Интервју со доц. д-р Ана Белазелковска Грежловска: Сакам сите студенти да бидат стимулирани и активно вклучени во наставата

За да биде успешна наставата мора да постои социјална интеракција и комуникација помеѓу професорот и студентите. Се трудам и преку вербална и невербална комуникација со студентите да ја поттикнам нивната заинтересираност и желба за учење. Мојот однос спрема студентите е пред сè флексибилен и притоа ги охрабрувам студентите да ги споделуваат нивните мислења, ставови и искуства. Генерално, моите предавања гледам да бидат проследени со примери и компарации со ситуации и случаи од секојдневната пракса. Се трудам што повеќе „пластично“ да ја доловам материјата која ја предавам и да им ја доближам поблиску на студентите. Користам различни начини за да ги пренесам разбирливо и недвосмислено клучните информации и притоа се трудам да им дадам јасни упатства и начини за учење. Сакам сите студенти да бидат стимулирани и активно вклучени во наставата, следејќи ги нивните индивидуални потреби, вели во интервју за ВЕЧЕР доц. д-р Ана Белазелковска Грежловска, професор на Факултетот за стоматологија при Европски универзитет - Скопје

401

Каков е предизвикот да се предава на студентите и каква програма нуди Факултетот за стоматологија?

Кога го сакаш тоа што го работиш предизвикот е позитивен. Со новите генерации предизвик е да најдеш начин да го задржиш нивното внимание и концентрација во текот на предавањето. Предизвик е и да ги процениш нивните интереси, што е тоа што ги мотивира, начинот на кој учат и како полесно ги примаат информациите. Актуелни студиски програми на Факултетот за стоматологија се интегрирани студии од прв и втор циклус во траење од 10 семестри како и студии на прв циклус за стручни забни техничари во траење од 6 семестри. Исто така, факултетот е акредитиран за настава на англиски јазик и истата се спроведува за странски студенти. Програмата на факултетот е во согласност со европските образовни системи.

Каде вашите студенти заминуваат на пракса и кои се вашите искуства од практичната настава?

Практичната настава по општите медицински предмети, но и по претклиничките стоматолошки предмети се реализира во лаборатории соодветни за таа намена кои се технички опремени со сиот потребен инструментариум и апаратура. Додека, пак, практичната настава по клиничките стоматолошки предмети се изведува во просториите на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Проф. д-р Бојо Андрески˝. Во текот на студиите, но и за време на нивното стажирање, студентите имаат можност за неколкумесечен престој и изведување практична настава на странски универзитети по нивен избор во рамките на Еразмус програмата. Toa не само што им овозможува на студентите подобрување на праксата и мануелните вештини, да искусат една друга образовна и едукативна средина, но и запознавање на друга култура и можност за размена на мислења и контакти со студенти од други земји.

Каква е комуникацијата со студентите и од што се состојат вашите предавања, како им го пренесувате вашето знаење на студентите?

За да биде успешна наставата мора да постои социјална интеракција и комуникација помеѓу професорот и студентите. Се трудам и преку вербална и преку невербална комуникација со студентите да ја поттикнам нивната заинтересираност и желба за учење. Мојот однос спрема студентите е пред сè флексибилен и притоа ги охрабрувам студентите да ги споделуваат нивните мислења, ставови и искуства. Генерално, моите предавања гледам да бидат проследени со примери и компарации со ситуации и случаи од секојдневната пракса. Се трудам што повеќе „пластично“ да ја доловам материјата која ја предавам и да им ја доближам поблиску на студентите. Користам различни начини за да ги пренесам разбирливо и недвосмислено клучните информации и притоа се трудам да им дадам јасни упатства и начини за учење. Сакам сите студенти да бидат стимулирани и активно вклучени во наставата, следејќи ги нивните индивидуални потреби.

Колку Европски универзитет овозможува професионална надградба на својот кадар и колку образованието и дополнителната едукација се неопходни за лична реализација на професионален план?

Европски универзитет, пред сè, обезбедува независност на своите вработени и го цени и признава нашиот труд што е многу важно. Самото тоа претставува поттик за постојан развој и професионална надградба. Универзитетот организира конференции, симпозиуми, како и посети на релевантни институции и универзитети во странство со што се нуди можност да се продлабочат и усовршат стручните познавања од одредена област. Формалното образование и постојаната едукација е и право и обврска за да напредуваш во кариерата. Тоа не би требало да биде само лична цел, туку ефектите од дополнителната едукација да се насочат кон постигнување поголем успех на студентите. Преку личното професионално усовршување се стекнуваат нови вештини за да се подобри начинот на реализација на работата и да се пренесат стекнатите знаења на студентите.

Пандемијата го принуди образовниот систем на нагла, непланирана и брза транзиција кон онлајн настава. Како се одвива онлајн наставата и што научивте од ова искуство?  

Точно, пандемијата со ковид-19 го принуди образовниот систем на нагла, непланирана и брза транзиција кон онлајн настава без претходно искуство, обука и недоволен опсег. Но, сепак од ова искуство научивме многу работи. Пред сè, дека е добро да се има план и програма за начинот на кој ќе се реализира наставата, но дека мора да сме флексибилни и подготвени успешно да се снаоѓаме во непредвидливи ситуации. Ова искуство беше неопходно за одржлив раст и верувам дека и во иднина ќе донесе до значителни придобивки или можеби и после пандемијата ќе се појави нов хибриден модел на образование во кој онлајн наставата ќе биде интегрален дел. Поради шокот кој го предизвика пандемијата, се најдовме во ситуација да бидеме спречени да одржуваме класична настава и единствено решение беше да ја изразиме нашата креативност преку дигиталните платформи. Иако одредени факултети може да функционираат добро и со онлајн настава, сепак на Факултетот за стоматологија каде ангажираноста на студентите во третманот на пациентите како единствен начин да ги стекнат и подобрат нивните мануелни вештини и компетенции е нешто што едноставно не може да се замени. За нас студентите се од примарно значење и тековно на Факултетот за стоматологија се одвива практичната настава со физичко присуство на студентите кои се групирани во мали групи притоа максимално почитувајќи ги протоколите за заштита од ковид-19. Што се однесува до спроведувањето на теоретската настава нашата цел е да се заштити здравјето на студентите и на наставниот кадар, но и да се овозможи квалитетно образование. Студентите сè уште преферираат и веруваат во тоа дека полесно се совладува и разбира материјалот кога наставата ја следат од амфитеатар со физичко присуство. Но сепак излегуваме во пресрет на желбите и потребите на студентите и во зависност од нивната здравствена состојба студентите можат да ја следат наставата и онлајн преку дигиталните алатки.

Која е вашата порака до младите кои допрва треба да донесат одлука дали и каде треба да го продолжат своето образование?

Мојата порака е пред да ја донесат одлуката за избор на факултет каде ќе го продолжат своето образование да си направат претходно самопроцена, односно да се водат од своите лични желби, афинитети, интереси и вештини. Ако се запишат на факултет и насока за кои имале желба и сами одлучиле ќе бидат подобро мотивирани во текот на студирањето и ќе постигнат подобри резултати. Што не е случај ако се запишат на некој факултет за кој некој друг ги советувал бидејќи по завршувањето опциите за наоѓање работа се полесни или од било кои други причини. Универзитетот е многу повеќе од едукативна институција. При изборот мој совет е да го одберат оној универзитет кој ќе им го обезбеди потребното знаење, услови за практична работа, непречена и срдечна комуникација со наставниот кадар, но и пријатна атмосфера каде ќе се чувствуваат среќни и исполнети во текот на нивните студии.