Американскиот актер и режисер Мофет веќе извесно време е во Македонија каде што со Драмски театар ја подготвува претставата „Несоодветно за на работа“ (Not Safe for Work) од британската драмска авторка Луси Кирквуд, што во негова режија премиерно ќе се изведе на 27 јули на „Охридско лето“. Додека тој е овде, неговата прекрасна жена, како што вели за весникот „Вечер“, е во Калифорнија, ќерка му која има 22 години е во Њујорк, а 16-годишниот син на одмор во Њу Ингланд. Најпознат е по филмовите „Украдена убавина“ на Бернардо Бертолучи и „Трафик“ на Стивен Содерберг, а го познаваме и по сериите „Животот е див“, „Среќно разведени“, „Заменети при раѓање“… Мофет е вторпат во Македонија, а првиот пат во 2016 е дојден како консултант на УСАИД за продукциите „На терапија“ и „Инсајдер“

Како течеше подготовката на претставата ?

Актерите со кои работам се многу талентирани. И мислам дека се возбудени што имаат можност да работат со некој кој доаѓа од друга култура, традиција. Инаку, ние имавме само три дена читачка проба. И јас им реков, ајде, готово е, станувајте… А тие, не, не… Ние во Македонија седиме на маса, пушиме цигара, зборуваме за сцената, па режисерот доаѓа и се прашува самиот што ќе прави денеска, па не знае, па ќе размисли… Не, според мене треба побрзо, подинамично да се работи. Не велам дека мојот начин е најдобар, но мислам дека актерството е искуствено, е за тоа што чувствуваш кога нешто правиш, па така седењето на маса мене ме тера на спиење. Јас имам поголема енергија и поконструктивен сум.  Кога тие го осознаа мојот процес на работа, сè беше во ред. Го сфатија „лудиот Американец“, но за мене ако театарската претстава е стегната, брза, динамична, и ако јас сум во публиката тогаш ќе бидам сигурен дека некој навистина ја направил специјално за мене. Таква ми се допаѓа, и се надевам ќе го постигнеме тоа. Премиерата е на 27 јули во Охрид. Сакам да се вратам во септември во Драмски и да ја изведуваме претставата, но тоа ќе биде одлука на новиот директор.

Во Америка нема актери на плата

„Во Америка во театрите нема репертоар како овде. Таму правиме претстава, има премиера и потоа осум изведби за цела недела и готово. Потоа е следната претстава. Мислам дека овој модел со репертоар во театрите во најчистата форма е најдобар, но американскиот пазар не го дозволува тоа. Немаме актери во ансамбли, ниту актери на плата, сè е водено од економијата. Па така и пробите се брзи, бидејќи вие плаќате за театарот каде што се одвиваат пробите. Па затоа и јас работам брзо…“, вели Мофет

Како дојде до соработка со Драмски и зошто решивте да дојдете во Македонија?

Видете, колку често уметник добива можност да искуси, особено во изведувачките уметности, да работи на странски јазик и со актери кои имаат различна школа за театар, не во Западна, туку во Источна Европа? Заради тоа бев заинтригиран, бидејќи сум голем обожавател на Гротовски, го учев Станиславски… Тие овде се традиција. Сакав да видам какви се актерите овде, како работат, го сакав тоа актерско искуство и потоа секако сакав да работам со театар кој е познат како што е Драмски, што за мене е голема чест. За соработката со Драмски… имам пријател во Македонија, кој ја познава актерката Сања Арсовска. Така се запознав со директорката Викторија Рангелова-Петровска. Зборувавме и таа ми предложи да дојдам и да поставам претстава, ја одбравме драмата, а кога дојдов ги избрав актерите…

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за претставата…

Што се однесува до она што драмата го зафаќа – родовите прашања, за мене оваа драма е за моќта, за тоа дека мажите ја вежбаат, наметнуваат моќта врз жените, но пак, потоа, кога жените ќе добијат моќ, дали тие се однесуваат различно или исто. Претставата е многу интересна, смешна, многу добро напишана и интелигентна, но на крајот не верувам дека луѓето ќе го напуштат театарот насмеани туку замислени и со полно информации, бидејќи многу работи се случуваат тука. Лесна е за гледање, изведбите на актерите се фантастични, и на многу нивоа публиката ќе може да ужива во неа. Сепак, по една недела, или кога во списание ќе погледнеш некоја жена која направила пластична операција ќе се замислиш и ќе ти текне зошто си се смеел во претставата.

