ИНТЕРВЈУ СО АЛЕКСАНДАР НАУМОСКИ: Случајот со баба Перса од Волково е изолиран, сакам да верувам дека нема политичка заднина!

458

– Нормално е да има и незадоволни граѓани, особено после 12-те години и 6 месеци власт на претходното раководство кое буквално „заспало“. Ниту еден затекнат проект, а камоли почнат. Руралниот дел целосно заборавен. Платени средства за канализација, а нема реализација. Две години се бориме да застанеме на „здрави нозе“, изјави Наумоски во интервјуто во утрешното издание на весникот ВЕЧЕР

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров говори за Деталниот урбанистички план за населбата Хром, за тоа како ја оценува измината година, потенцирајќи дека е самокритичен и строг во однос на работата и затоа вели дека можело и подобро, бидејќи граѓаните на Ѓорче го заслужуваат најдоброто. Акцент е ставен на инфраструктурата, поставени се километри атмосферска и фекална канализација, реконструирани над 60 улици во руралниот и урбан дел, а почна и целосното менување на осветлувањето со најсовремено лед светло.

*Група граѓани од населбата Хром неодамна најавија дека ќе достават иницијатива до Уставниот суд за да падне, како што велат тие, спорниот профитерски Детален урбанистички план за Хром со кој се предвидува изградба на околу 100 згради. Тие потенцираа дека градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски при изработка на овој ДУП не го почитувал принципот на хумано живеење како основа во урбанистичкото планирање, а апетитите за повеќе згради, како што велат тие, му биле водилка при донесување на истиот и од таа причина ќе се обидат да го спречат овој урбан хаос кој се наметнува во Хром. Дали е доставена таа иницијатива до Уставниот суд и какво е вашето образложение по реакциите на граѓаните?

ДУП-от за Хром е донесен на начин и во постапка пропишана согласно важечката законска и подзаконска регулатива и мислењата на институциите. Голем дел од просторот во границата на ДУП-от во минатото во различни временски периоди бил предмет на анализа и изработка на претходни плански документи. Во одредени медиуми и по социјалните мрежи тенденциозно се наведуваат граѓаните да претпостават дека на овој простор по првпат се планираат 100 нови градби со намена А2 – домување во станбени згради, што не е точно, бидејќи голем дел се постојни градби. Се наведува бројка од 15.000 нови жители и 7.000 нови автомобили. Планот предвидува вкупно 9.243 жители, во која бројка влегуваат и 6.500 жители во постојна состојба. Планирани се вкупно не повеќе од 2.743 нови жители, а за кои би требало да се обезбедат дополнителни 762 паркинг места (односно не повеќе од 762 нови автомобили).

Се наведува по медиумите дека „во планот може да се увиди дека освен згради нема предвидено изградба на пешачки патеки, нова градинка, училиште, ниту пак,  содржини од спортско-рекреативен карактер“, што апсолутно не е точно. Со планот е планирана комплетна комунална инфраструктура, димензионирана согласно планираните развојни потреби. Планирана е градежна парцела за детска градинка со која се планира проширување и зголемување на капацитетот на постојната градинка „Росица“ – објект „Калинка“. Оваа градинка со постојниот план е единствено потврдена како градба, а со новиот, планирано е проширување за безмалку 1.000 квадратни метри.

Исто така, планирана е и градежна парцела за основно училиште со која е предвидена и можност за проширување на постојното ООУ„Димитар Поп Георгиев – Беровски“, како и градежна парцела за средно училиште со која е предвидена и можност за проширување на постојното СОУГС „Кочо Рацин“. Би сакал граѓаните да знаат дека планирана е засебна градежна парцела со намена Д3-спорт и рекреација, со која е предвидена и можност за проширување на постојната спортска сала „Партизан“, што е одлична вест.

Многу е важно што го сочувуваме зеленилото и поставуваме нови површини. Планирани се вкупно 14.409 квадратни метри површини под јавно уредено зеленило, од кои 7.482 квадратни метри се новопланирани јавни површини под зеленило. Со претходните планови донесени во периодот од 2000 до 2013 година за истиот простор планирани се единствено 909 квадратни метри јавни површини под зеленило, односно новиот ДУП има дури 13.500 квадратни метри повеќе јавни површини под зеленило во однос на претходно планираното.

