Генерално, кризата ги погоди сите земји, не само во регионот, туку и во светот. Секоја на свој начин се обидува да се справува со предизвиците, но она што е многу важно е дека секоја од земјите во регионот има и различна почетна позиција од аспект на сопствените суровини, домашната поддршка, изворите на енергија, на деловните односи со одредени големи светски економии итн. Значи, секоја планина носи своја тежина. Во тој контекст, ние во регионот на Западен Балкан сме во нерамноправна положба, па конкурентноста на македонските компании е значително влошена, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, кој од самиот почеток кажа дека оваа криза е продолжение од онаа која започна во 2008 година и која, практично, никогаш и не заврши

 Здравствената криза се претвори во финансиска, па во ликвидносна. Во 2021 година следуваше енергетската криза, во која проблем не беше недостигот од енергија, туку цената по која таа треба да се плати. Повеќепати јавно алармиравме дека како увозно зависна земја (компаниите кои го креираат домашниот бруто-производ струјата сами ја купуваат на берзата во Будимпешта) струјата ќе нè дрма повеќе од очекуваното. Неминовно, тоа водеше кон нова криза, која сега во оваа 2022 година се отсликува како состојба во која царува инфлацијата, цените во малопродажбата растат, а компаниите се борат со конкурентноста и за опстојување на пазарот

 

 

 

   Како најстара комора во земјава и со најбројно членство, сигурно сте загрижени за бизнисот во земјава во услови на ваква сериозна енергетска, но и финансиска криза, поради брзиот раст на инфлацијата, растот на цените на репроматеријалите, обезвреднувањето на капиталот, поради ниските плати на вработените… Кој е Вашиот став за државните мерки што се преземаат за стопанството и дали се тие доволни или, пак, конкретно ќе посочите Ваша забелешка и каде треба најбргу да се дејствува?

-Стопанската комора на Северна Македонија го практикува концептот Комора на иднината – консултант на бизнисот, па затоа секојдневно на терен е во директна комуникација со своите членки, во услови кога неизвесноста и непредвидливоста се главниот предизвик. Ставајќи се целосно во функција на потребите на компаниите членки, ги евидентира проблемите и забелешките, креира предлози, иницира мерки. На дневна основа, преку службите на Комората, во интерес на фирмите од различни сектори и дејности, активно се реализираат средби со надлежните државни институции. Факт е дека, на барање на бизнисот, мерки од државата има. Имајќи предвид дека кризата сè уште трае и постојано ги менува формата и содржината, поставувајќи нови неизвесности и предизвици, има потреба и простор за нови мерки и за поддршка на бизнисот, за што ние креираме предлози. Но централен проблем е нивната примена со динамика и во форма која ќе даде брзи ефекти и која ќе ја одржи кондицијата на македонските компании за да опстојат на пазарот, бидејќи се тие моторот на економијата.

Како Комора и Вие како нејзин претседател сте одлични познавачи на состојбите и уште пред да започне кризата први укажавте на клучните моменти, но како да се немаше слух за Вашите препораки. Можете ли да нè потсетите на што укажавте уште пред да започне кризата?