На почетокот на кариерата работевте во банка. Зошто влеговте во светот на актерството? 

Зошто? Па, мислам дека знаете зошто и вашите читатели знаат… (се смее). Бев многу несреќен со мојот живот и со работата тогаш, имав 22 години, а мислев дека животот ми е завршен. Имав добар факултет, одлични оценки, добив супер работа, имав убав апартман, пари, убава облека, и седам во мојот апартман и несреќен сум. И тогаш решив дека сум отворен за промени… Мој пријател одеше на часови по глума и ми вели: „дојди, има убави девојки, и секогаш по часовите излегуваме и се забавуаме и многу пиевме…“ јас велам добро, јас сум за, продадено (се смее). И тогаш се вљубив во актерството, бидејќи сметам дека театарот е вистината и мора да биде вистинит. Претходно се чувствував како да живеев во лага, па така, во театарот како да ја најдов вистината. Како чувството да станеш шаман-носител, раскажувач на вистината. Како актер да бидеш носител на вистината. Тоа беше како еден вид религиозно искуство за мене. Како да најдов некакво поврзување со нешто многу поголемо од мене и ми даде големо задоволство.

Пред сè, Вие сте ТВ-актер. Дали мислите дека ТВ-сериите како полека да му го земаат приматот над високобуџетниот филм.

ТВ-сериите не му го земаат приматот на високобуџетниот филм туку на сите останати филмови. Единствени филмови кои сега се прават се вискобуџетните и нискобуџетните. А средината останува за ТВ-сериите. Сите сценаристи, актери, режисери и продуценти кои правеа филмови од околу 20 до 100 милиони долари ги нема, исчезнаа, како и средната класа. Сега средна класа се „Нетфликс“, телевизиските мрежи Ен-би-си, Си-би-си, Фокс, ХБО… Но, за актерите ништо не е сменето.

Каде исчезнаа квалитетните филмови од Холивуд…

Тоа е прашање кое сите си го поставуваме… Пред да почине Бертолучи ми вели „ах, никој не сака да ги прави моите филмови, пробувам сега да направам ТВ-серија во Холандија“. Јас му се понудив да го режирам или да играм во неа… Но, тој,… нема работа, нема пари… јасно ми е, велам… Содерберг, пак, сега прави филмови за стриминг и филмови на ајфон. Економијата го диктира она што Холивуд го прави, сега економијата емитува… Секако, ти ако познаваш пет добри актери и имаш добро сценарио, можеш да снимиш евтин филм. Тинејџерски и хорор-филмови ќе се прават, но мислам дека луѓето можеби некогаш ќе почнат повторно да прават добри, интелигентни филмови!?

Дали театарската форма може да се натпреварува со филмот и ТВ? Го има ли влијанието како претходно, дали станува елитна уметност?

Исто е во Америка. Мислам дека театарот влијае врз ТВ и филмот, а тие имаат можност да влијаат на поширока публика. Театарот никогаш не може да влијае на широка публика, можеби во минатото, на пример во Прага, Вацлав Хавел или Гротовски во Полска, кога имало репресии, па театарот имал улога да ги ослободува луѓето… Но сега, целата култура е предодредена на начин да им влијае на масите преку Јутјуб, Твитер, медиумите, не преку театарот. Но, тоа не значи дека театарот нема свое место. Луѓето кои се во театарот го сакаат театарот. Мислам дека тој ќе продолжи да влијае, да ги надахнува писателите, режисерите, актерите кои таа промена, новина ќе ја внесуваат на телевизијата.

За „Трафик“ добивте награда (Screen Actor’s Guild Award). Кажете ни нешто повеќе за познатите актери со кои настапувате таму.