ДУП-от беше донесен на најтранспарентен начин. Во текот на изработката на планот спроведени беа две јавни анкети, на кои планот беше ставен на увид на јавноста. На двете јавни анкети, според барањата на граѓаните, од 182 доставени анкетни листови, 48 барања биле за планирана намена за А2-станбени згради, од кои 12 барања се прифатени, а 36 барања се одбиени. Зададена е и обврска за минимален процент на озеленетост на градежните парцели од 20 отсто, што е зададено како услов за реализација. Овој процент од планираните градежни парцели претставува 71.497 квадратни метри.

За сите градежни парцели со намена А-домување дадена е можност за реализација на рамни кров-тераси со кровни градини/површини кои се дополнително зеленило во однос на условените 20 проценти под зеленило во рамки на градежните парцели. Особено е важно што целта на ДУП за Хром е усогласување со новиот ГУП на Град Скопје 2012-2022, усогласување на планираните градежни парцели со имотно-правната состојба на лице место (без загрозување на јавното добро) и зголемување на степенот на хуманост на домување. Апсолутно е водено сметка за обезбедување на воедначен планиран ритам на површини за градба на конкретниот простор, како и обезбедување на услови за хумано живеење и работа на граѓаните, заштита и унапредување на животната средина и природата.

*Почнавте со втората фаза од реализацијата на проектот за обновување на корзото во Ѓорче. Кој беше клучниот момент да се нафатите со неговата реализација и кога ќе можат ѓорчепетровци за прв пат да прошетаат по обновеното корзо и какви се содржини ќе ги очекува?

Ѓорче Петров, за жал, во последните години нема ниту една содржина за младите, возрасните, децата… Го затекнавме тотално заборавено од секој аспект. Тоа ме натера да размислувам за ваков потег. Со корзото го обновуваме духот на општината и го враќаме културниот и ноќен живот. Ѓорче заслужува вакво место. Амфитеатар, кафулиња, кафеани, клупи, шеталиште во непосредна близина на паркот – правиме едно катче кој ги здружува сите генерации на едно место. Во моментов е во втора интензивна фаза. Очекувам со третата и последна фаза да заврши до крајот на летото и граѓаните да бидат задоволни што конечно ќе имаат место за минување на убави моменти. 

*Кои сè проекти од областа на образованието ги реализиравте годинава?

Во овој дел бевме доста фокусирани. Стартувавме, но и завршивме доста крупни проекти за две години од мојот мандат. По 60 години во ООУ „Јоаким Крчоски“ почна изградба на нова спортска училишна сала во вредност од 400.000 евра, стартуваме со изградба на нова сала и во подрачното училиште во Хром со средства од Буџетот на Општината за 2020 година, или од Владата следната година. Затвораме доста горлив проблем на родителите и дечињата кои учат во ова училиште. Затекнат и нерешен проблем од претходната локална самоуправа. Истото училиште и ќе се проширува со нови училници за што веќе е изготвен и проект.

Ја реконструиравме спортската сала на централното „Димитар Поп Георгиев Беровски“, потпишавме и договор за промена на кровот со азбестен и ја променивме оградата на оваа образовна институција. Во ООУ „Тихомир Милошевски“ ги реконструиравме тоалетите, почнавме постапка за менување на котелот за греење и топла врска и изградивме ново детско игралиште во дворот.

Ние сме една од ретките општини кои во 2018 и 2019 година има ангажирано вкупно 28 образовни асистенти кои им помагаат на дечињата со потешкотии во развојот. Обезбедивме бесплатна екскурзија за 2.000 дечиња, како и бесплатна ужинка за децата од прво одделение до мај оваа година. Со новиот Буџет, правиме напори ужинката повторно да ја вратиме, со што им олеснуваме на родителите во однос на семејниот буџет.

Исто така, како и изминатите две години, и оваа година, наместо украсување и новогодишни прослави, наменивме средства за новогодишни пакетчиња за околу 400 првоодделенчиња од сите основни училишта. Работиме секојдневно и на други проекти кои имаат за цел подобрување на состојбите во образованието. Во таа насока, Ѓорче Петров е прва општина која воведе забрана на употреба мобилни телефони од страна на наставниците за време на наставата. За сите кои ќе ја прекршат мерката, следи дисциплинска постапка. Од второто полугодие, ќе бидат обезбедени посебни места, по терк на европски стандарди за оставање на мобилните телефони на учениците на страна за време на наставниот процес. Правиме сè што можеме децата да бидат фокусирани на наставата и да ги насочиме по правилната насока која во иднина треба да донесе здрави и успешни генерации.

