата на луѓето заради политички цели?

Секако. Најчест облик на популизам е баш тоа. Дури некои си го земаат тоа право да имаат ексклузивитет на верата. Како по некој автоматизам, десните да се по дифолт верници, а левите да не смеат ни да помислат на верата, па оттука и натпреварот што повеќе ќе ја користи црквата за сликање или за плукање. Верата е или не е во срцето на секој од нас, па попусто се злоупотребува од партиите. Ниту сите од едната страна се верници, ниту сите од другата се атеисти. На крајот на краиштата, верата е за да земаме залет кон вечноста, а не залет за во парламент.

*На верниците им пречат тарифите за верските обреди, свештеници кои имаат луксузни куќи и возила… Свесна ли е Црквата за тоа и дали презема нешто?

Секако дека е свесна. Тоа е толку постојано актуелна и бајата тема. Народот толку се навлекол на таа приказна без да си ја провери информацијата, па смета дека освен мантијата и брадата задолжителна опрема на свештенството е и џипот. Та сите ли луксузно живеат? Попосетени ли се црквите каде што служи свештеник што живее под кирија и се вози со скромно возило? Или полесно е да се генерализира и да се оправда мрзливоста да се оди во црква со тоа што ќе се напаѓа „луксузот” на свештенството.

Еве, ајде да кажеме и дека се релативно високи црковните такси за големите треби крштевка, венчавка и погреб, но и да се запрашаме колку пати еден човек во својот живот ги користи. Максимум трипати. И сега пак прашање. Црквата, која секогаш му е достапна во сите денови од неговиот живот, многу ли добила од еден човек преку требите? Осиромашил ли човекот поради таа една просечна плата што ѝ ја дал на црквата за сите тие три споменати треби?

А свештениците што си ги знаат своите парохјани, верувајте дека нема да им ги превртат џебовите на оние за кои знаат дека едвај врзуваат крај со крај.

Ете, тоа нека биде одговор на она дали преземаме нешто, а не дека ќе распродадеме возен парк за да ги затвориме устите на сите оние што упорно ја пренесуваат прикаската за попот што не давал рака за да излезе од калта.

*Какви ни се релациите со БПЦ? Има ли некаква промена во односите откако побаравте Бугарската црква да ѝ стане мајка црква на МПЦ? Засега нема најава за заедничка литургија?

Личните односи на поглаварите на двете цркви г.г. Стефан и г. Неофит се на одлично ниво, што може да се види последниве години од честа што му ја укажува бугарскиот патријарх на нашиот архиепископ кога е поканет на чествувањето на денот на писменоста во Софија. Истото може да се каже и за меѓуепископските односи. Други промени нема и по оној несреќно избран средновековен термин „мајка црква“ со кој ги раздвиживме духовите низ голем број православни цркви. Најави за заеднички богослужби нема и не очекуваме до решавањето на нашето прашање во православниот свет.

*Од друга страна пак, неколкумесечните политички превирања на релација Скопје-Софија, добија ново бурно продолжение, сега од највисоката научна институција во Бугарија. БАН вели дека македонскиот јазик не постои бидејќи е писмено-регионален стандард на бугарскиот. Како го оценувате Вие овој потег?

Или не веруваат во библискиот настан на ѕидањето на Вавилонската кула и размешувањето на јазиците или пак веруваат дека тој јазик пред градењето на кулата бил бугарски за некои луѓе, па биле тие и академици. Како да гледа човек на овој нивен потег освен со потсмев, кога истите тие луѓе плаќаат за преводи на нивните дела на македонски или обратно за да се публикува дело на некој наш автор во Бугарија се бара превод? Џабе слават ден на словенската писменост и го величат делото на светите браќа Кирил и Методиј кога заглавуваат во оние јазични тврдења за избрани јазици, па и самите се однесуваат како оние што ги обвинувале просветителите.

*Колку Преспанскиот договор може да помогне во омекнување на ставот на Грчката православна црква кон МПЦ? Може ли да се случи признавање на МПЦ?

