ИНТЕРВЈУ: проф. д-р Елена Верижникова, лингвист на Московскиот државен универзитет „М.В.Ломоносов”: Битката за јазикот со Бугарија не е кратка маалска, трае од времето на  Мисирков

410

Таа во моментов е најкрупниот специјалист по македонски јазик во Руската Федерација. И не само таму, зашто кај македонистите низ светот Елена Владимирновна-Верижникова е синоним за врвен експерт за македонскиот јазик, но и силен борец против негаторите на неговото постоење. Со децении се занимава со македонистиката, а своите знаења Верижникова им ги пренесува на новите поколенија, во кои освен многу знаење всади огромна љубов кон јазикот, културата и народот на оваа земја. Затоа Советот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје ѝ додели титула почесен доктор, а во 2014 година беше одликувана од претседателот Ѓорѓе Иванов. Неодамна нависоката научно-образовна институција на Верижниковаѝ го додели меѓународното признание „Блаже Конески“ за посебен придонес во развојот на науката, културата и уметноста. Потписник е на многубројни библиографски единици замакедонскиот јазик, книги, но велат дека таа заслужува за неа да бидат напишани томови, за посветеноста во заложбитеза истражувањето и популаризирањето на македонскиот јазик, литература и култура во светот.

МАНУ неодамна Ви оддаде почит со високото признание за Вашата работа, за придонесот во македонистиката. Наградата е исклучително значајна, особено во ова време кога се негира македонскиот јазик и идентитет. Како Вие ја доживувате?

Доделувањето на наградата „Блаже Конески“ е огромна  чест и радост за мене, а многу ми значи и тоа што ова се случи во оваа значајна година кога ја одбележуваме стогодишнината од раѓањето на великанот на македонскиот јазик, на македонскиот дух, кој за сите нас е пример и инспирација. И тоа не само во науката, во македонистиката, туку и пошироко – во животот, во истрајноста, во верноста кон својата определба.

Би сакала да ја искористам приликата и уште еднаш да им се заблагодарам на Македонската академија на науките и уметностите и лично на претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, како и на академик Марјан Марковиќ за ова високо признание и за топлиот прием.

 

 

 

Солзи радосници за македонското знаме

Долго го изучувате, го проучувате и го предавате македонскиот јазик. Кој беше клучниот момент што пресуди да го одберете македонскиот јазик за Ваша животна професија?

Кога во 1980 год. заминав од  мојот  роден град Орел за да се запишам на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет, знаев само тоа дека мојот избор ќе биде некој од западнословенските или од јужнословенските јазици. Кога пристигнав тука, сосема случајно, ја запознав жената што подоцна ќе стане и мојот најзначаен учител, Рина Павловна-Усикова. Со таков жар и љубов таа зборуваше за Македонија, за Македонците и за македонскиот јазик, така што не се колебав, воопшто, и донесов одлука  ̶   ќе студирам македонски јазик! Таа  1980 година се запишуваа втората генерација македонисти. Да потсетам, македонскиот јазик како основна специјализација (односно „под А“) се предава на Катедрата за словенска филологија од 1975 година, благодарение на заложбите на Рина Павловна-Усикова (1933  ̶ 2018), основач на македонистичката школа во Русија. Таа, како што кажав и погоре, ни беше и професор, ментор, учител, таа ни ја откри Македонија, нѐ воведе во професијата. Кога студиравме имавме и прекрасни лектори: Кита Бицевска, Димитар Пандев, Красимира Илиевска. Од 1975 година на „Ломоносов“ се одржува континуитет: на секои пет години се формира нова група студенти што го изучуваат македонскиот јазик, литература и култура.  Од минатата година, веќе, ја имаме десетта генерација македонисти.

Ме прашавте за клучниот момент? Се случи тоа како судбина, како неизбежност, како предодреденост. И никогаш не зажалив за изборот! Напротив! Иако, децениите што следуваа по моето дипломирање беа прилично турбулентни. Се менуваше ситуацијата во Русија, што значи дека се менуваа работите и во науката и во образованието, повеќепати требаше да се направи избор: што понатаму? Но македонскиот јазик засекогаш ми остана моја животна определба. Имав голема среќа никогаш да не се одделам од него. Предавав на различни високообразовни институции, работев во Одделението за словенски речници при Издавачката куќа „Руски јазик“ кога таму се подготвуваше Руско-македонскиот речник, бев аташе за култура во амбасадата на Руската Федерација во Македонија.

Кога почнав да го учам јазикот, Македонија беше во составот на СФР Југославија, а веќе во почетокот на следната деценија -. стана независна земја. Присуствував на аеродромот кога се случи првата официјална посета на претседателот Киро Глигоров на Русија (јас им бев преведувач на луѓето што го сочинуваа економскиот дел од делегацијата). Сè уште, памтам дека ми надојдоа солзи радосници кога видов како на пречекот на претседателот во Москва, на аеродромот се вее македонското знаме.

Нашиот сосед – Бугарија на сите начини и со сите средства се обидува да го негира постоењето на македонскиот јазик нарекувајќи го дијалект на бугарскиот. Дали сте изненадени од таквиот бугарски став и од средствата со кои се служи?

