„Секоја етапа од мојата кариера почнувајќи од 1996 година кога излегов од Македонија ме надградуваше како уметник. За мене сè беше ново и се давав целосно во сè што ми претставуваше предизвик… Иако не бев во Македонија, јас се трудев и сè уште се трудам на македонската публика да ѝ доловам дел од моите претстави без разлика за која компанија се работени“, вели Киров, чија претстава „Сви марш на плес“, на музика на „Бијелодугме“, ќе можеме да ја видиме на 24 јули во Охрид на сцената на Долни Сарај и на 26 јули во Скопје на Скопско лето во салонот на МОБ

Кариерата на успешен танчар и кореограф ја изградивте надвор од границите на државата. Како би го опишале периодот од три децении кои ги поминавте на сцените низ светот?
Сето она што го зацртав, го замислував и посакував согласно со моите способности како танчар, а подоцна и како кореограф педагог и директор на национална институција, го остварив во помал и поголем обем и интензитет. Задоволен сум од тоа како се развиваше мојата кариера. Доста видов, доста научив и многу пропатував. Со секоја нова сезона се надградував уривајќи ги своите бариери како уметник со цел секој нов ден да бидам подобар, да успеам да ја задржам својата работа или да добијам друга која ќе ми даде поголеми предизвици. Одиграв 18 полни сезони работејќи со повеќе од 30 кореографи, а во меѓувреме почнав да се бавам и со кореографија чувствувајќи дека мојата визија и имагинација не застануваат само на тоа да бидам танчар. Пробувајќи си ја среќата како почетник кореограф на повеќе светски натпревари и освојувајќи награди речиси на секој од нив (Нагоја Јапонија -најдобар млад кореограф, ЛасПалмас Шпанија – најдобра кореографија од публиката, Кина – специјална награда од Националниот Театар во Пекинг, Белград – второ место од жирито на натпреварот за кореографски минијатури итн).

Познати сте по иновативноста во Вашите кореографии, но и работа со млади танчари. Од каде црпевте енергија за нови предизвици?
Наградите ми даваа елан мојата иновативност да ја интензивирам и да растам како кореограф почнувајќи со мали дуети и триа, па се до големи целовечерни претстави вклучивајки цели ансамбли (OperaNacioanlDeBordeux, Државните театри во Дрезден, Маинц, Олденбург, Брауншвеиг во Германија, Орландо Балет во УСА, ХНК во Сплит и Ријека, Македонската Опера и Балет, Eqilibrodinamico во Бари Италија, Државните театри во Грац и Клагенфурт во Австрија, како и во Сент Гален и Луцерн во Швајцарија, Sidance во Сеул, Кореја итн …). Но не застанав тука. Како што си поминуваше времето почнав моето знаење да го пренесувам на младите генерации предавајќи на академиите во Минхен, Белград, Скопје и Токио. Во 2013 заедно со мојата партнерка МојцаМајцен од Словенија го формиравме Налканденс (Balkandance) проектот. До денес имаме направено 10 продукции со повеќе од 7 кореографи, обединувајќи ги танчарите и кореографите од Балканот. До денес продуцираме претстави како што е „Сви марш на плес“, со кој ќе се претставиме на 24 јули во Охрид на сцената на Долни Сарај и на 26 јули во Скопје на Скопско лето, во салонот на МОБ.

Кој дел од изминатиот период имаше најмногу влијание на Вашата работа и Вашата надградба како уметник?
Во 2016 на мое големо задоволство ја добив поканата да станам директор на балетот на Хрватското народно казалиште во Сплит каде што го водев балетот полн мандат успевајќи да го подигнам за неколку скалила повеќе. Тој прерасна во водечки ансамбл во регионот, а со нашите претстави успеавме да се претставиме не само во регионот туку и пошироко. Земајќи предвид тоа што почнав доцна да се занимав со оваа професија не оставив времето да ме прегази, туку јас идев со времето напред земајќи се што е пред мене со цел да бидам тоа што сум сега.
Секоја етапа од мојата кариера почнувајќи од 1996 година кога излегов од Македонија ме надградуваше како уметник. За мене сè беше ново и се давав целосно во сè што ми преставуваше предизвик.

Која беше причината по цели 30 години повторно да се вратите во Македонија и да работите на проект, прво на штипската сцена со претставата „Едип коментари“, а сега ќе настапите и на Охридско лето?
После 30 години се вратив во Штип, но тоа не се однесува и за Македонија. Како за потсетување тука се три мои престави кои ги поставив за Македонската опера и балет во 2005 година, „Помеѓу овде и сега“ на Баховатаголдбер варијација. Во 2013 е „14 Часа“ на музика на Кирил Џајковски, претстава која се одигра 25 пати не само во Македонија туку и во Виена, Рим, Белград, Ротердам и Париз, а во 2016 ја поставив “Црвената соба“ работена на Шубертовиот гудачки квартет „Смртта и девојката“, а за кој костимите како и во претходната претстава ги направи Александар Ношпал, мој близок соработник со кого заеднички имаме направено повеќе од 10 претстави. Инаку, во 2015 со Балкан Данс проектот имавме една мала мини турнеја, а во 2017 заедно со балетот на ХНК исто така имавме гостување во Скопје, Битола и се разбира во Штип. Во 2015 исто така со ХНК гостувавме на Охридско лето со претставата „5 до 12“ која воедно беше и мојата прва претставата за Сплитскиот балет. Иако не бев во Македонија јас се трудев и се уште се трудам на македонската публика да и доловам дел од моите претстави без разлика за која компанија се работени. Моите претстави беа поставени во МОБ и се покажаа успешни, а фактот на продадени претстави и нивните гостувања во и надвор од Македонија зборуваа за нивниот квалитет. Но за жал ниту една од моите претстави не се повеќе на репертоарот на Националната ни установа, како и фактот дека со прославата на 70 години од постоењето на Македонскиот балет моето име беше заборавено како ништо да немам допринесено за развојот на нашиот балет.

