Интервју со д-р Нико Беќаровски: Искрено сум среќен што не сме во првите држави каде што започнува вакцинацијата!

Вакцинацијата, во моментот, изгледа како единствено решение за оваа светска пандемија. Би било идеално да се овозможи избор помеѓу повеќе проверени вакцини, меѓутоа дефинитивно масовната вакцинација е предуслов за конечно сузбивање на пандемијата. Искрено сум среќен што не сме во првите држави каде што започнува вакцинацијата бидејќи ќе има доволно долг период да се согледаат евентуално неочекуваните несакани дејства покрај стандардните, кои секако ќе се јават, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР токсикологот Нико Беќаровски.

1106

Елизабета АРСОСКА

Фото: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ

Докторе, вие сте многу активен на социјалните мрежи на кои имате многу следбеници. Деновиве напишавте дека ја водиме последната битка со невидливиот непријател, а ниту бројот на новозаразени ниту на починати се намалува. На што ја базирате вашата оптимистичка најава?

Механизмот со кој разорува вирусот секој ден ни станува сè појасен од субцелуларно ниво, до комплетната клиничка експресија. Појавата на цитокинска бура, делувањето врз АЦЕ рецепторите во организмот, микроциркулацијата и коагулацијата на крвта, се веќе апсолвирани нарушувања, кои знаеме како настануваат, кога може истите да ги очекуваме и кој сегмент од популацијата е највулнерабилен. Лабораториските и параклиничките иследувања кои се неопходни да се направат за рано откривање на овие животозагрозувачки состојби се јасно детерминирани со точна временска дистанца.

Потрагата по медикамент кој ќе може уште во раната фаза на инфицираност да го убие вирусот или драстично да ја намали неговата патогеност иако сè уште немаат хепиенд, исфрли 2-3 антивиремици и антихелминтици, кои имаат помал или поголем успех. Редемсивирот, иако беше најавуван како клуч во борбата со ковид-19, сè повеќе го губи здивот, но сè поголем е бројот на студии кои ги покажуваат позитивните ефекти од еден друг антивиремик, фавипиравир, кој за среќа го имаме и кај нас и пред сè на еден стар и добро познат антихелминтик ивермектин, кој за жал не е достапен во Македонија за употреба кај луѓе. Овој лек покажува позитивни резултати во сите фази на заболувањето. Молнупиравир е нов антивиремик сè уште во клиничка фаза II/III кој покажува одлични резултати како многу потентен селективен антивиремик.

Трите вакцини за кои се тврди дека имаат многу висок процент на ефикасност со низок степен на несакани ефекти се третиот столб во тврдењето дека ја водиме последната голема битка со вирусот кој ни го смени животот. Искрено посакувам пред масовната вакцинација да се пронајде долгоочекуваниот лек, кој ќе може да ја одложи вакцинацијата и да овозможи дополнителни испитувања на вакцините, пред сè на Фајзеровата, која е потполно нов и досега неприменуван облик за вакцинирање на хуманата популација. Секако дека за комплетна ерадикација на вирусот, најверојатно, на крајот сепак ќе е неопходна масовна вакцинација на целокупното население, но најдобро со 100% сигурна и комплетно проверена вакцина. Следните 6-8 месеци човештвото ќе ја добие оваа последна жестока битка со невидливиот непријател.

Не мислите ли дека новогодишните празнувања ќе ве демантираат? Мислите ли дека е потребно да се направи целосен локдаун?

Целосен локдаун секако дека не. Можеби треба да се размисли за ограничување на движењето по 22 часот.

Во моментов се најактуелни три вакцини. Би се вакцинирале ли вие, односно која вакцина би ја избрале?

Искрено сум среќен што не сме во првите држави каде што започнува вакцинацијата бидејќи ќе има доволно долг период да се согледаат евентуално неочекуваните несакани дејства, покрај стандардните, кои секако ќе се јават. Од друга страна вакцинацијата во моментот изгледа како единствено решение за оваа светска пандемија. Би било идеално да се овозможи избор помеѓу повеќе проверени вакцини, меѓутоа дефинитивно масовната вакцинација е предуслов за конечно сузбивање на пандемијата. Во дадениов момент, според достапните информации, сите вакцини сугерираат голема успешност, така што дефинитивната одлука околу мојот личен избор за вакцинација, доколку би можел да бирам, би се базирала на пројавените несакани ефекти, нивниот интензитет и фрекфентност кои ќе бидат регистрирани во наредните неколку месеци.

Дали сметате дека ризичните групи треба да ја примат вакцината, односно дали со оваа брзинска вакцина не би се предизвикал поголем ризик на она што е веќе ризично со нејзин внес?

Целокупниот напор и борба во изминативе месеци беше за зачувување на оваа вулнерабилна група на светската популација. Идеално би било останатото население да ја прими вакцината со што би се овозможило создавање на колективен имунитет и исчезнување на вирусот. Во секој друг случај ќе мора да се прибегне и кон вакцинација на оваа група на население која и во изминатиов период беше со најголем леталитет.

Во меѓувреме на црниот пазар, граѓаните си купуваат и си продаваат терапии и лекови. Наспроти нив, се појавуваат „природни лекови“ како гускина маст кои се продаваат како лекарства против ковид-19. Сте имале ли некој сличен случај кој завршил кај вас на токсикологија?