-За кризата, генерално и конкретно, кажував многу во континуитет. Потврда за тоа што сè пишувавме и што сè зборувавме е книгата „Што ни се случува“, која излезе од печат на почетокот на 2022 година. Уште на самиот почеток кажав дека оваа криза е продолжение од онаа која започна во 2008 година и која, практично, никогаш и не заврши. Сериозно застрашувачки е кога ќе се погледне дека во континуитет една и пол деценија (15 години) никако да се најде одговор за неа, зашто, веројатно, општеството, но и целата светска заедница не најдоа начин да се носат со предизвиците. Особено од почетокот на пандемијата, предизвикана од вирусот ковид-19, од почетокот на 2020 година, стопанството се носи со еден многу тежок предизвик и се бори на повеќе фронтови. Досега вакво искуство не сме имале и затоа секогаш во нашите проекции има сериозна доза на воздржаност и на песимизам. Неизвесноста од новите форми на криза нè тераат да бидеме сериозно претпазливи. Здравствената криза се претвори во финансиска, па во ликвидносна. Во 2021 година следуваше енергетската криза, во која проблем не беше недостигот од енергија, туку цената по која таа треба да се плати. На ова прашање како Комора му посветивме големо внимание со тимот бизнис-експерти во дејноста и повеќепати јавно алармиравме дека како увозно зависна земја (компаниите кои го креираат домашниот бруто-производ струјата сами ја купуваат на берзата во Будимпешта) струјата ќе нè дрма повеќе од очекуваното. Неминовно, тоа водеше кон нова криза, која сега во оваа 2022 година се отсликува како состојба во која царува инфлацијата, цените во малопродажбата растат, а компаниите се борат со конкурентноста и за опстојување на пазарот, што на крајот се одразува преку намалување на бројот на вработени и преку пад на обемот на продажба. Многупати досега сум кажал дека бизнисот ги знае информациите неколку месеци пред статистиката, директно од терен и од дневните деловни релации и бизнис-зделки што ги реализира. Но таа предност и тоа знаење на бизнисот некако не се користат многу.

Имате одлична соработка со регионалните комори. Какви се Вашите сознанија за тоа што се случува со бизнисот во нивните земји? Дали имаат поквалитетни мерки кои би можело да се применат и кај нас?

-Генерално, кризата ги погоди сите земји, не само во регионот, туку и во светот. Секоја на свој начин се обидува да се справува со предизвиците, но она што е многу важно е дека секоја од земјите во регионот има и различна почетна позиција од аспект на сопствените суровини, домашната поддршка, изворите на енергија, на деловните односи со одредени големи светски економии итн. Значи, секоја планина носи своја тежина. Во тој контекст, ние во регионот на Западен Балкан сме во нерамноправна положба, па конкурентноста на македонските компании е значително влошена. На пример, Србија, поради снабденост со соодветни количини енергенси, и Босна и Херцеговина како извозник на струја се во сериозна предност пред другите земји од ЗБ6. Србија, бидејќи не е членка на Светската трговска организација, има политика на субвенционирање на домашните стратешки производи, а ние како членка на СТО немаме можност за такви форми на поддршка. Тоа е вториот проблем поради кој македонската преработувачка индустрија е во подредена положба. Сепак, она што е исклучително важно е сериозно реализирање на активностите дефинирани во рамките на „Отворен Балкан“ за регионална економска интеграција, за побрзо проток на стоки, услуги, капитал и на луѓе и за воспоставување поголем регионален пазар, кој ќе стане атрактивен и за нови странски инвестиции и за мобилизирање работна сила, како и за поттикнување поголема меѓусебна деловна соработка меѓу компаниите во рамките на регионот.

Претседателе, дали сте задоволен од тоа како се одвиваат транспортот на компаниите и протокот на граничните премини, бидејќи, и покрај интегрираниот граничен премин со Србија, на границата има километарски колони со камиони? Дали се жалат на овој момент компаниите?

-Не сум задоволен, иако има релаксирање на прекуграничното движење на стоките. Работиме на релаксирање на условите и на времето за поминување на граничните премини, со цел нивно целосно елиминирање. Процесот е долг и тежок, но ние сме упорни и работиме на тоа да ја постигнеме целта – да воспоставиме регион без граници. Во јули и во август, лица вработени во Комората беа присутни на граничниот премин „Табановце–Прешево“, со цел изворно, директно да се информираат од компаниите, но и преку следење на работата на институциите, за проблемите со кои се соочуваат, за непосредно да ја согледаат состојбата на граничниот премин. Од посетите утврдивме десетина проблеми врзани за долгите колони камиони на границите, кои се сè уште присутни. Постои неусогласеност меѓу службите за царинење и инспекциските служби во работното време, а има и проблем со постапките за царинење. Но со нашето директно присуство на царината успеавме да издејствуваме дел од проблемите да се надминат, како на пример: ставена е во функција одделната лента, односно посебната лента за влез на товарни возила за земјите од „Отворен Балкан“ и од ОЕО/зелени коридори (која најчесто се користеше за патнички сообраќај во текот на летната сезона); се работи на отстранување на проблемот за соодветно напојување со електрична енергија на самиот премин, за да нема секојдневни прекини на системите, а со тоа и на контролите; направена е пренамена, па ленти што се користеа за излез од земјава сега се во функција на влез на патнички возила, за да се растовари преминот во услови на зголемена фреквенција, а се забрза и постапката за движење празни товарни возила и транспортни возила кои транзитираат преку државата, со тоа што не се упатуваат на терминал.

