ИНТЕРВЈУ, МИТКО ПАНОВ: Историјата постојано нѐ поставува „пред судбоносна проба“ – каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме!

475

Бугарија не признава постоење посебен етнички македонски идентитет. Како што напоменав, во тоа се состојат и проблемот и настојувањето на Бугарија да конструира „заедничка историја“, со што претендира да докаже дека не постоел македонски народ и дека Македонците се вештачки идеолошки продукт на Титова Југославија. Сето тоа е нотирано како политичка доктрина на Бугарија уште во 1968 година, во публикацијата за „Македонското прашање: Историско-политички преглед“. Во неа, меѓу другото, се констатира дека македонската, односно југословенската историографија, се „стреми да ја оправда политиката на денационализација на бугарското население во Македонија со изопачување и фалсификување на неговото историско минато“ и „во напорите за насилно формирање на нова македонска нација, српските зборови и други туѓи зборови сè повеќе се вметнуваат во сега создадениот ‘литературен’ македонски јазик, со цел овој јазик да се оддалечи од бугарскиот народен јазик во Македонија и од литературниот бугарски јазик“. Притоа, се обвинува македонската, односно југословенската историографија, дека ја искривува вистината за Климент и Наум Охридски, цар Самуил, браќата Миладинови, Григор Перличев, Рајко Жинзифов, Дамјан Груев, Гоце Делчев, Јане Сандански, Никола Вапцаров, кои биле „Бугари“, а не „претставници на некоја посебна македонска националност“ и дека погрешно се тврдело дека формирањето на македонската државност се засновало на остварувањето на идеалите на ВМРО.

Во 21 век, на македонскиот народ му се ускратува правото да го изразува самоопределувањето преку својот национален наратив, бидејќи интеграциите во ЕУ се условени со прифаќање на „историските  вистини“ на соседите. И тоа, со согласност на македонската страна!, вели во ексклузивното интервју за весникот ВЕЧЕР Митко Панов, професор на Институтот за национална историја и претседател на македонското Здружение на историчари.

 Да не заборавиме дека, вели Панов, на инсистирање на Бугарија, државното раководство испрати нота до ООН со која го дефинираше значењето на новото име „Република Северна Македонија“, забележувајќи дека тоа не имплицира поврзаност со географската област Македонија, а аналогно и на културно-историското наследство. Со тоа, „Северна“, во суштина, не претставува географска одредница, што го претвора името на државата во исклучива современа политичка категорија, без географско-историската компонента произлезена од името Македонија

 Елизабета АРСОСКА

фото: Петр СТОЈАНОВСКИ

 

Во пресрет на 11 Октомври, кога го одбележуваме почетокот на Народноослободителната борба против фашистичкиот окупатор, Македонија им оддава почит и признание на борците кои пред 81 година тргнале во борба за слобода и формирање на македонска држава. Денеска, кога повторно има обиди за негирање на македонскиот идентитет, колку се чува аманетот на нашите државотворци?

Единаесетти октомври претставува симбол на македонскиот непокор, манифестација на вооруженотo спротивставување на фашистичката окупација и револуционерен израз на стремежите на македонскиот народ за слобода и државност. Победничкиот порив за извојување финална победа над фашизмот под девизата да се биде „слободен народ во слободна држава“ е рефлектиран во Манифестот и во одлуките на АСНОМ од 2 Август 1944 г. Со АСНОМ се заокружуваат „вековните идеали на македонскиот народ” за формирање на „втората, по Самуила, македонска држава“, втемелена на „принципите на правото за самоопределување”, „искрена солидарност и мир меѓу балканските народи” и „правата на полна слобода и рамноправност на сите народности во Македонија”. Нашите македонски државотворци го пренеле генерацискиот завет дека историјата постојано нѐ поставува „пред судбоносна проба“ за константно зачувување на државноста, порачувајќи: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме!”

Од аспект на денешните македонски работи, можам да констатирам дека не само што не се почитува и чува аманетот, туку, за жал, се погазува. Погледнете го Уставот, избришани се одлуките и Манифестот на АСНОМ, кои го трансферираат заветот на државотворците, на нивните и нашите предци, на идните генерации наши потомци. Наместо да претставува непроменлив фундамент и гарант на суверенитетот на нацијата, македонскиот Устав се претвори во адаптибилна текстуална содржина што може да се менува по барање на соседите и да се контекстуализира во согласност со нивните национални интереси.