За жал, воопшто, не сум изненадена. Позајмувајќи ги зборовите од големиот Петре М. Андреевски тоа е „нашата мака/што не е само една/и не е само за еден.“ Нема ништо ново во тоа, иако не можам да кажам дека помалку боли. Со ваквиот став се соочувам уште од моите студентски денови. Во втората година од студиите, според наставниот план, кај нас се држи предметот „Граматика на македонскиот јазик“. Покрај од Граматиката на Блаже Конески,  учевме и од ракописот што ни го подели Рина Усикова. Тој ракопис, всушност, беше нејзина книга подготвена за печатење уште во 1980 година, која, за жал,  не беше објавена поради интервенциите и притисоците од бугарска страна. За професорката тоа беше голем удар и разочарување. Книгата излезе пет години подоцна, во Скопје во 1985 година. Уште тогаш, значи уште од самиот почеток видовме колку храброст и пожртвуваност се бара од еден македонист. Секако, во Русија одамна веќе не наидуваме на таков апсурд, ниту во науката, ниту во образованието. И официјалниот став на нашата држава е целосното признавање на јазикот и на идентитетот на Македонците.

Мене, лично, изјавите од тој вид не само што ме иритираат и ме вознемируваат, туку и  ме болат… многу и не помалку од вас, бидејќи со тоа се негира и моето постоење и смислата на мојот живот.

Македонија живее извонредно турбулентно време во многу сфери, а особено кога е во прашање самостојноста на јазикот. Колку е ова само кратка маалска битка или, можеби, е сериозна закана?

Тоа не може да се оцени како кратка маалска битка, тоа е борба што трае подолго, уште од времето на Ѓорѓија Пулевски, Крсте Петков Мисирков, па и во 20 век. Но јас верувам во силата на јазикот, на тој самостоен прекрасен организам што живее преку сите што го зборуваат, што творат, што го негуваат, го збогатуваат. Едно од моите омилени занимања е – кога ќе дојдам во Скопје, да ги обиколам сите книжарници, да видам што  се појавило ново во меѓувреме. Секогаш многу ме радуваат младите писатели, поети, преведувачи, талентирани и креативни. Затоа што, нели, како што рече Јосиф Бродски: „Тоа што се создава денес на руски или на англиски или на македонски, на пример, го гарантира постоењето на тие јазици во текот на наредните милениуми. Поетот е средство за постоењето на јазикот.“

Како да се одбрани Македонија од таквите напади на негирања, особено пред меѓународната заедница?

За политички и дипломатски начини – не можам да советувам, како што ќе каже една од моите омилени македонски жени – за ова не сум паметна! Треба да се прашаат тие што се поучени од мене. За себе само знам дека треба да се работи, да се истражува, да се создава, да се предава, да им се покажува на студентите убавината на јазикот. Задоволство е да се занимаваш со македонскиот јазик, и тоа задоволство со ништо не можам да го споредам.

Сметате ли дека има излез од ваквата состојба?

Мислам дека излезот е во односот кон јазикот како спрема најголемо богатство, потоа во поддршката на науката и на образованието, на издавачката дејност. Голема е, исто така, улогата на лекторатите во странство. Еве, во мојата група сега како лектор работи Марија Пандева. Гледам колку многу им значат на студентите нејзините часови и дружењето надвор од наставата, колку многу придонесува тоа за нивното напредување во јазикот и за нивната љубов кон јазикот и кон земјата. Во оваа смисла, значаен придонес кон наставниот процес ни дава д-р Емил Ниами, кој како поранешен лектор по македонски јазик  на МГУ, одвреме-навреме држи онлајн-предавања за студентите по македонистика.

Колку врските со јазикот (македонскиот) произведуваат некои други, исто така цврсти врски?

Знаете, кога толку време се занимаваш со јазикот, земјата веќе не ја чувствуваш како туѓина. Русија е татковина, а Македонија е љубов. Долга колку животот. Земјата во која живеат моите сакани луѓе.

Семинарот за македонски јазик и литература во Охрид и лекторатите во странство беа извонредно значајни за македонистите. Колку тоа може да даде посилен импулс кога е во прашање афирмација за изучување на македонскиот јазик во странство?

И, сè уште, се извонредно значајни. Се сеќавам кога првпат дојдов во Охрид, тоа беше многу повеќе и многу посилно отколку што замислував. Знам дека и на моите студенти кои оваа година учествуваа на Семинарот, им се случи истото. Беа воодушевени и од убавината на земјата, и од отвореноста, и од гостољубивоста, друштвеноста на Македонците.

Околу осум години од мојот живот имам поминато во Македонија. Луѓето, моите драги луѓе. Моите драги Македонци! Звукот на македонската реч. Мојата омилена земја!

Што е тоа што само тука го има, а го нема на друго место?

Мојот чудесен македонски јазик.

 

Надежен македонистички кадар

  Вие сте професорка на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ каде што се школува десеттата генерација македонисти. Колку  се заинтересирани за изучување на македонскиот јазик и каков е нивниот пат откако ќе излезат од студентските клупи?

Имаме фантастични студенти: паметни, талентирани за јазици, љубопитни, комуникативни. Просто да ти е жал кога завршува часот.

По дипломирањето студентите можат да продолжат да се занимаваат со лингвистика или со литература. Минатата година две девојки магистрираа и се запишаа на докторски студии по книжевност, а истовремено и се вработија во издавачки куќи. Оваа година мојата ученичка Наталија Кикило одбрани кандидатска дисертација по лингвистика. Уште една македонистка, Александра Чиварзина, работи во Институт за славистика, подготвува дисертација од областа на етнолингвистиката. Имаме надежен македонистички кадар.

Лилјана Грџо Дамовска