Интервју со доц. д-р Емилија Костадиновска од Универзитетски стоматолошки клинички центар „Проф. д-р Бојо Андрески„: Со орална хигиена треба да се почне пред да никне првото млечно запче

Доброто орално здравје е важно за целото тело. Да имате здрава уста значи многу повеќе отколку да имате убава насмевка. Болестите и состојбата во устата може да бидат причина за појава на многу здравствени проблеми. Оралното здравје и одржување на хигиена на устата и забите е подеднакво важно како за возрасните, така и за децата. За тоа кога треба да се почне со миење заби кај децата, колку често да се мијат забите, каква паста и четка треба да се користат разговараме со доц. д-р Емилија Костадиновска, специјалист по детска и превентивна стоматологија од Универзитетски стоматолошки клинички центар „Проф. д-р Бојо Андрески„

1689

Кога да се почне со миење на заби кај деца?

Со одржување на оралната хигиена може да се почне пред никнување или со никнување на првото млечно запче. Пред никнувањето на првото млечно запче, оралната лигавица се брише со влажна газа намотана на прстот на родителот. По никнувањето на првото млечно запче, забите треба да се пребришат и наутро и навечер и по секој оброк. Во тој период детето се храни со мека, кашеста и леплива храна затоа е неопходно да се отстрани наслагата што се задржува за запчето. Покрај газа, може да се користат и гумени и силиконски напрстоци. Ваквиот начин на одржување на орална хигиена може да се користи до двегодишна возраст на детето.

Колку често треба да се мијат забите?

За почеток доволно е забите да се мијат наутро и навечер, а подоцна и после секој оброк.

Каква четка и паста за заби треба да користат децата?

Четките за заби се воведуваат полека. Четката треба да биде мека и со помала глава. Пасти не се користат сè додека детето не научи да плука. Количината на паста ставена на четката за заби треба да биде колку зрно грашок и ништо повеќе. Тоа е доволна количина да ги измие добро забите. При изборот на четка и паста најважно е да се утврди ризик-факторот кај детето и врз основа на него да се примени неопходната паста. Постои голема разлика дали има или нема кариозни заби кај детето. Ако кариесот е присутен (посебно во раните години) само забна паста не помага, туку е потребно и користење на други средства и “лекови” за отстранување на ризикот и поттикнување на реминерализација. Нивно препишување и контрола може да врши исклучиво само стоматолог.

Друг проблем кај примената на забните пасти за деца е присуството на различни други супстанци кои имаат улога на конзерванси, растворувачи, стабилизатори, боја, детергенти и слично. Нашиот став е дека треба да се одбере паста со што помалку конзерванси во нејзиниот состав.

Колку често треба да се менува четката за заби?

Американската дентална асоцијација препорачува менување на нова четка за заби на секои три до четири месеци. Четките на децата треба многу почесто да се менуваат во однос на повозрасните. Можеби ви изгледа нереално и претерано, но на четкичката за заби можат да се насоберат околу 10 милиони бактерии вклучувајќи и ешерихија коли и стафилокока.

Дали детската паста може да се проголта?

На многу дечиња им се случува во текот на миењето на забите да проголтаат малку паста. Детските пасти се со пријатен мирис и вкус, но тие својства ги чинат потенцијално погодни за голтање од страна на малите деца. Кога тоа се случува понекогаш не е опасно, но ако се претерува со проголтувањето на пастата и тоа како може да биде опасно. Затоа нашите совети се до двегодишна возраст на детето, за миење на забите, да се користи само четка без паста. Пастите за заби се само помошно средство, а главната улога во хигиената на забите ја има четката. По четкањето на забите децата треба да ги научиме на испирање на устата. Со испирањето, покрај тоа што се отстранува пастата се испираат и остатоците од храна.

Како да се стекне навика на миење заби кај децата?

Навиката за миење на забите треба да се стекне уште од раното детство, но најчесто децата се незаинтересирани за одржувањето на добра орална хигиена. Затоа родителите ја имаат тешката задача да им го направат миењето на заби забавно и интересно. Дозволете му само да си ја избере четката и пастата. Децата ги обожаваат четките со ликови од цртаните филмови и пастите во различни бои. Купете две четки – едната да ја користи наутро, а другата навечер. Така ќе му ја зацврстите навиката за миење на забите два пати дневно. Создајте игри. Можете да станете и да речете „Јас прва ќе стигнам до четката и да тргнете кон бањата“. Користете стаклен песочен часовник. Децата обожаваат да го гледаат песокот како се спушта надолу, па неосетно ќе им поминат трите минути. Пуштете музика. Најдете песничка која вашето дете ја обожава, а е долга три минути и пуштајте ја секогаш кога ги мие забите. Децата учат од своите родители, па ако вие покажете дека миењето на заби е забавно и вашето дете ќе биде поголем ентузијаст за да одржува добра орална хигиена. Затоа бидете добар пример.

Дали децата може да користат течност за плакнење на устата?

Наша препорака е да не се користи течност за плакнење до 12 години. Повеќето течности за плакнење содржат флуориди и алкохол, па нивното голтање би било опасно за децата.