Видете на што се сведе македонската национална историја, која се претвори во политичко орудие за легитимирање на негаторските тези за историското непостоење на македонскиот народ и на македонската нација. Затоа, добро е постојано да се навраќаме на македонскиот идеолог Крсте Мисирков, кој во 1925 година, како своевиден претсмртен аманет, го поставил „самостојното проучување на македонската култура и историја“ од „македонската интелигенција, која барала и изнаоѓала и други средства за борба, а, имено, самостојна македонска научна мисла“ за да го изрази „збирот од вековните усилби за културно издигнување и национално самозачувување на Македонците“.

Денес, наспроти постоењето самостојни национални научни и образовни институции, македонската научна мисла станува зависна од волјата на мешовити комисии, чии политички детерминирани ревизионизми, во суштина, му се подредени на адаптирањето на македонската национална историја на националните наративи на соседите.

Вашите истражувања и предавања, меѓу другото, ја опфаќаат и историографијата на Балканот, средновековната и модерната. Како ја оценувате современата историја на Балканот? Дали е ова период во кој може да ја наречеме историјата прилично моќна?

Во контекст на балканските состојби, историјата отсекогаш имала моќ, бидејќи самиот Балкан е историска и цивилизациска крстосница. Винстон Черчил своевремено констатирал дека Балканот не е во состојба да ја консумира сета историја што ја произведува. Меѓутоа, јас не би се согласил во целост со ваквата констатација. Преголемата продукција на историја на Балканот, всушност, произлегува од тенденцијата за присвојување на историјата и наследството, што резултирало со конструирање спротивставени балкански наративи при реосмислувањето на минатото и неговото проектирање во современоста.

Ваквата тенденција особено била изразена во контекст на Македонија, бидејќи реоткривањето на личностите од средновековната епоха во втората половина на 19 век било предодредно од геополитичките проекти и тенденциите за легитимирање на различите претензии кон македонската територија. Мошне илустративен е примерот со рускиот академик Никодим . Кондаков (1844-1925), кој во својот извештај од научната експедиција во Македонија од 1909 г. најпрвин констатирал дека „само историјата, следејќи ги сите специфики на културниот живот на Балканскиот Полуостров, ќе го даде клучот на вистинското решавање на македонското прашање“, за потоа субјективно да заклучи дека „цела Македонија треба да биде дадена на Бугарите, со исклучок на некои од северозападните места, кои се надоврзуваат на Стара Србија“ за да се спречи отцепувањето на Македонија со Австрија, што би довело до целосно поробување на Србија. Сето тоа се одвивало во услови кога македонската интелигенција очекувала поддршка од Русија, повикувајќи се на автохтоното историско право на традициите од средновековието.

Тоа што се случува денес во контекст на Македонија и реактуелизирањето на македонското прашање, претставува реминисенција на некогашните балкански военополитички контексти и проектирање на историографските конструкти, и нема ништо заедничко со историјата како наука. Модерните балкански и западни историографи, кои се придржуваат до критичката историска анализа и принципите на објективната научна мисла, не само што не ги поддржуваат сегашните крајно несвојствени тенденции за еднострани условени ревизинизми на историјата, преточени во доктринални концепти на „заеднички истории“ со крајна цел маркирање на сопственоста на наследството на Македонија, туку настојуваат да ги деконструираат овие тези како конструкти на 19 век. Тези кои кај нас, преку мешовитите комисии, се прогласуваат за догматизирани „историски вистини“.

Ако победниците ја пишуваат историјата, дали може таа тукутака да се менува?

Јас не би се согласил целосно со синтагмата дека победниците ја пишуваат историјата. Особено во контекст на 21 век, кога демократските општества почиваат на слободата на изразување на научната мисла и на неприкосновеното право на нациите за изразување на идентитетот преку сопствен историски наратив. Во македонскиот случај, за жал, се создава ваков впечаток, а кој произлегува од триумфализмот кај соседите од издејствуваните комисиски решенија за ревизијата на македонскиот национален наратив. Професорот Спиридон Сфетас, како поранешен член на македонско-грчката комисија, посочи дека грчката страна постигнала „национален успех“ за клучните историски прашања, во, како што ја карактеризира тој, „современата македонска борба со историчарите од соседната земја“. Ист е случајот и со нескриениот триумфализам кај бугарските членови на мешовитата Комисија за историски и образовни прашања, кои констатираа дека со „бугаризацијата“ на Самуил ја лишиле Република Македонија од фундаментот на средновековната историја. Впрочем, и самите македонски членови на Комисиjaта со Бугарија отворено изјавија дека нивната цел е „поразување на историските митови на двете држави“.  А досегашниот исход на нивната работа, во суштина, покажа дека единствени поразени митови треба да бидат оние на македонскиот народ и на македонската нација. Од тоа произлегува дека крајниот исход ќе биде Македонците да останат без свои национални херои, поради што не случајно токму личностите од Македонија се селектирани од Комисијата за да бидат врамени во „заедничката историја“ на Бугарија.

