ИНТЕРВЈУ СО ВАСКО КИЧЕВСКИ: Зелената мрежа преку вендинг машините влегува и во бутици, цвеќарници, книжарници…

892

Како што објасни Кичевски во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, веќе се поставени ПОС терминали во 25 локали како бутици, книжари, цвеќарници, кафеани, кафулиња, ресторани и слично. Тој најавува дека зелената мрежа на локали започнува со работа неделава. – Поради големиот интерес за приклучување во зелената мрежа очекувам дека наскоро поголем дел од локалите во Центар ќе бидат дел од неа. Ги повикувам сите сопственици кои сѐ уште не сме успеале да ги контактираме да ни се приклучат на оваа акција, вели Кичевски. 

Тој најавува дека преку проектот „Smart City“ на Општина Центар, ЈП ПОЦ ќе го воведе мрежниот систем за автоматска наплата за отворените и затворените паркиралишта со кои стопанисува, со цел да се зголеми контролата и безбедноста на паркиралиштата

АНЕЛА ПЕТРОВА – Фото: Наќе Батев

За воведувањето на сите позитивни промени во Центар, меѓу кои е и новиот начин на рециклирање на пластични шишиња и лименки со поставување на вендинг машините и воведувањето на зелената платежна карта како светски тренд кој за прв пат се применува во оваа општина, за најавената голема акција за бесплатно отстранување на хаварисаните возила, за решавање на проблемот со непрописно паркираните возила и потребата од повеќе паркинг места, како и за предвидените проекти што ќе треба да се реализираат годинава, разговараме со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Васко Кичевски.

*Центар е првата Општина која се вклучи во светскиот тренд на рециклирањето, поточно селективното одложување отпад со ставањето во функција на првите вендинг машини на паркинзите со кои стопанисува ЈП ПОЦ, во ноември минатата година. Поставени се 7 вендинг машини, кај слаткарница Апче, кај монтажната гаража „Буњаковец“, во затвореното паркиралиште „Дом на градежници“, затворено паркиралиште „Зелен пазар“, во ГТЦ и затвореното паркиралиште „Дилајла“ во Капиштец. Дали пристигнаа останатите вендинг машини, со оглед на тоа што беа предвидени вкупно 27 и кога тие ќе се постават?

– Како и секогаш досега Центар е предвесник на сите позитивни промени коишто се случуваат на ниво на Република Северна Македонија. Го воведовме проектот „И отпадот има вредност“, со цел да им овозможиме на жителите да учествуваат во правилното справување со отпадот преку рециклирање на пластични шишиња и лименки, како и да го помогнеме семејниот буџет на секое семејство во Општина Центар, да ја поттикнеме локалната економија, а воедно и да ја зачуваме животната средина. Овој проект иако навидум изгледа едноставен, сепак е комплициран процес бидејќи е потребна целосна инфраструктура за негова реализација, од селектирање на отпадот, па се до користење на средствата од рециклираниот отпад.

При тоа, пристигнаа сите 27 повратни вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки кои во наредниот период етапно ќе се поставуваат на територијата на Општина Центар. Три од нив веќе се во фаза на поставување во секторите Парк, Водно и Пролет, а во скоро време ќе бидат ставени во употреба и останатите. Заради големиот интерес за рециклирање од страна на жителите и брзото исполнување на капацитетот на машините од собраниот рециклиран отпад во некои населби во општината ќе поставиме по неколку пластикомати.

*Во овие машини може да се рециклираат пластични шишиња и лименки, со помош на „GreenPay Card“ со кој жителите на Центар ќе можат да користат поволности, како што е купувањето со попуст во одредени маркети, продавници, локали или да плаќаат за услугите што ги нуди ЈП ПОЦ. Какви се вашите досегашни сознанија, колку центарци ги користат овие машини и имаат навика да рециклираат и имате ли информации колку тие ги користат поволностите за користење попусти со зелената платежна картичка?

– Зелената мрежа на локали започнува со работа од наредната недела. Веќе се поставени ПОС терминали во 25 локали како бутици, книжари, цвеќарници, кафеани, кафулиња, ресторани и слично. Поради големиот интерес за приклучување во зелената мрежа очекувам дека наскоро поголем дел од локалите во Центар ќе бидат дел од неа. Ги повикувам сите сопственици кои сѐ уште не сме успеале да ги контактираме да ни се приклучат на оваа акција.

На наше големо задоволство, бројот на рециклирани шишиња се зголемува од ден на ден и очигледно е дека свеста на центарци за придобивките од рециклирање е на многу високо ниво.

