„Театарската фела во изминатите триесет години не истапила со какви било предлози за модернизирање на анахрониот театарски модел, одамна осиромашен и исцрпен! Државните субвенции мора да бидат доделувани во остра и фер конкуренција, врз основа на критериумите што произлегуваат од уметничката исклучителност. Моите планови се темелат на креирање и реализирање програми во големи целини/темати кои функционираат на принципот на врзани садови и ја подразбираат инклузивноста со образованието и со другите гранки на институционалната и неинституционалната култура. Во оваа смисла корона-кризата само ја нагласи потребата од промена и покажа дека со театарот мора, со итност да се почне одново“, вели за весникот ВЕЧЕР Сашо Димоски, в.д. директор на Народниот театар „Јордан Х. К. Џинот“

Од неодамна сте в.д. директор на НУ Народен театар „Јордан Х. К. Џинот“. Кои се вашите планови во однос на програмата на оваа културна институција, земајќи ја предвид пандемијата на коронавирусот?

Со театарот мора со итност да се почне одново, без разлика на и во контекстот на коронавирусот. Театарскиот модел на субвенционирање, наследен од поранешната држава и одамна покојна федерација, се сведува во најголема мера на производство на претстави со разнороден квалитет и најчесто кус животен век. Буџетските субвенции не смеат повеќе да останат привилегија која постојано се обновува. Тие треба да бидат поддршка дадена заради препознавање на јасната полза за општеството која театарот ја дава, свесен за сопствената одговорност, но и за специфичната задача што треба да ја исполнува: преиспитување на делиберативната демократија. Во оваа смисла, државната субвенција не би требало да биде втемелена врз традицијата, историските односи со ресорното министерство, или врз апстрактните идеи за јавната мисија или репрезентативноста на институционалниот театар, туку врз системско инвестирање во одредени функции и поттикнувањето на синергијата, партнерството, мобилноста, иновациите и развојот на публиката. Театарската фела во изминатите триесет години не истапила со какви било предлози за модернизирање на анахрониот театарски модел, одамна осиромашен и исцрпен! Државните субвенции мора да бидат доделувани во остра и фер конкуренција, врз основа на критериумите што произлегуваат од уметничката исклучителност. Моите планови се темелат на креирање и реализирање програми во големи целини/темати кои функционираат на принципот на врзани садови и ја подразбираат инклузивноста со образованието и со другите гранки на институционалната и неинституционалната култура. Во оваа смисла корона-кризата само ја нагласи потребата од промена и покажа дека со театарот мора со итност да се почне одново.

Театрите во нашата земја не работат веќе седум месеци (со исклучок на одредени проекти). Со најавата за нов бран на коронавирусот, можеме ли да претпоставиме дека и сезоната 2020/2021 тешко дека ќе започне?

Неопходни се здравствени протоколи за да си ја вратиме публиката. Откако ќе ја вратиме, ако претходно сме ја сфатиле пораката која пандемијата ја испрати, мора да понудиме автентични содржини и понатаму да ја развиваме публиката. Верувам дека со носење и спроведување на здравствените протоколи следната сезона може да започне, а со тоа и процесот на преобликување на театарските производи. Уметноста и културата воопшто се важен дел од здравствениот систем бидејќи се грижат за духовното и емоционално здравје на поединецот и општеството и затоа мора да се најде модалитет преку кој ќе се допушти и овозможи оваа грижа.

Велешкиот театар со онлајн-перформансот „Тој и таа“, чиј драматург сте,  учествуваше на фестивалот „Град“ во Сараево. „Тој и таа“ беше реализиран во периодот април/август и осмислен како производ на интернет-културата во време на вирус, ако не се лажам, како прв во нашата земја. Кажете ни нешто повеќе за идејата.