Да одговорам конкретно на Вашето прашање. Не постои случај некоја суверена нација своеволно да ја променила својата национална историја за да ги задоволи барањата на други нации. Причината е сосема јасна – преку својот историски наратив, нациите ја изразуваат идентитетската посебност и различност од другите нации. Ако историјата на една нација се менува за да се поистовети со наративот на друга нација, се менува и идентитетската посебност на таа нација. Македонскиот преседан ќе значи самоприфаќање на националните наративи на соседите, а кои се втемелени на историското непостоење на македонскиот народ и нација.

Дали, според Вас, е неопходно менување на историските учебници под притисок? Всушност, има ли историска основа фашистичката окупација да се преименува во аминистративна?   

Апсолутно не! Затоа целата македонска академска заедница уште од почетокот се спротивстави на т.н. концепција за основно образование, чија клучна „реформа“ претставуваше укинувањето на предметот по историја и учебниците по историја воведени уште од АСНОМ. Тоа не беше случајно, бидејќи кореспондираше со намерата за артикулирање на политичките условувања на соседите, кои како клучна цел ја поставуваат токму содржинската промена на учебниците по историја. Ваквата тенденција недвосмислено се потврди по објавувањето на вториот билатерален протокол со Бугарија од јули годинава, со кој досегашните и идните договори во мешовитата Комисија ќе мора да се преточат во „предлог-текстови за лекции… на настани и историски личности од заедничката историја… да ги вклучат во соодветните учебни програми, учебници и други релевантни учебни материјали…“.

На тој начин, комисиската новоконструирана „заедничка историја“ од средновековието до 1944 година, ќе поприми бугарски карактер, соодветно ќе биде инкорпорирана во македонскиот образовен систем и воедно ќе го маркира севкупниот јавен простор (натписи на споменици, табли, туристички водичи, музеи…) и ќе ги детермира официјалните говори при чествувањата. Во тој контекст, подготвеноста за ревидирање на термините „фашистички“ или „окупатори“, a кои претставуваат изворен израз на македонскиот народ за суштината на Народноослободителната војна, претставува само начин за артикулирање на бугарските барања. Оттаму, во иднина може да бидеме сведоци, под превезот на проектираниот говор на омраза, како и преку комисиските договори, да се пристапи кон бришење на непосакуваните термини за Бугарија. Тоа нема ништо заедничко со историјата, туку напротив, ќе претставува класичен орвеловски метод на политичко коригирање и елиминирање на минатото.

Дали историјата е најмоќното оружје за добивање политички поени?

Не би рекол дека историјата најмоќно се користи за политички поени, но би се согласил дека историјата претставува моќна алатка за имплементација на политичките агенди. Тоа јасно се согледува со примерот на Република Македонија и експлоатирањето на историјата за ставање крај на „македонското прашање“.

Каков е Вашиот став за Историската комисија?

Многупати сум повторил и претходно напоменав дека македонските членови на Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија ја презедоа врз себе одговорноста надвор од мандатот со Договорот, усвојувајќи методологија преточена во правилник за работа, заснована на догматизираниот концепт на само ним позната и од нив конструирана „заедничка историја“, а што е во целосна спротивност со научните методолошки приниципи. Затоа, македонската научна заедница, во која беа вклучени и сите потврдени авторитети за средновековието, ги отфли препораките на Комисијата како ирелевантни и ништовни. Во контекст на Комисијата со Грција, нивната методологија е веќе дефинирана со политичкиот договор и со тоа нејзиниот исход е однапред определен.