*Имате ли податоци колку лименки и пластични шишиња до сега се рециклирани?

– Интересот на граѓаните за користење на повратните вендинг машини за рециклирање на пластични шишиња и лименки е навистина голем. До овој момент рециклирани се 20.605 пластични шишиња и лименки, а издадени се 750 GreenPay картички. Овие бројки секојдневно се зголемуваат, бидејќи веќе ја отворивме можноста за онлајн аплицирање за GreenPay картичка преку веб платформата www.poc.mk, а наскоро ќе може да се аплицира и преку ПОЦ мобилната апликација.

*Бидејќи за секое рециклирано пластично шише или лименка жителите ќе добиваат субвенција во зависност од големината на лименката или шишето, колку средства до сега им се исплатени на граѓаните?

– Општина Центар досега субвенционираше 25.000 денари за сите граѓани кои се вклучиле во процесот на рециклирање.

*На крајот на октомври, минатата година ја најавивте акцијата за бесплатно отстранување на хаварисаните возила во Центар, но и реализирање на проектот смарт паркинзи, но тие не се спроведоа. Која е причината за тоа и кога планирате  да ги остварите?

– Сѐ уште не е започнат овој проект за бесплатно отстранување на хаварисаните возила во Центар заради технички финални подготовки од страна на партнерот. Очекувам во текот на наредната недела да го потпишеме меморандумот за соработка и веднаш да започнеме со спроведување на оваа акција.

*Колку вкупно непрописно паркирани возила отстрани Пајак службата на ЈП ПОЦ во соработка со СВР Скопје во 2020 година?

– „Пајак“ службата на ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со СВР Скопје во изминатите неколку години секојдневно ги санкционира сите непрописно паркирани возила што го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот со цел трајно да се реши сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање на територија на Општина Центар. Минатата година, на паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ, биле санкционирани 5.105 непрописно паркирани возила. Во споредба со минатите години, во 2020 година бројот на санкционирани непрописно паркирани возила е драстично намален заради кризата со Ковид-19.

*Дали планирате на центарци да им обезбедите нови паркиралишта и каде, со оглед на тоа дека дел од постоечите се пренаменети само за резиденти?

– Заедно со градоначалникот Саша Богдановиќ разгледуваме повеќе начини како да обезбедиме поголем број на паркинг места на неколку локации на територија на општината, како што се секторите Буњаковец и Дебар Маало каде што проблемот со паркирањето е очигледен. Сѐ уште не можам да прикажам ниедно конкретно решение бидејќи реализацијата на овие проекти зависи исклучиво од финансиските средства што треба да бидат обезбедени од Општина Центар.

*Планирате ли да ставите крај на паркирањето на улица во тесни споредни улички во општина Центар. Станарите возилата ги паркираат на улица, а дворните места им стојат празни. Со вакво однесување тие го попречуваат нормалното функционирање на сообраќајот, како и на возилата на ЈП „Комунална хигиена“ кои не можат да го подигнат сметот?

– За да можеме да ставиме крај на ваквото функционирање, ЈП ПОЦ треба да има поголеми ингеренции. Како јавна институција, наша должност е да воведуваме ред на паркиралиштата, а за редот во сообраќајот е надлежно Министерството за внатрешни работи. Се надеваме дека во скоро време конечно ќе се донесе Законот за комунална полиција и ваквиот тип на прекршоци ќе бидат под нивна надлежност.

*Што ќе биде прво со што ќе се зафатите за реализација во новата година?

– Оваа година ќе бидеме насочени кон модернизација на паркиралиштата по пример на светските трендови во паркинг индустријата. Преку проектот „Smart City“ на Општина Центар, ЈП ПОЦ ќе го воведе мрежниот систем за автоматска наплата за отворените и затворените паркиралишта со кои стопанисува, со цел да се зголеми контролата и безбедноста на паркиралиштата. Овој мрежен систем вклучува камери и сензори што ќе им овозможат на граѓаните преку своите мобилни телефони да имаат увид каде најблиску има слободно паркинг место на нашите паркиралишта, колку минути се потребни за да се стигне до таму и кои се алтернативите ако некој го зафати тоа паркинг место додека да стигнат. Реализацијата на овој проект ќе трае неколку години. Во текот на оваа година, планираме секторите Дебар Маало и Парк да бидат целосно покриени.

Исто така, цела оваа година паралелно ќе работиме и на стабилизирање на проектот „И отпадот има вредност“, како и на зголемување на зелената мрежа на локали.