Европскиот универзитет ќе ми овозможи успешни студии, во тоа сум сигурна уште на самиот старт. На мене останува да бидам совесна, дисциплинирана во учењето, ништо да не испуштам од предавањата. Уште кога влегов првпат во самата зграда ми се виде навистина сè преубаво. Од самиот ентериер, до позитивната енергија која кружи низ воздухот. Европскиот универзитет ме освои што се вели “на прва топка“. Ова најискрено го кажувам, раскажува за весникот ВЕЧЕР популарната Лина

(Дуле Миќиќ / фото: Наке Батев)

Поп-пејачката Лина Пејовска сега е веќе голема возрасна девојка, полнолетна, а публиката ја запозна најпрво преку српското шоу “Пинкови ѕвездички“, а потоа и преку хрватското шоу “РТЛ ѕвезди“ во кое на сцената се најде заедно со познатите Нина Бадриќ, и на Лина омилениот пејач Петар Грашо со кој има испеано песна во дует.
Сепак, најважното случување кај Лина Пејовска е нејзиното запишување и понатамошно студирање на Европскиот универзитет во Скопје. По тој повод со Лина го направивме ова интересно интервју во кое таа раскажува за своите причини да се запише на овој универзитет, за првите впечатоци, а потоа муабетевме, секако, и за самата музика, естрадата, пеењето без кое денот ѝ е незамислив.

0 Кој имаше влијание на твојата одлука да се запишеш на Европски универзитет, дали твоите од дома или ти самата така одлучи?
-Одлуката јас ја донесов и гледам дека воопшто не згрешив. Моите пред тоа беа запознаени, а мојата одлука многу им се допадна. Дефинитивно сум со нив убедена дека донесов многу добра одлука.

0 А зошто од толку други универзитети низ државата го одбра токму Европскиот?
-Моите познаници кои веќе студираат на Европски универзитет имаат одлични практични искуства. Но тоа не беше пресудно кај мене, тоа само логично се надоврза на мојата одлука да бидам студент на овој универзитет.

0 Кој факултет го одбра во рамките на Европскиот?
-Тоа се економските науки смер за бизнис и менаџмент. Имав подолго време таква желба. Сакам да научам некои нови вештини, да се стекнам со нови знаења. Сето тоа ќе ми го овозможи Европскиот универзитет. На мене останува да бидам совесна, дисциплинирана во учењето, ништо да не испуштам од предавањата. А, инаку, како малечка мој афинитет беше музиката. Сега кога веќе сум возрасна девојка ја почувствував желбата кон економијата, менаџментот, финансиите, да го откривам тој свет кој ми е уште непознат.

0 Какви ти се очекувањата од студиите на Европски?
-Моите очекувања се огромни и со сигурност знам дека нема место за разочарување. Ни најмалку. Уште кога влегов првпат во самата зграда ми се виде навистина сè преубаво. Од самиот ентериер, до позитивната енергија која кружи низ воздухот. Така што впечатоците ми се преубави. Јас сум позната по тоа дека тешко се прилагодувам во нова средина во која продолжувам со учењето, како што ми беше од основно во средно. Сепак, Европскиот универзитет е исклучок! Ме освои што се вели “на прва топка“. Ова најискрено го кажувам.

0 Очекуваш во текот на студиите да функционирате како сложно семејство, сите да си помагате едни на други, да имате одлични меѓусебни комуникации?
-Не само што очекувам, јас тоа го знам дека е така и од кажувањата на студентите кои се мои познаници или пријатели, кои веќе студираат. Позитивните вибрации се тука присутни, а тоа е добар знак, за студирањето кое со себе носи многу задоволства. Длабоко верувам во нашите заеднички комуникации. Европскиот универзитет ми нуди многу можности. Со неговата диплома можам да заминам кај сакам низ светот и да бидам горда таму некаде во странство што студиите ги завршив не само кај што сакав јас, туку што е тоа висококвалитетна образовна институција во секој поглед. Што знам дека на вистинско место се вложував самата себеси!