Какви се вашите впечатоци од условите за работа во овој период додека сте во Штип?
Претставата “Едип коментари“е авторски проект заедно со режисерката Драгана Милошевска Попова за Штипскиот театар. Штип е мојот роден град. Растејки бев дел од нашиот театар, нашиот Макфест, нашиот Пионерски дом, едноставно ми беше драго кога ја добив поканата од Штипскиот ансамбал и после две години успеавме да ги склопиме нашите агенди и се зафатиме за една вечна тема која се провлекува низ генерации. Сакавме на еден друг начин да покажеме дека физичкиот театар или кореодрамите кои се доста честа постановка низ светските сцени можат да бидат поставени и кај нас, а особено во Штипскиот театар каде за првпат се случува една ваква претстава. Глумците преку кореографија на движења ќе ги покажат своите емоции и не само глумачки способности, туку и танчарски, доближувајќи ја идејата на претставата, а публиката ќе има можност да ги види во едно ново светло и со еден нов пристап.

Дали според Вас по толку години се сменија работите во државата на подобро, со оглед на досегашното искуството што го имате и каква беше соработката со колегите во процесот на работата?
Никогаш никој не смее да заборави од каде доаѓа, а Штип како еден културен град заслужува да ја има и првата кореодрама во Македонија градена со еден друг пристап од вообичаените претстави со ваков карактер. Секогаш е убаво да се навратиме на нашите почетоци, па така и јас на моите во една институција која ми го отвори патот за понатаму за да се пронајдам како уметник. Да се биде дома после речиси 30 години е прекрасно чувство. Ова е првпат да посветам толку многу време на еден проект особено во родниот ми град. Работиме со една група на млади талентирани актери кои се желни својата креативност да ја изразат на друг начин, а тоа ме радува и ми дава инспирација за поголема иновативност работејќи ја претставата. Но, тука би подвлекол една линија. Поминаа толку години, а културните институции не само во Штип, туку во целата земја се оставени на маргините. Домот на културата во Штип е како што се сеќавам од пред 30 години кога бев мал. Едноставно времето застанало. Би се задржал и би ги запрашал надлежните, зошто се дозволува тоа? Иако властите се менуваа, некои работи едноставно остана заборавени и осудени на пропаст. Жал ми е што ниту 50 проценти од Македонското културно богатство не е искористено, а располагаме со огромен потенцијал и талент. Некако самите не знаеме како да го искористиме.

Кои се Вашите планови за наредниот период. Дали продолжувате по пандемијата повторно со работа на светските сцени и каде, и дали во иднина почесто ќе ве гледаме во државата?
Поради ситуацијата во која живееме и новиот начин на функционирање, планови имам многу, но се зависи од тоа дали ќе има четврти бран на ковид-19 и колку тој бран ќе не затвори. Едно е сега да се планира, а друго од почетокот на наредната сезона да почне да се остварува. Се зависи од она што не очекува. Доколку се функционира, тука е новата продукција на Балкан Денс Проект, како и „Дервишот и смртта“, кој треба да го поставам во националната опера во Ташкент како и новата претстава во државниот театар во Маинц во Германија.

Модерниот балет со музика од Бреговиќ е иновативно искуство

Kажете ни нешто повеќе за самата танцова претстава “Сви марш на плес“ со која на 24 јули ќе се претставите во рамките на Охридско лето?
Танцовиот перформанс „Сви марш на плес“ нè воведува во еклектичен измислен свет во кој песните на култниот екс-ју бенд “Бијелодугме“ стануваат основа за раскажување на приказната за едно време и една генерација. Бидејќи темата на повеќето нивни песни е љубов, не можеме да избегаме од фактот дека суштинатана оваа претстава ќе бидат љубов и љубовните врски, од оние за кои се копнее до оние што живеат или припаѓаат на носталгичниот одраз на нивните херои. Инспирацијата за атмосферата на претставата ја најдовме во видеата на бендот – енергична, разиграна, целосно во духот на светските трендови на рок сцената. Заплетот на овој танцов перформанс е грубо поставен во замислена младинска работна бригада за време на летна работна акција во првата половина на 1980-тите. Модерниот балет, со музика од Горан Бреговиќ, и имагинативна кореографија, е гаранција за свежо и иновативно театарско искуство. Гостувањето е помогнато од Министерството за Култура и Град Скопје. Без нивна поддршка тоа немаше да се случи.

Даниела Трајковска