Во овој контекст, дали сметате дека треба да има доработка на договорите на ЦЕФТА и во кој дел треба да се стори тоа?

-Уште во 2016 година реков дека ЦЕФТА како концепт треба да се укине, но не од аспект дека не ни треба платформа која ќе го стимулира регионалното поврзување, туку поради фактот што таа иницијатива не ги даде очекуваните резултати. Економската соработка меѓу земјите членки на ЦЕФТА не се зголеми. Проблем во регионот е тоа што ние во изминатиот период сме имале повеќе од 70 иницијативи кои доаѓале однадвор. Нам ни треба наша, домашна иницијатива, која ќе ги поддржува и која ќе ги креира процесите на регионално поврзување, а тоа засега единствено е иницијативата „Отворен Балкан“, која треба да претставува поттик за вклучување и на другите три земји од Западен Балкан. Причината е едноставна: бизнисот треба да биде пред политиката. Земјите од ЗБ6, како мали економии, можат да ја зголемат својата продуктивност и да ги искористат ресурсите единствено преку поголема регионална интеграција и така да настапат на глобалните пазари, каде што, преку соработка со други поразвиени земји, обезбедуваат трансфер и на технологија и на знаење, што ќе им овозможи да се вклучат во нивните синџири на снабдување преку производство и преку увоз на производи со повисок степен на финализација и на додадена вредност. И, секако, иако е ова време на глобална криза со неизвесности и со предизвици, секоја криза е и шанса, а бизнисот е тој кој ги користи шансите и кој ризикува, се разбира, за да добие. Но, и во услови на криза, она што е клучно за деловниот амбиент е потребата од постоење одредени предуслови за да може да функционира на реални основи, борејќи се со квалитетот, стандардот и со конкурентната цена. За тоа е потребно да се следи Моделот за економски развој предложен од Комората (2010 година), кој предвидува: 1. Домашните и странските инвестиции да бидат двигател на растот; 2. Да се зголеми извозот на конкурентни производи за одржлив развој; 3. Приватниот сектор да стане стожер на економскиот раст и на апсорбирањето на високата невработеност; 4. Динамичниот економски раст да резултира со функционално интегрирање на земјата во ЕУ и со зголемен животен стандард; 5. Да се модернизира инфраструктурата и да се намали енергетската зависност на земјата. А за да се реализира овој модел на економски раст, потребно е да се работи на спроведување на мерките со врвен приоритет што ги има поставено Комората, а тоа се: борба со сивата економија и со корупцијата; брза гасификација; зголемување на финансиската инвестициска поддршка, како и на финансиската поддршка за извозните компании и за иновациите на големите компании; брзи процедури за издавање на градежните дозволи за инвестициите од бизнисот; регистрација на електронските портали.

Секогаш се залагате за квалитетни економски закони. Во моментов, на кои од нив им давате приоритет за да се донесат или за да се доработат, а кои се неопходни за квалитетно работење и функционирање на компаниите како  што е Законот за градење?

