“Правилниот избор на високото образование од страна на идните студенти е многу значајно за нивната професионална кариера и лична надградба. Европски универзитет Скопје нуди студентски програми кои на идните студенти им овозможува стекнување на знаења и компетенции кои ќе им бидат гаранција за нивно успешно вклучување во пазарот на трудот. На идните студенти би им порачал да не се плашат од учење, да се плашат од незнаење. Инвестицијата во себе, инвестицијата во образованието е најдобрата инвестиција која може да ја направат“, вели доц. д-р Марјан Габеров, декан на Факултетот за правни науки при Европски универзитет Скопје

 

Вие сте професор на Европскиот универзитет Скопје. Каков е предизвикот да се предава на студентите?

Работата со студентите е секогаш предизвикувачка. Кога знаете дека работите со категорија на лица кои се решени да станат дел од големото академско семејство поттикот за работа секогаш е многу голем. Основната заложба како професор е во насока на успешно пренесување на знаењата од моја страна на студентите.

 

Каква програма за идните студенти нуди Европски универзитет?

Моменталните студиски програми на Факултетот за правни науки кои се акредитирани се во согласност со сите европски и светски стандарди во областа на правното образование. Факултетот за правни науки го следи начинот на работа на највисоко рангираните правни факултети во европски и светски рамки. Во зависност од потребите на пазарот на труд за во иднина е планирано воведување на нови студиски програми кои треба да им овозможат на студентите успешно позиционирање на пазарот на труд.

 

Европскиот универзитет организира практична настава за своите студенти. Каде вашите студенти заминуваат на пракса и кои се вашите искуства од теоретската и од практичната настава? 

Практичната настава на студентите на Факултетот за правни науки претставува задолжителна категорија. Преку практичната настава се обезбедува можност студентите да ги применат своите стекнати знаења во реалноста, односно да направат поврзување на теоретското со практичното. Преку Центарот за кариера на Европски универзитет, а и преку Факултетот за правни науки студентите се упатуваат на практична настава во јавните обвинителства, во судовите, во администрацијата, во извршната област, во нотаријатот, во медијацијата и др.

 

Каква е комуникацијата со студентите на Европскиот универзитет и за кои предмети покажуваат најголем интерес?

Интересот на студентите за стекнување на нови знаења и искуства секогаш е на многу високо ниво. Достапноста на професорите и асистентите е мотив повеќе за студентите дополнително да се интересираат за продлабочување на нивните знаења од областа на правото. Студентите во зависност од нивните компетенции покажуваат интерес за различни потесни правни области, па така во оваа смисла може да се истакнат казнено-правната област, граѓанско-правната област, деловната област, меѓународно-правната област.

 

Од што се состојат Вашите предавања и како им го пренесувате Вашето знаење на студентите?

Секој наставен предмет се состои од посебни тематски единици. Тематските единици во целост овозможуваат совладување на конкретен правен предмет. Интерактивноста, односно вклученоста на студентите во текот на предавањата, е пресудна за успешно совладување на материјата. Во услови на глобална пандемија направено е прилагодување на изведување на наставата, па така се користат сите придобивки на техничкиот и технолошкиот напредок за изведување на онлајн настава.

 

Колку Европскиот универзитет овозможува професионална надградба на својот кадар?

Со оглед дека се работи за академска средина создадени се сите услови за професионално надградување на наставничкиот и соработничкиот кадар. Оваа професионална соработка се манифестира преку организирање на научни конференции, работилници, јавни расправи по определени прашања, меѓународна соработка со останатите универзитети надвор од државата, соработка со универзитетите во државата.

 Колку се неопходни образованието и дополнителната едукација за унапредување и лична реализација на професионален план?

Формалното образование е тоа кое треба да му овозможи на едно лице успешна реализација на професионален план. Сепак не е доволно единствено формалното образование, потребно е преземање конкретни чекори во смисла на оформување на неформално образование. Спојот на формалното образование и неформалното образование е гаранција дека едно лице успешно ќе се вклучи на пазарот на трудот, како и успешно ќе ја надградува својата професионална кариера.

 

Генерално, се доби впечаток дека пандемијата ги фати неспремни институциите и образовните установи. Сигурно нешто научивте во овој период, грешки од кои учевте за да се поправат состојбите?

Состојбата со глобалната пандемија за сите е нова и истата претставува предизвик за разни сфери во општеството, вклучително и во образованието. Во оваа измината година од кога трае пандемијата може да се заклучи дека образовните институции на релативно добар начин се справуваат со предизвиците кои се исправаат пред нив. Новите технологии, интернетот, технолошкиот и техничкиот напредок се од голема помош во организирањето на разните форми на онлајн настава во услови на глобална пандемија.

 

Какви се генералните желби на студентите, што бараат тие, каква настава? Тешко ли оди да им понудите хибридна програма, да се стимулираат, а да нема премногу разочарани при образовниот процес?

Впечаток е дека студентите многу лесно се прилагодија на овие нови начини на изведување на наставата. Во компарација на традиционалниот модел на настава со физичко присуство и наставата која се одвива онлајн може да се каже дека поголем број од студентите даваат предност на оваа онлајн настава. Сепак треба да се напомене фактот дека онлајн наставата ги оневозможува социјалните контакти на студентите кои, исто така, се многу важни во нивниот целокупен развој. Моменталните состојби со светската пандемија со коронавирусот упатуваат на заклучок дека е потребно изведување на настава со помош на овие онлајн платформи, сè со цел да се избегнат можните ризици по здравјето. Сепак, не би требало да се исклучи и наставата која се одвива со физичко присуство, во вид на консултации со студенти, реализација на испити, реализација на колоквиуми во оние ситуации во кои постојат услови за одржување на потребната физичка дистанца.

Која би била Вашата порака до младите кои допрва треба да донесат одлука дали и каде да го продолжат своето образование?

Правилниот избор на високото образование од страна на идните студенти е многу значајно за нивната професионална кариера и лична надградба. Европскиот универзитет – Скопје нуди студентски програми кои на идните студенти им овозможува стекнување на знаења и компетенции кои ќе им бидат гаранција за нивно успешно вклучување во пазарот на трудот. На идните студенти би им порачал да не се плашат од учење, да се плашат од незнаење. Инвестицијата во себе, инвестицијата во образованието е најдобрата инвестиција која може да ја направат.