0 Пред малку ми кажа дека од мали нозе си со музиката, а сега откако порасна се искачи во тој свет и на професионално поле, бидејќи не е мала работа на сцена да застанеш рамо до рамо со еден доста популарен Петар Грашо.
-Навистина е така. Музиката е мојата голема љубов! А самиот Петар Грашо ми е најомилен пејач. Сега замислете само колку сум среќна кога сите тие елементи ќе се спојат во едно.

0 А што е со тремата?
-Немам јас никогаш трема, ја немав ни на “Пинкови ѕвездички“. Сигурна настапувам бидејќи сум сигурна во своите квалитети. Така сигурно настапив и со Грашо. Тој беше воодушевен од мене. Како и јас од него, особено кога ја слушам неговата песна “Ако те питају“. Јас таа песна можам неброено пати да ја слушам и никогаш не ми е здодевна. Единствено ми е жал што раскина со девојка му Даниела. Тие двајцата како двојка ми беа многу симпатични, мили. Но така требало веројатно да биде. Само ме иритира кога новинарите ќе напишат некои невистини за нивната врска. Од каде ја знаат вистинската причина поради која не се веќе заедно? Не знаат, а измислуваат, шпекулираат, нели?

0 Тоа те нервира и кога за тебе медиумите ќе објават невистина, трач или скандал?
-Па, не дека ме нервира во мојот случај, туку не се чувствувам убаво. На пример, пред некоја година за Велигден објавив фотографија од плажа во костим за капење и со пијалак в рака, а некој портал си зел за право да напише “Лина држи алкохол в рака“. Тоа е глупост, не е алкохол, јас не пијам, туку во чашата имаше сок. Зошто го прават тоа?

0 Како реагираш на таквите пишувања?
-Воопшто не реагирам јавно. Само ги читам коментарите на луѓето и се смеам на тоа што сè нема да им текне. Секако дека постојат и оние зајадливи коментари, како на пример “косата ти е лоша“. Моите другарки реагираат, возвраќаат на коментарите. А јас не сакам тие во мое име да пишуваат. Мене, ете, тоа ме нервира.

0 Голема медиумска фрка се крена во последно време и поради твојата песна “Неваљала“, снимена на српски јазик за српскиот музички пазар, а која ја пееше заедно со колегата Таско.
-Мило ми е што на публиката ѝ се допадна песната која стана хит. Спотот има над 13 милиони прегледи, па како да не бидам среќна. Имам и добар фидбек од тие прегледи на јутјуб-каналот. Во Србија работам со “Меџик рекордс“, а овде во Македонија со Дарко Димитров, со Роберт Билбилов. Подготвуваме за ова лето нови песни, но не можам да раскажувам сега за тие песни. Нека останат изненадување за публиката.

0 Значи ќе има доволно работа и за твоите менаџери, ќе има покани за летни настапи, за идни фестивали?
-Немам класичен менаџер и сметам дека подобар менаџер од мојата мајка нема. Всушност сите од дома, татко ми, а и сестра ми, кои се во угостителството, се моите менаџери. Сите се добро упатени во мојата естрадна кариера. Што се однесува до фестивалите, веќе пеев двапати на “Макфест“, а на “Охрид фест“ не настапував никогаш. Овде сакам да ја спомнам и “Песна на Евровизија“ на која Македонија треба задолжително да учествува. Како и сите поранешни југословенски републики, да си се помагаме едни на други. Жалам што меѓу учесниците ги нема веќе Босна и Црна Гора кои се откажале, а би требало да се вратат.

Оваа година нашиот Васил имаше фантастичен настап за секоја пофалба и не ми е јасно зошто не влезе во големото евровизиско финале? Одвај ја чекам наредната “Евровизија“, а на кој начин ќе се одбира нашиот претставник, за тоа повторно нека одлучат одговорните луѓе во МРТВ.