-Во интерес на бизнисот, ние како Комора сме во постојна комуникација и со законодавниот дом – Собранието. Континуирано ги следиме активностите околу носењето на законската процедура и знаете добро дека бурно реагираме и се спротивставуваме на носењето закони по скратена постапка, без консултација со бизнисот, но и за ситуации, какви што имавме изминатиов период, кога закони, од необјасниви причини за нас, стојат блокирани во Собранието, а кои се од значење за одржување на економската активност на стопанството во целост, што во услови на глобална неизвесност и на криза е дополнително усложнето поради нефункционалноста на системот, т. е. поради недонесувањето законски решенија од интерес за економијата во целост. По мојата директна средба со Талат Џафери, претседател на Собранието на РСМ, се одблокира процесот на носење измени и дополнувања на Законот за градење, со што се овозможи фирмите да постават фотонапонска електроцентрала на покривна конструкција на објект без решение за поставување. На тој начин, во еден дел се олеснува и проектирањето на трошоците за компаниите кои ќе инвестираат во фотонапонска електроцентрала, бидејќи дел од енергијата ќе ја обезбедуваат од сопствени извори. За извозно ориентираните компании од особено значење беше ратификацијата на ревидираната конвенција ПЕМ за извоз на пазарите на ЦЕФТА, која овозможува, меѓу другото, да се укине забраната за враќање на царината за суровините без потекло, со што се намалуваат трошоците на извозниците. Со тоа тие стануваат поконкурентни на пазарите во регионот, а се олеснува и добивањето сертификат ЕУР 1 за потеклото. Земјите потписнички (членки на ЦЕФТА) преземаа обврска да го завршат овој процес до 30 јуни 2022 г. за договорот да може да се применува од 1 септември 2022 г. Овој процес го немаше завршено само нашата држава. Комората останува да ја следи работата на Собранието и, онаму каде што има потреба, да реагира веднаш за бргу да се откочат процесите, бидејќи во услови на глобална неизвесност, намалена ликвидност и на криза која го менува обликот во континуитет, работењето на компаниите е дополнително усложнето поради неносењето измени на законите кои ќе го олеснат нивното работење, а придобивката ќе биде повеќекратна. Компаниите ќе опстојат, ќе се зачуваат работните места, а ќе се платат и давачките во буџетот.

Меѓународните активности на комората не запираат

Проблемите дома и во регионот не ја намалуваат меѓународната активност за нови инвестиции, за нови бизнис-партнерства, за вложување во иновации и во напредни технологии, за подигнување на конкурентноста и на продуктивноста на фирмите и во исклучително сложени услови за водење бизнис, среде енергетска криза без предвидливост, само ја потврдуваат определбата на Комората на иднината дека патот кој го трасира за успех и за развој на стопанството е преку извозната ориентација на бизнисите.

Во таа насока, Комората во овој период реализира повеќе меѓународни активности.

Во Белград конференција со 100 влијателни американски компании за новите глобални трендови во ИТ и во енергетскиот сектор, обезбедувајќи јасна слика за тековните изгледи на пазарот и за идните можности за соработка, како и со норвешката Амбасада инвестициска конференција за енергетика со 50-ина значајни норвешки фирми и со сите претседатели на влади и министри за економија на балканските земји, но и со бизнисмените кои веќе имаат искуства во оваа област.

Во Берлин, заедно со потпретседателот Виктор Мизо, кој наедно е и претседател на Асоцијацијата за напредни технологии при Комората, се реализираа средби со германските компании кои потенцијално разгледуваат можности за инвестиции или за проширување на своите инвестициски активности во Северна Македонија.

Во Љубљана деловни средби на компаниите од Западен Балкан со компании од Словенија, Австрија, Италија и од Хрватска за нови бизнис-партнерства.

Во Скопје на Балканскиот економски форум фокусот беше на развојот и на примената на иновативни стратегии и креативни решенија за тековните економски предизвици со кои се соочуваат балканските земји, за да се стимулира економскиот раст, кој, пак, ги зајакнува регионалната соработка, мирот и безбедноста, а во организација е и Словенечко-македонски економски форум за можностите за соработка, пред сè, на полето на дигитализацијата и енергетиката.

Валентина МАРЈАНОВИЌ