И обете практики претставуваат преседан. Коста Рацин, пред повеќе од осум децении, констатирал дека наративот претставува „верен и жив одраз“ на идентитетот и начин со кој македонскиот народ може да им се спротивстави на обидите за „присвојување на правото на историската тапија врз срцето и свеста“. Пренесено во денешните македонски состојби, со наметнатата ревизија на историјата, всушност, се губи правото на историската тапија на наследството на македонската територија, а со промената на учебниците, се посегнува по „срцето и свеста“ на сегашните и на идните млади генерации Македонци.

Се чини дека Историјата ќе биде услов за влез во ЕУ, како гледате на развојот на настаните на ова поглавје? Колку Договорот од 2017 година е товар на билатералната Комисија за историски и образовни прашања и нејзината работа?

Не се чини, тоа е факт. Вториот билатерален протокол го условува влезот во ЕУ, со целосното завршување на работата на Комисијата, по желба на Бугарија. Историјата со тоа не само што станува составен дел од преговарачката рамка туку и клучно мерило за имплементацијата на Договорот за добрососедство за Бугарија, а со тоа и за ЕУ.

Уште повеќе, со протоколот кој претставува своевиден анекс на Договорот, во кој со свои сугестии учествувале и членовите на Комисијата, истата се поставува како некакво надуставно и наднационално тело, чии еднострани одлуки и решенија ќе бидат единствено релевантни за Владата, наспроти македонските национални научни и образовни институции. Министерството за надворешни работи формираше и посебен Секретаријат за историски прашања, со цел да ја запази утврдената динамика со протоколот, бидејќи Комисијата ќе треба да го заокружи инсталирањето на новоконструираното минато со што, всушност, се менува сегашноста. Тоа ќе се одвива на линија на преточувањето на „историските вистини“ на Комисијата во веќе подготвениот за адаптирање македонски образовен систем.

Но, Бугарија не го признава македонскиот јазик. Верувате ли дека ваквото однесување на Бугарија е во согласност со вредностите на ЕУ за самоопределување?

Јазикот, културата и историјата се идентитетски маркер на поединецот, групата, народот, нацијата. Секое посегнување по историјата, претставува обид за промена на меморијата, со што се губи смислата на постоењето. Сведоци сме дека во францускиот предлог е содржана и едностраната изјава на Бугарија за непризнавање на македонскиот јазик. Затоа, кога говориме за европските начела и вредности, истите подразбираат почитување на меѓународното право кое не познава вакви практики, а посебно не присилна ревизија и промена на историската содржина која го дефинира идентитетот на условената нација, што го вклучува и јазикот кој со тоа ја губи идентитетската компонента.

Бугарија, во суштина, го поима самоопределувањето на Македонците како политичка категорија, без етничка содржина. Да не заборавиме дека, на инсистирање на Бугарија, државното раководство испрати нота до ООН со која го дефинираше значењето на новото име „Република Северна Македонија“, забележувајќи дека тоа не имплицира поврзаност со географската област Македонија, а аналогно и на културно-историското наследство. Со тоа, „Северна“, во суштина, не претставува географска одредница, што го претвора името на државата во исклучива современа политичка категорија, без географско-историската компонента произлезена од името Македонија.

Признава ли Бугарија постоење на посебен етнички македонски идентитет?

 

Не! Како што напоменав, во тоа се состојат и проблемот и настојувањето на Бугарија да конструира „заедничка историја“ со што претендира да докаже дека не постоел македонски народ и дека Македонците се вештачки идеолошки продукт на Титова Југославија. Сето тоа е нотирано како политичка доктрина на Бугарија уште во 1968 година, во публикацијата за „Македонското прашање: Историско-политички преглед“. Во неа, меѓу другото, се констатира дека македонската, односно југословенската историографија, се „стреми да ја оправда политиката на денационализација на бугарското население во Македонија со изопачување и фалсификување на неговото историско минато“ и „во напорите за насилно формирање на нова македонска нација, српските зборови и други туѓи зборови сè повеќе се вметнуваат во сега создадениот ‘литературен’ македонски јазик, со цел овој јазик да се оддалечи од бугарскиот народен јазик во Македонија и од литературниот бугарски јазик“. Притоа, се обвинува македонската, односно југословенската историографија, дека ја искривува вистината за Климент и Наум Охридски, цар Самуил, браќата Миладинови, Григор Перличев, Рајко Жинзифов, Дамјан Груев, Гоце Делчев, Јане Сандански, Никола Вапцаров, кои биле „Бугари“, а не „претставници на некоја посебна македонска националност“и дека погрешно се тврдело дека формирањето на македонската државност се засновало на остварувањето на идеалите на ВМРО.