Не би знаел да кажам. Повеќе очекувам омекнување на ставот на ГПЦ кон МПЦ со последните раздвижувања во православниот свет по признавањето на Украинската црква од страна на Вселенската патријаршија. А признавањето на МПЦ не само што може, туку и сигурно ќе се случи, затоа што МПЦ е реалност во православниот свет, која мора да биде призната еден ден.

*Минатата година премиерот Зоран Заев иницира постапка за решавање на црковното прашање, со писмо кое го испрати до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање да ѝ се признае автокефалност. Оттаму немаше реакција, но можеме ли да го очекуваме тоа сега откако се смени името на државата?

Реакција немаше, но имаше некои изјави на претставници на Вселенската патријаршија дека по украинското прашање ќе се разгледа и македонското црковно прашање. Наше е да очекуваме и да веруваме дека тоа не се само празни зборови и смирено да се молиме што побрзо да дојде тој ден. Во меѓувреме не престанувајќи да се грижиме за внатрешното уредување на нашата света црква, но и за нашата многубројна дијаспора насекаде онаму каде што нè има нас, православните Македонци.

*Што правиме со односите со СПЦ? Ќе ги влоши ли дополнително односите одлуката на Врховниот суд да се отфрли како неосновано барањето за вонредно преиспитување на пресудата против Јован Вранишковски од ПОА?

Мислите ли дека може да имаме полоши односи отколку овие што владеат скоро две децении? Тотално игнорирање на сите покани за продолжување на преговори, создавање паралелна епархија во Македонија, потсмешливи изјави на одделни нивни архиереи, монархистички сонувања…?

Сепак, дополнителни влошувања може да се очекуваат по заземањето страни во онаа студена војна меѓу Москва и Цариград, а не поради одлуката на Врховниот суд.

Ако може да има полошо, како што споменав.

*Вие сте многу популарен меѓу верниците, особено кај младите. Експонирани сте во јавноста, активно учествувате во општествено-политичкиот живот, имате многу следбеници на социјалните мрежи… но истовремено, трпите остри критики, кои честопати и самиот ги иницирате и ги провоцирате. Од каде таквата неконвенционалност?

Уште во мојата прва беседа на хиротонијата во 2005 ги цитирав зборовите на светиот апостол Павле упатени до Коринтјаните (1. Кор. 9, 22) „За сите станав сè, та по каков и да било начин да спасам некого“. И сè уште тие зборови се силата што ја одржува мојата мисија. Секогаш сум размислувал дека ако нашата проповед не го пречекори црковниот праг, останува омеѓена. Црковниот амвон не е само место во црквата, туку начин на проповедање на словото.

Денешниов свет, кој го достигна врвот во брзо и широко пласирање на информации, ни дава одлична можност на сите оние што размислуваат како мене за да ја надминеме омеѓеноста на проповедта. И тоа треба да се искористи. Некој ќе рече дека интернетот е ѓаволска работа, но таква ќе стане ако цел тој медиум му го препуштиме нему.

А за критиките фала му на Бога. Нели се бориме за демократија? Нели се залагаме за слобода на говор? И од друга страна нели провокацијата е повик на размислување околу различното мислење?

Од таму доаѓа неконвенционалноста, токму како начин на поттикнување на размислување.

Очекувам година во која нема да се изедеме меѓусебе и покрај изборните кампањи, за да не исчезнеме!

 *Каква година посакувате да имаме, а каква очекувате дека ќе се случи?

 Посакувам година во која нема да ги чујам оние два презастапени збора во нашиот македонски секојдневен говор, кои толку многу омраза раѓаат, „предавник“ и „патриот“, година во која ќе се гушне син со татко и со брата брат, година во која ќе престане полнењето на мојата епархија, година во која ќе видам многу насмеани лица како одраз на полните џебови…

А очекувам сè спротивно, но очекувам и година во која нема да се изедеме меѓусебе и покрај изборните кампањи, за да не исчезнеме, не од притисоците од другите, ами од самите себе.

Христос се роди!