Ќе беше голема среќа да постоеше лек за овој вирус, во тој случај ќе беше беспредметна и вакцинацијата. За жал на интернет и по разни портали се појавија безброј рецепти и лекови кои наводно спречуваа зараза и успешно ја лекуваа оваа болест. Засега немаме нотирано никакви труења како резултат на примена на непроверени лекови.

Каква е состојбата во моментов на Клиника?

Покрај сите досегашни секојдневни активности кои се одвиваа на Клиниката, во последниот месец дена, со цел на правилно тријажирање на акутните животозагрозувачки состојби, на Клиниката се прават и брзи тестови за диференцирање на ковид пациенти. Напоменувам дека ова тестирање се врши само на пациентите кои имаат итна неопходна здравствена потреба или е индициран хоспитален третман на некоја од клиниките во Кампусот. За сите останати пациенти тестирањето и понатаму се извршува во дисперзираните пунктови низ целата република и град Скопје.

Како изгледа еден ваш редовен работен ден во пандемијава? Како се справувате со оглед на фактот што сте десеткувани со персоналот?

За жал, пандемијата во целост го измени нашиот работен ден. Клиниката за токсикологија во моментов е еден вид тријажен ковид центар каде се прави брза дијагностика на пациентите, дали се позитивни или негативни. Ако се позитивни се праќаат во Ковид центарот ако не се праќаат на соодветна клиника или го добиваат потребниот здравствен третман. Едноставно, во текот на целиот работен ден сме со комплетна опрема за лична хигиена, секој нов пациент се третира како потенцијално позитивен, постојано се дезинфицираат и кварцаат просториите во кои престојуваат пациентите и вработените. Меѓусебните контакти на вработените се сведени на минимум со примена на сите заштитни мерки.

Имаше многу напади од јавноста кон Комисијата за заразни болести. Мислите ли дека добро си ја вршат работата или сепак имаат влијание од политиката?

Комисијата носи само препораки кои за жал не секогаш беа усвојувани. Најголем дел од препораките беа благовремени, но секако дека имаше и задоцнети реакции.

На што се должи големиот број на новозаразени и починати во Македонија? На задоцнетите мерки или пак на несовесноста на граѓаните?

Епидемијава на површина ги изнесе сите проблеми на нашето општество во изминатите 30 години. Од една страна нискиот степен на здравствена култура, како резултат на грешки во образованието, од друга страна комплетната недоверба во институциите на државата. Сето ова придонесе да бидат бројките такви какви што се, иако искрено очекував дека можат да бидат уште полоши. Сè додека не сфатиме дека здравството, образованието и културата се базични фундаменти на едно општество вакви ситуации можат да ни се повторуваат.

Матичните лекари обвинуваат дека нема протокол за лекување на болните. Може ли да се одговори на една ваква пандемија без конкретна терапија?

За жал се согласувам со констатацијата на матичните лекари, со оглед дека 95% од заболените се лекуваат во домашни услови, досега требаше и мораше да бидат унифицирани протоколи по кои ќе се третираат овие пациенти во согласност со протоколите од останатите држави прилагодени на нашите услови.

Како токсиколог вие одлично знаете кои лекарства можат да се комбинираат во одредени болести. Мислите ли дека антибиотската терапија е сосема непотребна во лекување на заболени од ковид-19?

Заедно со професор Пановски многупати апелиравме за нерационалната и непотребна употреба на антибиотиците во оваа пандемија. За жал антибиотската терапија се даваше и сè уште се дава без никакви знаци за постоење на секундарна бактериска инфекција, што само по себе претставува проблем, како за самиот заболен така и за создавање на општа резистенција кај населението кон овие потентни лекови.

Освен со ковид заболените, кај вас се обраќаат и пациенти со други тосиколошки проблеми. Направи ли ковид-пандемијата таков психолошки притисок што се јавуваат зголемен број на суицидни случаи?

Граѓаниве на оваа држава триесетина години живеат под постојани притисоци, така што за разлика од останатото европско население во тој поглед многу подобро го поднесува психолошкиот стрес од пандемијава. Имаме мал пораст на најтешките труења, но затоа од друга страна има намалување на бројот на полесни труења. Сè на сè може да заклучиме дека обичниот македонски граѓанин сè уште добро го толерира психичкиот терет на комплетно сменетиот живот.

Можете ли во проценти да кажете колку е зголемен бројот и дали навистина имаат врска со ковид-19?

Бројот на тешките корозивни труења е зголемен во последниве 2 месеци за 20-ина проценти во однос на просекот од минатите години во овој период од годината, а секој ваков чин на обид за самоубиство е мултифакторијален сплет во кој не може јасно да се разграничи улогата на стресот од болеста која ги измени нашите животи.

Се појавуваат и нови симптоми

 

Остануваат ли истите симптоми температура, малаксаност, губење на мирис и вкус или се јавуваат и нови симптоми?

Наведениве симптоми се најчести симптоми, меѓутоа покрај нив секојдневно се рапортираат нови симптоми како што се: гадење, повраќање, проливи, вртоглавица, болки во нозете и така натаму. Сите овие симптоми потврдуваат дека се работи за едно мултисистемско зафаќање на целиот организам.