Интервју со доц. д-р Мирјана Мирческа: Нашето поле на работа е устата на пациентот, а тоа не е можно да се изведе без физичко присуство

Нашите студии се специфични, бидејќи нашето поле на работа е устата на пациентот, а тоа не е можно да се изведе на ниту еден друг начин освен со физичко присуство. На почетокот на пандемијата имавме многу непознати ситуации и се трудевме да ги решиме на најсоодветен начин во интерес на нашите студенти. Мислам дека од оваа временска дистанца можеме да констатираме дека не беше сè идеално, но сепак во дадените прилики скоро да го достигнавме максимумот, бидејќи бевме единствени кои благодарение на просторните услови и следењето на здравствените протоколи успеавме за кратко време да ги вратиме нашите студенти во салите за практична настава, вели во интервјуто за ВЕЧЕР доц. д-р Мирјана Мирческа, продекан на Факултетот за стоматологија при Европски универзитет, Скопје

243

Каков е предизвикот да се работи со млади луѓе и дали програмата на Факултетот за стоматологија е прилагодена на најновите достигнувања во оваа област?

Како дел од наставниот кадар на Европски универзитет, Скопје можам да кажам дека се радувам на секојдневната работа со моите студенти. Предизвикот да го пренесеш своето знаење на младите генерации е голем и претставува на некој начин обврска, бидејќи индиректно влијаеме на нивната иднина. Програмите  според кои студираат студентите на Факултетот за стоматологија и на високата школа за забни техничари, постојано се ревидираат со цел да се следат современите достигнувања во овие области, а воедно и да бидат усогласени со програмите од овој вид студии во странство.

Каде вашите студенти одат на пракса и кои се вашите искуства од практичната настава?

Студиите од областа на стоматологијата се состојат од теоретски предавања, претклинички и клинички вежби, односно практична настава. Практичната настава се реализира во Универзитетскиот клинички центар „Проф. д-р Бојо Андрески” – Скопје. Преку програмата Ерасмус + на нашите студенти им е овозможен и студентски престој во реномирани факултети во странство, каде имаат можност да се запознаат со начинот на студирање во другите држави.

Каква е комуникацијата со студентите, од што се состојат вашите предавања и како им го пренесувате вашето знаење на студентите?

Студиите по стоматологија самите по себе на некој начин се предифинирани во поглед на интересот на студентите, бидејќи стоматологијата е дел од медицинските науки. Тоа значи дека нашите студенти со самото запишување на овој факултет веќе ја определиле својата специјалност. Но, во текот на студиите, посебно во последните две години од студирањето, кога преовладуваат клиничките предмети, секој од студентите почнува веќе да се гледа себеси во некоја од специјалностите на стоматологијата – ортодонција, ендодонција, протетика… Мојата специјалност е ендодонција и реставративна стоматологија и соодветно на тоа моите предавања се однесуваат на сите заболувања кои доведуваат до расипување на забите, како и потребната терапија во смисла на лекувањето на забите и финалното пломбирање. Ова се процедури кои се многу стресни за пациентите, поради што и владее тој фамозен страв од стоматологот. Поради тоа мојата желба е да им го пренесам своето знаење на моите студенти на што попластичен начин преку видео материјали, практична работа на фантом и на пациенти, како би можеле како идни доктори на стоматологија да бидат компетентни и почитувани практичари.

Колку се неопходни образованието и дополнителната едукација за унапредување и лична реализација на професионален план?

Европскиот универзитет е приватна високонаучна установа која го почитува професионализмот на својот кадар и во таа смисла тежнее да придонесе за негова континуирана едукација во земјава и во странство. Стоматологијата е научна дисциплина заснована на практичната примена на знаењето. Брзиот развој на техниката и информатиката имаат големо влијание и во стоматологијата, поради тоа што се откриваат нови материјали и методи за работа и се унапредуваат постоечките. Ваквиот тренд наметнува неопходност од постојано надградување на стоматолозите, а посебно на нас како наставен кадар, бидејќи сите овие новини треба да им ги претставиме на нашите студенти. За таа цел континуирано следиме и посетуваме курсеви и работилници, реализираме професионална доедукација, како би можеле да бидеме и ние, а на тој начин и нашите студенти – идни стоматолози елоквентни во секојдневната пракса во согласност со најновите достигнувања во стоматологијата во светски рамки.

Како се одвива онлајн наставата и имате ли тешкотии во изведувањето на вежбите кои се неопходни на вашиот факултет?

За жал, пандемијата се одрази на сите сфери од животот. Во таа смисла посебно е погоден образовниот процес, бидејќи наставата мора да се одвива на еден изменет т.н. хибриден начин. Нашите студии се специфични, бидејќи нашето поле на работа е устата на пациентот, а тоа не е можно да се изведе на ниту еден друг начин освен со физичко присуство. Во почетокот имавме многу непознати ситуации и се трудевме да ги решиме на најсоодветен начин во интерес на нашите студенти. Мислам дека од оваа временска дистанца можеме да констатираме дека не беше сè идеално, но сепак во дадените прилики скоро да го достигнавме максимумот, бидејќи бевме единствени кои благодарение на просторните услови и следењето на здравствените протоколи успеавме за кратко време да ги вратиме нашите студенти во салите за практична настава. Секако дека многу научивме и понатаму учиме од ова искуство бидејќи пандемијата сè уште е присутна, но мислиме дека образованието на нашите студенти треба да биде реализирано што е можно поблиску до она во нормални услови, бидејќи стоматологијата е професија која им е неопходна на пациентите и во услови на пандемија, па нашите студенти ќе треба да научат да ја реализираат и во вакви специфични услови.

Која е вашата порака до младите кои допрва треба да донесат одлука дали и каде да го продолжат своето образование?

Младите генерации при изборот на факултетот на кој би студирале би требало да ги земат предвид сите услови кои им ги нуди високата научна установа, во смисла на наставен кадар, просторни услови, можности за практична настава, достапност до сите информации во поглед на студирањето… На тој начин студирањето би им било полесно и истото би се одвивало во една пријатна и компетентна околина.