Интервју со доц. м-р Страхил Петровски: Ни требаат реформи во образованието кои ќе придонесат за враќање на неговото достоинство и интегритет

Образованието е континуитет, дипломата е парче хартија која ако не ја поткрепиме со квалитетно образование и знаење - нема поента. Нели имавме девиза „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, но некако останавме само на тоа... за жал, мора да признаам дека во последните години сѐ повеќе и повеќе се соочуваме со огромни проблеми, аномалии и тонење на образованието и образовниот процес, генерации студенти за жал остануваат неписмени. Причините за тие состојби се повеќеслојни и познати!? Иако сум директно засегнат како професор, работејќи во високообразовна институција, сепак не би сакал да навлегувам подлабоко и да елаборирам на таа тема. Болна е! Веројатно ни требаат такви реформи кои навистина ќе придонесат за враќање на достоинството и интегритетот во образованието гледано од сите аспекти, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, доц. м-р Страхил Петровски, академски сликар и професор на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет, Скопје

665

Вие сте професор на Европскиот универзитет – Скопје. Каков е предизвикот да се предава на студентите?

Предизвикот да се работи со млади луѓе, студенти, е навистина посебен и пред сѐ е од исклучително значење за идните генерации кои понатаму сами ќе си го трасираат патот во животот и кариерата, надградувајќи се во професијата која ќе ја одберат. За мене, предизвик подразбира огромна одговорност и посветеност во работата како доцент по предметите Фотографија 1 и Мултимедија 1. Иако поминаа две години откако сум избран за доцент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, не ми беше воопшто тешко да се вклопам во програмата и наставата со студентите, бидејќи претходно работев како демонстратор на Факултетот за ликовни уметности по предметите Сликарска технологија и Сликарски техники. Оттаму веројатно и ја развив желбата и љубовта кон педагошката работа и едукацијата на младите генерации, пред сѐ во доменот на визуелните уметности професија, која, од друга страна, мора да признаам не е ни малку лесна, а уште помалку „наивна“.

Каква програма за идните студенти нуди вашиот факултет?

Факултетот за арт и дизајн нуди современа настава која со својата програма ги оспособува своите студенти за Графички дизајн, Моден дизајн и Дизајн на ентериер. Секоја од овие три насоки има свои специфики кои ги оспособуваат идните дизајнери да можат да работат самостојно, но и како дел од тимови во фирми и компании од соодветните области. Понатаму, програмата се надополнува и надградува со конкретни проекти за да можат студентите да се оспособат и најпрофесионално да одговорат на барањата на клиентите од фирмите кои објавуваат конкурси наменети за овие области и профили.

Европскиот универзитет организира практична настава за своите студенти. Каде заминуваат вашите студенти на пракса и кои се вашите искуства од наставата и од практичната настава?

Како Факултет за арт и дизајн имаме направено договори за соработка со повеќе институции, фирми и приватни компании каде нашите студенти заминуваат на практична настава и оттаму стекнуваат одлични искуства, кои понатаму се особено важни во нивното натамошно професионално дооформување како личности и дизајнери во маркетинг агенции, модни куќи и студија за моден дизајн, но и во фирми кои се занимаваат со дизајн на ентериер и архитектура.

Каква е комуникацијата со студентите и за кои предмети покажуваат најголем интерес? Од што се состојат вашите предавања, како им го пренесувате вашето знаење на студентите?

Може да кажам дека меѓусебната комуникација со студентите се одвива на завидно ниво, поставувајќи се неконвенционално и пријателски пред сѐ. Тоа не значи дека таквиот начин на мојата комуникација со нив треба да се злоупотреби. Напротив, се покажа како доста успешна во смисла на редовно и навремено реализирање на проектите кои им се зададени по одредени теми. Покрај теоретскиот дел кој е од особено значење за нив и запознавањето со историјата на фотографијата и мултимедијата, имаат и практичен дел (вежби) кои ги реализираат заедно со асистентите. Секако, за фотографијата како медиум за визуелно изразување клучен момент е оној практичниот, каде што студентите најголемиот дел од времето го поминуваат на терен со фотоапаратот, изучувајќи ги техниките на фотографирање. За таа цел за студентите од особена важност е посетата на изложбите кои се случуваат кај нас во музеите и галериите, така што ја користам секоја прилика да ги однесам таму и заеднички да дискутираме за уметноста. Пред пандемијата голем дел од предавањата се случија токму во тие простори. Сметам дека тоа е и еден од начините да се стекнат со визуелна култура и писменост. Што се однесува до прашањето за кои предмети покажуваат најголем интерес, би кажал дека нема некои драстични осцилации, но некако ми се чини дека графичкиот дизајн сепак за нијанса е во предност во однос на останатите насоки.