*Како ја оценувате годинава која е на изминување, можеше ли да се направи повеќе за граѓаните?

Добра, но јас сум доста самокритичен и строг во однос на работата, затоа ќе кажам дека може и подобро, а граѓаните на Ѓорче го заслужуваат најдоброто. Работевме доста на инфраструктурата, поставивме километри атмосферска и фекална канализација, реконструиравме над 60 улици во руралниот и урбан дел, а почнавме и со целосно менување на осветлувањето со најсовремено лед светло. Ми се чини дека сме единствени во локалната самоуправа што не сме одбиле ниту едно барање за еднократна парична помош, за помош на млади таленти и спортисти, даваме во континуитет помош за новороденчиња (над 2 милиони денари во 2018 и 2019 година), како и на спортските клубови од Ѓорче Петров кои веќе покажуваат одлични резултати во своите лиги.

Први сме во земјата што ангажиравме социјална патролна служба за детектирање на лица и семејства кои имаат потреба од помош. На многу од нив општината им помогна, а организиравме и безброј хуманитарни забави за собирање средства за помош на наши сограѓани.

Континуирано вложуваме и во градинките. Набавивме прочистувачи на воздух, а по 40 години ја реновиравме кујната во објектот „Детелинка“ во вредност од 600.000 денари. Со Советот и мојот тим работевме вистина напорно и исклучиво во интерес на граѓаните. Јас како градоначалник не поседувам ниту службена картичка, а ниту еден граѓанин кој дошол со проблем или идеа не е вратен од општината. Располагаме со скромен Буџет, а затекнавме долг од половина милион евра. Домаќински, успеавме целосно да ги расчистиме долговите без помош од централната власт.

*Што остана да се реализира во наредната година?

Според динамиката, остана да го затвориме проблемот со училиштето во Хром, да го пуштиме во употреба корзото, да стартува изградбата на најголемата инвестиција – клиничкиот центар во м.в. Веле Поле, да почнеме со изградба на најсовремената градинка во земјата во Волково со капацитет од 175 деца, да ја завршиме салата во „Јоаким Крчоски“, да стартува изградбата на амбулантата и новата градинка во Дексион, да почнеме со работа на новиот базен заедно со Агенцијата за млади и спорт во дворот на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, да ги отвориме трите нови занимални во градинката „Детелинка“ и да го завршиме проектот за нова градинка во Стопански двор. Очекувам да продолжиме интензивно со асфалтирање и реконструкција на улиците, да продолжиме да се грижиме за животната средина со континуирано садење нови дрвја и подигнување зелени површини, да продолжиме со иста динамика на реконструкција на детски катчиња и игралишта и Ѓорче, конечно, да блесне со новото улично осветлување кое ќе биде целосно поставено на почетокот на 2020 година.

*Неодамна при посетата на премиерот Зоран Заев на Волково, кога присуствувавте и Вие како градоначалник на општина Ѓорче Петров, настана инцидент во кој баба Перса Ве обвини дека не сте се заложиле за асфалтирање на улицата која минува покрај нејзината куќа и дека таа дала сопствени средства за асфалтирање. Која е вистината?

Тоа е изолиран случај кој сакам да верувам дека нема политичка позадина. Нормално е да има и незадоволни граѓани, особено после 12-те години и 6 месеци власт на претходното раководство кое буквално „заспало“. Ниту еден затекнат проект, а камоли почнат. Руралниот дел целосно заборавен. Платени средства за канализација, а нема реализација. Две години се бориме да застанеме на „здрави нозе“. Не би сакал повеќе да навлегувам во дискусија, улицата е асфалтирана и поставена е фекална канализација, а во Волково направивме навистина многу. 

*Каде и како планирате да ја дочекате 2020 година?

Новата година ќе ја дочекам на плоштадот во Скопје со сопругата и ќерките, заедно со другите колеги градоначалници и градскиот татко. Годинава ни гостува една од најголемите регионални музички ѕвезди, Дино Мерлин. Очекувам одлична забава. Ги повикувам граѓаните да ни се придружат и заедно да ја поминеме највеселата ноќ. На Вашите читатели и на сите граѓани им посакувам среќна Нова година, одлично здравје и успеси во 2020-тата.                         (А.П.)