Драмскиот квалитет на вирусниот контекст е толку силен што ја надминува амплитудата/силата/капацитетот за драмската напнатост која е возможна преку сценско подражавање: контекстот не ја дозволува непосредноста, инсистира на посредник. Контекстот доминира (физички) над можноста за текст. Изнаоѓањето посредници во комуникацијата и нивното мрежување стануваат предизвик кон простор, можност за празен простор, рамка од пиксели, простори во виртуелниот простор и создавање гледач доминантно трениран на пиксели. Создавање рамки на актуелната, вирусна епоха, учество во градењето на нејзината парадигма. Посредниците во комуникацијата, архитектонскиот систем детерминиран медијално, ја чинат мрежата исткаена од можностите за дигитална уметност, како и презентацијата на уметноста, уште еднаш детерминирана медијално, односно дигитално. Во оваа насока, завршниот производ (со не-жив предзнак!), интернет-проектот „Тој и Таа“ станува видеоинсталација, колаж од дигитални, виртуелни, интернет простори/нарации. Проектот е прв во нашата земја и единствен институционално продуциран. Драмскиот текст „Тој и Таа“ од современиот француски автор Жан Пјер Мартинез беше предвиден како театарска продукција на Народниот театар „Јордан Х. К. Џинот“ во вториот дел од театарската сезона 2020. Затворањето на вратите на театрите заради пандемијата предизвикана од опасниот корона вирус ја преформатираше оваа продукција (замислена, нели како стандардно сценски изведен производ) во нов тип производ на културата која може да се остварува само преку посредник, бидејќи непосредноста на театарското искуство во секојдневието е невозможна како таква; празниот простор е забранет. За оваа цел, истражувајќи ги новите начини на реализација на перформативното, текстот на Мартинез е адаптиран во предлошка за производ на културата во време на изолација, сфатена како одвојување од околината, спречување контакт со одредена средина. Целта беше да се најде нов вид празен простор, односно да се адаптираат рамките во кој е обликуван интернет просторот и во него да се случи поинаков тип изведбеност. Режијата ја потпишува Деан Дамјановски, видеодизајнот и монтажата се на Филип Коруновски, а учествуваат: Благојчо Стојанов, Талија Настова, Васил Зафирчев, Славица Манаскова, Самоил Стојановски, Маја Љутков, Зорица П. Панчиќ, Симона Димковска, Слободанка Чичевска, Жарко Спасовски, Исидор Јованоски и Кети Борисовска.

Поголем дел од вашите текстови („Алма Малер“, „Ана Комена“, „Медеја“, „Госпоѓиците од Авињон“, „Кралските копилиња“) се праизведени во МНТ и Велешкиот театар. Какво е чувството да се види своето дело на сцена како претстава и дали вашата визија во голем дел се поклопи со визијата на режисерот?

Секој драмски текст овозможува, односно наметнува низа режисерски стратегии/постапки, никогаш само една. Визијата на режисерот за изведбата, една од возможните визии, секогаш ме радува затоа што е ново читање на драмскиот материјал, поинакво од она кое настанало во авторството на драмскиот текст. Секој драмски автор копнее по инсценација на текстот во претстава, им се радува на изведбите и се мотивира за следен текст.

Во март, Еуродрам го вбројува вашиот драмски текст „Помеѓу змејот и неговиот бес“ во најдобрите нови драми на Европа. За што станува збор во текстот и каков ќе биде неговиот живот по ова европско признание?

Текстот е истражување на дијахронискиот развој на феноменот и персоналитетот на шутот. Насловот е инспириран од Шекспировата трагедија за кралот Лир и всушност е кратка историја на смешното како професија. Структурирана во седум сцени, со пролог и епилог, кои претставуваат седум драмски ситуации од седумте работни дена на шутот, оваа драмска приказна го следи односот на различни владетели како конкретни историски личности и нивните шутови како имагинарни персоналитети. Целта е да се создаде корелација со секоја историска епоха, притоа антиципирајќи и на актуелниот контекст за поимање на феноменот на власта, нејзината (зло)употреба и нејзината моќ. Се надевам дека текстот наскоро ќе добие своја инсценација и превод на други јазици.

Како писател (раскази, романи, драмски текстови…), дали карантинот предизвикан од пандемијата ве поттикна на творење?

Писателската работа е карантинска сама по себе, таков е нејзиниот профил. Што се однесува до инспирацијата, со неа никогаш сум немал проблем, а скрибоман сум по природа. Од друга страна, вирусот ме сврти, како и сите нас, на поинаков начин кон себеси и сопственото место во затворениот свет, во светот со поинакви и поригидни граници, а со тоа кон нов личен наратив.

Кога би требало да ја опишете коронакризата со некое дело кое би било тоа?

Постојат многу книги и други уметнички дела кои произлегле од артикулација на болестите и заразите и кои се неверојатно актуелни денес, во вирусниот контест. Едно од тие дела е фасцинантниот роман „Беснило“ од Борислав Пекиќ кој слободно може целосно да се цитира во одговорот на ова прашање. Би издвоил еден кус пасус, кој ако би го читал гласно тоа би го сторил пред сликата „Љубовници 2“ од Рене Магрит: „Може да се рече дека беснилото излезе на крај со нееднаквоста меѓу луѓето, со која Разумот напразно се борел илјадници години. Ги укина традиционалните поделби на бели и обоени, мажи и жени, богати и сиромашни, моќни и слаби, паметни и глупави и ги замени со универзалната разлика меѓу здрави и болни. (Вистински поделби не постојат. Сите болни се потенцијално мртви, сите здрави потенцијално болни. Сите сме, значи, реално мртви. Светот конечно е единствен).“

И за крај, како ја замислувате иднината?

Сакам да верувам во нов хуманизам кој ќе се издигне од светот пеплосан од вирусот, како и во добрите намери на човештвото, притоа бивајќи свесен дека патот до пеколот е поплочен токму со добрите намери.

Наташа Илиевска-Таневски