Во 21 век, на македонскиот народ му се ускратува правото да го изразува самоопределувањето преку својот национален наратив, бидејќи интеграциите во ЕУ се условени со прифаќање на „историските  вистини“ на соседите. И тоа, со согласност на македонската страна!

Европскиот суд за човекови права донесе 14 судски пресуди против Бугарија за кршење на права на македонското малцинство, но останува барањето за внесување на бугарските граѓани во Уставот. Како да се надминат бугарските барања, кои се од позиција на моќ?

Тоа е прашање на државна стратегија, бидејќи меѓудржавните односи во принцип се засноваат на реципроцитет. Во случајот, не станува збор само за непризнавање на македонското малцинство туку и на македонскиот народ. Бидејќи доколку не постои македонско малцинство, не постои македонски народ и обратно. Претензиите се македонскиот народ вештачки да се врами во државните граници, со што ќе се потврдат негаторските тези за негово историско непостоење.

– Имиња на контроверзни личности од историјата поврзани со Бугарија, како Иван Михајлов и цар Борис влегоа на мала врата во Македонија. Колку Меѓуресорското тело за контрола на имињата на здруженијата може да им стави крај на овие провокации?

Мислам дека не е потребно некакво тело за македонското државно раководство и надлежните институции да го изразат својот категоричен став во осудата на какви било тенденции кои имаат цел воскреснување на личности асоцирани со фашизмот, независно од кого доаѓаат и на кој начин се пројавуваат. Тоа е, впрочем, и генерацискиот аманет на нашите државотворци од АСНОМ, кои, како дел од меѓународната антифашистичка коалиција, ја извојувале победата над фашизмот.

 

ТЕНДЕНЦИЈАТА ЗА ИМЕНУВАЊЕ КЛУБОВИ И ЗДРУЖЕНИЈА ПО ЛИЧНОСТИ ШТО ГО СИМБОЛИЗИРААТ ФАШИСТИЧКОТО МИНАТО, ГО НАМЕТНУВА ПРАШАЊЕТО ЗА РЕАЛНИТЕ МОТИВИ!

Следната година се навршуваат 80 години од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка од страна на бугарската војска. Дали Бугарија треба да признае и да се извини за оваа трагична историја?

Тоа ќе пратставува единствениот вистински и добронамерен чекор во насока на подобрување на добрососедските односи. Испитувањата на јавното мислење, недвосмислено покажуваат дека по потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, наместо односите да се подобрат, во перцепцијата кај македонските граѓани истите се на најдолно ниво. Тоа претставува јасен индикатор за погрешноста на политиките на условувања, принуди и негација на македонскиот народ. Од друга страна, тенденцијата за именување клубови и здруженија по личности што го симболизираат фашистичкото минато и воедно ги воскреснуваат иредентистичките аспирации кон Македонија, го наметнува прашањето за реалните мотиви. Индикативно е што Гебелс во своите дневници забележал дека бугарскиот цар Борис Трети „е страстен приврзаник на генијот Хитлер како лидер, и навистина гледа во него како на пратеник на Бога“. Притоа, Гебелс изразува „вчудоневување со каква љубов и посветеност тој застанува зад фирерот“, за да констатира дека „бугарските национални аспирации во најголем дел биле задоволени“. А за какви аспирации станувало збор, се гледа од говорот на бугарскиот премиер Богдан Филов во бугарскиот Парламент од април 1941 г., во кој тој ги акцентирал остварените национални идеали за „создавање на една моќна и обединета Бугарија од Дунав до Егејското Море и од Охрид до Црното Море“, за што бугарскиот народ „изразува најголема благодарност и големо признание кон силите на Оската и кон нивните големи водачи, Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, кои го остварија обединувањето на Бугарија“.

Република Македонија, како победник во антифашистичката војна, треба да заземе категорична позиција во спротивставувањето на какви било тенденции за глорификација на личности поврзани со фашизмот во сопствената држава. Треба да се испрати недвосмислена порака дека Република Македонија нема да дозволи во каква било форма да се воскреснува фашизмот, што е во целосна колизија со демократските начела на кои почива поствоена Европа.

Тоа го направи Еврејската заедница во Република Македонија, која остро реагираше, изразувајќи го категоричното спротивставување на именувањата на здруженија со личности што имаат асоцијација со фашистичкото минато, за што сведочи траорноста на илјадниците жртви македонски Евреи.