Колку Европскиот универзитет овозможува професионална надградба на својот кадар?

Европски универзитет, генерално, а и особено нашиот Факултет за арт и дизајн со постоечкиот кадар и програма навистина се труди на идните студенти да им обезбеди квалитетно образование и надградба во секоја смисла. Поседува квалитетен кадар, од професори и асистенти кои со своето долгогодишно и професионално искуство од фелата навистина придонесуваат за успешна едукација на студентите и идните генерации кои ќе се запишат кај нас. Во тој контекст, ќе ги споменам научните конференции и симпозиуми на кои наставниот кадар и студентите континуирано земаат активно учество и се претставуваат со свои проекти. За тоа говорат многубројните награди на студентите и професорите, завршните изложби кои се организираат години наназад во галериските простори, но и во рамките на факултетот. Доказ за такво успешно претставување, иако во пандемиски услови, беше и Јубилејната изложба по повод 15 години постоење и опстојување на универзитетот и Годишната изложба на студентите при Факултетот за арт и дизајн.

Колку се неопходни образованието и дополнителната едукација за унапредување и лична реализација на професионален план?

Целта на образовниот процес е студентите, но и идните млади генерации да стекнат знаења и вештини кои понатаму ќе ги искористат и применат за поуспешно професионално напредување, но и во животот конечно. Цел живот учиме и осознаваме, акумулираме, се надградуваме, се бориме… Образованието е континуитет, дипломата е парче хартија која ако не ја поткрепиме со квалитетно образование и знаење – нема поента. Нели имавме девиза „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, но некако останавме само на тоа… за жал, мора да признам дека во последните години сѐ повеќе и повеќе се соочуваме со огромни проблеми, аномалии и тонење на образованието и образовниот процес, генерации студенти за жал остануваат неписмени. Причините за тие состојби се повеќеслојни и познати!? Иако сум директно засегнат како професор, работејќи во високообразовна институција, сепак не би сакал да навлегувам подлабоко и да елаборирам на таа тема. Болна е! Веројатно ни требаат такви реформи кои навистина ќе придонесат за враќање на достоинството и интегритетот во образованието гледано од сите аспекти.

Генерално, се доби впечаток дека пандемијата ги фати неподготвени институциите и образовните установи. Сигурно нешто научивте во овој период, грешки од кои учевте за да се поправат состојбите. Какви се генералните желби на студентите, што бараат тие, каква настава? Тешко ли оди да им понудите хибридна програма, да се стимулираат, а да нема премногу разочарани при образовниот процес?

Точно e дека пандемијата како минатата година така и тековната, нè измести сите од т.н. „комфорна зона“, како институциите, така и образовните установи, па ние како професори, но и студентите, се соочивме со еден многу тежок период на приспособување во однос на новонастанатата ситуација. Иако, генерално, за нас уметниците изолацијата како состојба не ни е туѓа и непозната, напротив, ја користиме за креативно и визуелно создавање. Во образовниот процес на почетокот се соочивме со низа проблеми од секаков вид. Мора да нагласам дека особено уметничките факултети, според мене, не се соодветни за онлајн настава, потребна е практика и континуитет, а како особено важен момент е интеракцијата меѓу професорот и студентот со физичко присуство. Тоа е ненадоместливо искуство! Нормално, ние професорите и студентите моравме да се приспособиме на ситуацијата и наставата понатаму да биде соодветна за онлајн настава, па со заеднички заложби успеавме таа да тече во најдобар ред и непречено да ги реализираме сите предвидени наставни програми, задачи и испити.

Која би била вашата порака до младите кои допрва треба да донесат одлука дали и каде да го продолжат своето образование?

Мојата порака до младите и идните студенти би била, најпрвин, да се осознаат самите себе, да се преиспитаат добро со што понатаму би сакале да се занимаваат во животот, да бидат креативни и секако да го вложат сето свое знаење во професијата во која ќе уживаат и која ќе придонесе да имаат финансиска придобивка – бенефит во животот. Секако, тука мислам на професии поврзани со визуелните уметности, графички дизајнери, модни дизајнери и дизајнери на ентериер. Факултетот за арт и дизајн нуди одлични можности, професионален наставен кадар и современа програма за сите што планираат да се запишат оваа година. Како доказ за тоа е и големата заинтересираност за овие студии, досега се запишани триесет студенти во прва година, а уписите траат до крајот на месецот.