ИНТЕРВЈУ, Оливер Деркоски: Дијаспората што ќе сака да се врати за избори, ќе треба да гласа во карантин

Едно отворено прашање е дали ќе им се овозможи на граѓаните да се пријават за гласање, тоа зависи најмногу од тоа каква одлука ќе се донесе. Јас не би лицитирал со датуми, цело време апелирам да се води сметка дека за да се завршат сите работи навистина ни треба време, не се водам од политички побуди и мотиви, туку самата ситуација ги наметнува. Голем дел од граѓаните кои се во странство а ги има на избирачки список и имаат право да гласаат, може ќе сакаат да се вратат летово во земјава и да гласаат тука. Имаат право да гласаат, меѓутоа ако важат овие мерки веројатно ќе треба да бидат во карантин, па ќе треба да организираме гласачки места и во карантин, а тоа бара посебни услови, и не трпи импровизација. Јас не би си зел одговороност за таква организација, вели претседателот на ДИК во интервјуто за весникот ВЕЧЕР

2292
Фото: Н. Батев

 

Очигледно е разногласието во ДИК за организирање на изборите, Вие цврсто стоите на ставот дека изборниот процес треба да почне од почеток, дел од Вашите колеги, но и Ваши претходници велат дека треба да продолжи онаму каде што застана по прогласувањето на вонредната состојба. Има ли простор за некаков компромис?

-Се разбира дека на крајот ќе треба да се продолжи со работа, но секако почитувајќи го законот и тоа е она за кое имаме различни мислења.

Сметам дека не може со уредба со законска сила да се уредуваат прашања по престанокот на вонредната состојба затоа што тогаш треба да се спроведуваат одредбите на Изборниот законик, а тој не познава термини прекин и продолжување на изборни дејствија.

Лидерите не се договорија за датум за гласање, Комисијата за заразни болести не избрзува со олабавување на мерките. Дали, според Вас, изборите до крај на јуни ќе имаат легитимитет?

-Јасно е дека ќе треба да се почитуваат мислењата на здравствените власти и ќе се чекаат насоки од нив како ние да го организираме процесот, но во секој случај мислам дека не треба да се брза и треба да се внимава, пред сè, на заштитата на здравјето на граѓаните.

Се остава ли простор за изборни злоупотреби, со оглед на тоа што постои ризик спрејот со кое се бележат гласачите кои го искористиле правото на гласање да се избрише со најобично дезинфекциско средство?

-Секогаш има одреден ризик за злоупотреби, но ние како комисија ќе направиме сè да се сведат на минимум или воопшто да ги нема, но тука своја одговорност секако имаат и другите учесници во целиот процес.

Очекуваме стручни лица да ни потврдат дали ќе има проблем со спрејот со кои се обележуваат гласачите кои го оствариле нивното право, со оглед на тоа што составот на тој спреј во најголем процент е алкохол, а на таа база се и средствата за дезинфекција кои постојано се користат како превентива од заразата.

 

 Кандидат за пратеник се премисли – по короната не сака да биде пратеник

Листите со кандидати за пратеници остануваат исти, партиите не побарале никаква интервенции. Единствено, кандидат за пратеник од листата на ГДУ побара негово изземање од кандидатската листа, што засега е невозможно. Вели дека тој бил кандидат за изборите што требаше да се одржат на 12 април, а после короната – тоа повеќе не го интересира, изјави Деркоски во интервју за весникот Вечер.

Ќе треба ли гласачите да ги симнуваат заштитните маски пред избирачките одбори за да докажат дека се тие на личните карти?

-Секако да, затоа што ќе мора да се потврди идентитетот на гласачите. Освен тоа, голем дел од гласачките места ќе треба да се променат, со оглед на тоа што е невозможно во постоечките простории да се обезбеди потребната дистанца и на членовите на избирачките одбори и на набљудувачите и простор за движење на гласачите. Ќе мора да најдеме поголеми простории, ќе биде лесно таму каде што ќе има спортски сали, но нема секаде и за тоа ќе треба дополнително време за решение за промена на локациите, но и време граѓаните да се информираат дека треба да гласаат на друга локација.

ОДИХР е спремна да ја прати својата набљудувачка мисија откога повторно ќе почне изборниот процес во зависност од здравствената ситуација.Контактирате ли со нивните претставници, што велат тие?

 -Имаме нормална комуникација со мисијата, но за оваа ситуација немаме разговарано сè уште затоа што нема датум за избори, кој на некој начин би бил ориентир и за нивната мисија.