Двајцата актери со кои најмногу работев во „Трафик“ беа Мајкл Даглас и Бенисио дел Торо. Тие двајцата се многу различни, но дали луѓето се навистина добри осознаваш кога си покрај нив. Во работна атмосфера тие се сосема нормални, на пример Бенисио дел Торо е многу кул, приземен. А, на пример, Мајкл Даглас е како политичар. Јас со Мајкл бев и на филмот „Falling Dawn” во 1992 година и него го сретнав во приколката за шминкање и тој многу срдечно се запозна со мене. Со него немав ниедна сцена, со Роберт Дувал имав сцена во тој филм. По осум години, со „Трафик“, го сретнувам Мајкл во лифт во Сан Диего, каде што бев и со жена ми, а дојдов да ја снимам првата сцена со него… И го гледам, а тој, еј Ти Дабалју, ми се допаѓаше во „Falling Dawn“… А жена ми изреагира пријатно зачудена…што? Тој е многу познат и може да си дозволи да биде надмен, но тој е сосема в ред.

Како професор на Катедрата за филм и телевизија на Савана колеџот, која е пораката што ја праќате до Вашите студенти?

Им кажувам две важни работи кога сите заедно ќе ги соберам на почеток на годината. Првата, е секогаш да запомнат зошто дошле на филмска школа, што е приказната која сакаат да ја раскажат, која е нивната приказна, бидејќи секој има уникатна приказна, а ако не знаат која е нивната, да ја креираат, измислат. Бидејќи ако го немаш тоа сознание во твојата глава, зошто си на глума?! Дури и никогаш да не направиш филм кој ја сочинува твојата приказна, ти мораш да разбереш што е добра, што е уникатна приказна. Ти можеш сè да научиш, камера,…итн, но ќе бидеш досаден техничар. Значи, мора да ја разбереш приказната! И второто, секогаш биди позитивен. Особено во Америка, каде што има многу голема конкуренција. Ако мислат дека не ја работиш како треба работата, веднаш ќе најдат некој друг. Биди позитивен, доаѓај порано, секогаш биди дел од решението, а не од проблемот.

По кој филм или серија Ве препознаваат луѓето?

Обично по најскорешниот проект. Сега во Македонија сретнав девојки кои ме препознаваат по серијата „Заменети при раѓање“, која ја гледале, повеќето луѓе, пак, во Америка ме препознаваат по шоуто „Friday Night Lights“, кое е за фудбал и е многу е популарно таму. Ме препознаваат и по „Трафик“, иако одамна е филмот.

Обожавам биено сирење

На актерот многу му се допаѓа македонската кујна, особено биеното сирење, и затоа вели дека најмногу од духот кој го доловил од нашата земја е во еден ресторант во Скопје… (се смее). „Тие се многу добри со мене, некогаш стигам таму околу 11 часот навечер и немаат проблем да ме услужат. Многу ми се допаѓа македонската кујна. Во Калифорнија, постојано јадам грчка, ерменска храна, а во мојот омилен ресторант сопственик е Албанец… Значи кога доаѓам тука, знаете, нормално ми е, навикнат сум“, вели Мофет.  

По повеќето сексуални злоупотреби, дали Холивуд е место за реализација на соништата или…?

Мислам дека #MeToo беше фантастична иницијатива. Имаше многу случки, но никој не обрнуваше внимание на тоа. Сега секој обрнува внимание. Но сега, опасноста е дека ако јас сега кажам дека таа ме допрела, сите сега се вџашуваат… Се оди до крајности. Не е фер, бидејќи има обвинување и веднаш си виновен, без шанса да ја докажеш својата невиност. Не ми се допаѓа тоа. Што се однесува до Кевин Спејси и неговите обвинувања, тоа би му го кажал и да седи овде до мене, а тоа е дека треба да излезе пред камерите и да каже: видете, јас направив некои лоши работи, но барам прошка, нема веќе така да се однесувам и сакам да се вртам на работата која сакам да ја работам. Тој беше многу повреден, се однесуваше дефанзивно, што можеби не беше баш најдобар начин. Тој инаку е ослободен од едно обвинение, но има 50 други. Ми недостасува Кевин на филм, ми се допадна кога работев со него на претстава, тој е неверојатен, феноменален, ексцентрик, но зар не сме сите такви? Но, не треба ексцентричноста да се користи на чуден начин…

Наташа Илиевска-Таневски

Фото: Н. Батев