Виктор Ефремовски години наназад беше опишуван како еден од најголемите таленти во мак-кошарката, но бекот оваа сезона игра одлично во дресот на Работнички. Тој до пред прекинот на првенството, поради пандемијата на коронавирус, бележеше во просек по 11 поени по натпревар за речиси 26 минути на теренот, што придонесе Работнички и оваа година да биде конкурентен за титулата.

Ефремовски неодамна доби и повик од селекторот на А-ререзентацијата, Александар Тодоров, за натпреварот против Русија, но не доби минутажа на мечот кој го загубивме со 77:67. Сепак, според зборовите на Тодоров, 21-годишниот кошаркар е еден од оние кои ветуваат светла иднина кога е во прашање репрезентацијата, па заедно со Ненад Димитријевиќ и уште неколкумина се очекува да бидат лидери на националниот тим наредните години.

Во време кога пандемијата не дозволува да пишуваме за остварувањата на теренот, дневниот весник Вечер направи интервју со вообичаено скромниот и тивок кошаркар, но голем „бунтовник“ за секоја топка на паркетот.

Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме, како ја одржувате својата форма?

Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме, јас се обидувам да ја одржам својата форма најдобро што можам. Моментално тренинзите за физичка сила, шут и техника ги одржувам во својот двор каде што имам кош, тегови и справи, а кондициските тренинзи ги одржувам на стадион.

Покрај тренинзите, како го трошите времето во текот на изолацијата?

Сега имам многу повеќе време да бидам со своето семејство и девојката. Во периодот на изолација, ако не тренирам најчесто гледам „Netflix“ или играм „Sony“, а во дозволеното време за излез, го шетам кучето и одам со него на планинарење.

Дали режимот на исхрана е променет од оној редовниот кога се уште бевте активен на теренот?

Режимот на исхрана е ист, само што моментално јадам домашна храна која е поздрава и повкусна.

Факт е дека секому му недостасува нешто за време на изолацијата. Што вам најмногу ви недостасува?

За среќа мојата девојка успеа да се врати од САД кога ситуацијата не беше толку критична, и сега живееме заедно. Нешто што ми недостасува во овие моменти се секако кошаркарските терени и натпреварувањата.

Ако некогаш добиете двојно поголема плата од МЗТ Скопје, дали ќе размислувате за потпис во тимот од Аеродром и која би била вашата одлука?

На оваа тема никогаш немам размислувано, затоа што со „црвено-белите“ сум веќе пет години. Во овие моменти не размислувам за промена на клубот.

Какво е вашето мислење доколку титулата без понатамошна борба би му била предадена на МЗТ Скопје кој е лидер на табелата, иако моменталната ситуација говори сосема поинакво сценарио?

Се согласувам со предлогот да не се прогласи шампион за 2019/20 сезона и воедно да нема испаѓање од Првата лига. И покрај тоа што МЗТ Скопје се лидери на табелата во овие моменти, доколку се продолжеше со натпреварувања, можеби тие немаше да бидат шампиони. Победникот треба да си ја заслужи титулата, а резултатот од досегашните натпреварувања не го дефинира шампионит, бидејќи се уште ништо не беше завршено. Верувам дека сите клубови напорно работеле за посакуваниот трофеј и тој не треба да му се даде на МЗТ Скопје толку лесно.

Доколку не беше кошарката, со што би сакале да се занимавате, односно да работите?

Ова е уште едно прашање на кое што немам конкретен одговор. Целиот свој живот го имам поминато со топка во рака и затоа не се гледам на друго поле освен во кошарката.

Кристијан Трајковски