Што е за Вас полошо сценарио – ниска излезност на брзи избори или дополнителниот период на техничката влада и држава без парламент?

 -Не е битно што е лошо за мене или за кој било од комисијата, за државата е битно да има фер и транспарентен изборен процес кој нема да биде оспорен и делигитимиран од никого по неговото завршување на истиот и државата да не влезе во нова политичка криза, тоа е она што треба да ни биде цел на сите.

Инсистирањето за избори летово власта го оправдува со заканата за втор бран заразени наесен, а министерот за здравство сега уверува дека следува мирен период. Кога ги слушате тие прогнози, размислувате ли да направите отстапка и да се организираат брзи избори?

 -Не се работи за тоа дали јас или кој било треба да прави отстапки, имаме пред нас Изборен законик и само треба да го следиме за да не погрешиме, а јас како претседател на комисијата во моментов имам на некој начин обврска да апелирам до сите кои учествуваат во носење на одлуките како за здравствената состојба така и за датумот за одржување на изборите да внимаваат на сите факти за да ни помогнат да организираме фер и транспарентен изборен процес. Одговорноста на сите е голема и треба сите да внимаваме кога ги носиме одлуките.

Фото: Н.Батев

Имате ли проценки колку пари дополнително ќе чинат изборите, ако на изборниот ден бидат ангажирани и лекари на секое избирачко место?

 -Секако дека ќе се зголемат трошоците со оглед дека ќе се прават избори во нови услови, но додека не добиеме насоки од здравствените власти не можам точно да ви кажам колку ќе се зголемат трошоците. Во секој случај треба некој да им мери температура на гласачите, полиција да прави ред за да ја регулира дозволената дистанца меѓу тие што дошле на гласање, да прска на влез и на излез средство за дезинфекција. Останувам на ставот дека ни се неопходни минимум 50 дена и ќе инсистирам на тоа, не смее да го доведеме во прашање здравјето на граѓаните.

Како ќе биде организирано гласањето на дијаспората, и што ќе биде со оние лица кои ќе се вратат во земјава летово и ќе се сакаат тука да го искористат нивното право. Ќе има ли гласање во карантин?

 Тоа се прашања кои што се наметнуваат и за одговор на овие прашања ќе мора да почекаме одговор од здравствените власти да ни дадат препораки како да ги направиме сите овие подготовки и организација затоа што има многу отворени прашања.

Едно отворено прашање е дали ќе им се овозможи на граѓаните да се пријават за гласање ,тоа зависи најмногу од тоа каква одлука ќе се донесе. Јас не би лицитирал со датуми, цело време апелирам да се води сметка дека за да се завршат сите работи навистина ни треба време, не се водам од политички побуди и мотиви, туку самата ситуација ги наметнува. Голем дел од граѓаните кои се во странство а ги има на избирачки список и имаат право да гласаат, може ќе сакаат да се вратат летово во земјава и да гласаат тука. Имаат право да гласаат, меѓутоа ако важат овие мерки веројатно ќе треба да бидат во карантин, па ќе треба да организираме гласачки места и во карантин, а тоа бара посебни услови, и не трпи импровизација. Јас не би си зел одговороност за таква организација.

Дали размислувате за оставка од претседателското место доколку има договор за избори на датум со кои не се согласувате и сметате дека нема да го имате потребното време за беспрекорна организација?

-За таа опција би размислувал само доколку се инсистира на незаконско работење на комисијата и импровизации во целиот процес.

Имате ли политички притисоци околу организацијата на изборите?

-Па ако не ги земам предвид како што и не ги земам секојдневните изјави од политички побуди, немам никакви други притисоци.

Се споменува дека продолжувањето на изборните дејствија ќе биде регулирано со нова владина Уредба, исто како што Владата пред два месеца донесе уредба за прекин на дејствијата поврзани со изборите. Дали Владата има надлежност на овој начин да се меша во работата на ДИК?

-Уставот регулира носење на вакви уредби со законска сила за време на вонредна состојба па логично е дека после таа состојба во сила се сите позитивни законски прописи, што впрочем пред некој ден го слушнавме како став и од МАНУ, а се надевам дека наскоро ќе слушнеме став и од Уставниот суд за ова. Инаку, нашиот изборен законик не познава ситуација на прекин и продолжување на дејствија во изборен процес.

 

Јованка Царулеска-Груевска

Фото: Наќе Батев