Трговскиот центар „Скопје Ист Гејт Мол“, кој ќе биде меѓу најголемите во јадранскиот и јонскиот регион се отвора наесен, а ширењето на ковид-19 нема да го спречи тоа, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, Игор Давков, извршен директор на Скопје Ист Гејт. Тој открива кои странски и домашни брендови ќе се сместат во него, но и информира дека молот е дизајниран и подготвен да ги преземе сите потребни стандардни мерки, како и какви било дополнителни мерки кои ќе ги препорачаат регулаторните тела и здравствените институции во однос на здравјето и безбедноста на потрошувачите во услови на пандемија. Се очекува годишно низ него да поминуваат 12 милиони посетители.

 

Во време кога најголемиот број светски економии бележат минуси, а инвестициите паузираат, во срцето на Скопје без застој се гради голем станбено-деловентрговски центар Скопје Ист Гејт, вреден 350 милиони евра. Како се постигнува тоа?

-Проектот Скопје Ист Гејт започна со реализација во 2019 година и планира да развие вкупна бруто површина од 500.000 квадратни метри за што според проценките се потребни 10 години. Се работи за проект кој не застана и кој продолжи да ги решава настанатите препреки и покрај предизвиците со кои се соочува целиот свет.

Градежништвото има голем придонес во создавањето на нови работни места и учество во вкупниот БДП со 7% во просек во последните 5 години. Во посебни услови што ги наметна ковид-19, „Скопје Ист Гејт“ продолжува со инвестицијата од 350 милиони евра пазарна вредност, од кои 103 милиони евра за „Ист Гејт Мол“ инвестициска вредност се реализираат во првата фаза.

Скопје Ист Гејт е една од најголемите странски директни инвестиции во секторот недвижности, чија придобивка се рефлектира на целата економија во земјата. Останавме доследни во намерите за реализација на проектот, исполнувајќи ја одговорноста што ја носиме кон своите акционери, вработени, партнери, изведувачи и закупци. Ги решававме сите предизвици во чекор, но сепак успеавме да ги надминеме и да работиме според планираното и да го отвориме Ист Гејт Мол наесен.

Кој е брендот Ист Гејт, кажете ни нешто за компанијата, кој стои зад овој бренд?

-Скопје Ист Гејт е комплекс со мешовита употреба составен од трговски центар, десет резиденцијални згради и пет бизнис згради на едно место, кој носи нови стандарди на естетика и функционалност.

Скопје Ист Гејт е прв проект со потпис на светски реномиран архитект, кој го носи модерниот и современ лик на градот. Се работи за компанија која развива недвижен имот, односно осмислува, реализира и во иднина ќе менаџира комплекс со мешана употреба под една унифицирана деловна стратегија. Зад Скопје Ист Гејт стои силна акционерска структура. Групацијата Балфин како мнозински сопственик со големо искуство во оваа индустрија, дава експертиза за реализација на проектот. Дополнително проектот се реализира со финансиска поддршка од конзорциум на пет банки кои финансиски застанаа зад проектот со 72 милиони евра синдициран кредит. Ова е најголемата трансакција од ваков тип склучена на македонскиот пазар. Тоа ја докажува довербата што ја имаат банките во издржаноста на проектот, како и во издржаноста на инвестицијата.

Зошто е одбрана токму Македонија за изградба на ваков мега проект?

-Групација како Балфин инвестира секаде онаму каде што ќе оцени дека има прифатлива стапка на поврат на инвестицијата во однос на ризиците поврзани со инвестицијата. Големината на земјиштето и неговите можности за развој, како и ризиците поврзани со инвестицијата, генерално се вклопуваа во деловната стратегија на Групата во периодот кога беше  направена аквизиција на земјиштето. Следствено на тоа беше донесена одлука да се инвестира во проектот.

Деновиве најавивте дека трговскиот центар ќе биде отворен есенва, но кога треба да биде завршен целиот комплекс?

Ист Гејт Мол е првата инвестиција во редот на инвестициите кои следат во резиденцијалниот проект и проектот поврзан со деловните згради. Паралелно со завршните активности на трговскиот центар планирано е да почнат активностите на резиденцијалниот проект во текот на следниот месец. Проектот ќе започне со четири од планираните десет резиденцијални објекти, со што на станбениот пазар во Скопје ќе бидат понудени 672 станбени единици.  Согласно со деловниот план на компанијата, целиот проект треба да биде завршен во наредниот период од пет до седум години.

Со својата бруто површина од 160 илјади квадрати и 57 илјади квадратни метри за изнајмување, Скопје Ист Гејт мол треба да биде еден од најголемите трговски центри во регионот. Од кои држави би доаѓале посетители и има ли веќе маркетиншки план за нивно привлекување?

Иако неколку трговски центри во регионот се во градба, Ист Гејт Мол се вбројува во најголемите во јадранскиот и јонскиот регион, како според број на трговски единици така и според содржините кои ќе бидат понудени. Компанијата има усвоено маркетинг стратегија, која цениме дека ќе го обезбеди очекуваното ниво на посетеност на трговскиот центар, како од домашни така и од посетители од странство. Дополнително креираниот микс на закупци ќе биде основа трговскиот центар да има доминантна регионална позиција во однос на сличните проекти во регионот. Проектираната посетеност на трговскиот центар се очекува да изнесува 12 милиони посетители годишно.

Најавено е дека свои продавници ќе отворат стотици познати брендови, вклучувајќи ги сите на шпанската групација Индитекс и на полската ЛПП кои се многу популарни кај нас. Кои уште брендови што досега ги немало кај нас ќе бидат застапени во трговскиот центар?

-Шпанскиот гигант Индитекс (ZARA, ZARA HOME, MASSIMO DUTTI, BERSCHKA, PULL AND BEAR, STRADIVARIUS, OYSCHO) со вкупна површина од 8.400м2 и полскиот моден магнат ЛПП (RESERVED, MOHITO, CROPP, HOUSE, SINSAY) со вкупна површина од 6.800м2 се два доминантни модни синџири кои закупуваат 26,3 проценти од целата површина во центарот. Иако најголемото внимание на јавноста е насочено кон интернационалните брендови, ќе ги најавуваме трговците во ист момент кога ќе ги завршуваме комерцијалните договори. Ексклузивно за весникот ВЕЧЕР, меѓу останатите можеме да кажеме дека во Ист Гејт ќе се најдат првите продавници на трговски марки како KIKO MILANO,  реномирана италијанска козметичка линија, МADAM COCO познат салон за аксесоари за дома и покуќнина, и PAPA’S CAFE, космополитски кафе-ресторан. Значајна површина од 21,23 отсто отпаѓа на македонски брендови. „Литература мк“, “Три“, „Зегин“, „Божиновски“, „Дуки Дасо“, „Диоптра“, „Биана шуз“, „Барк шуз“, „Спицикото“ и други се дел од домашните компании кои инвестираат во својот имиџ, настапуваат со современ ентериер, обновена продажна стратегија и добро селектирано портфолио на производи, за да бидат споредливи со светските брендови, со што навистина се гордееме. Македонските брендови се добро позиционирани и имаат одлични локации според сегментот во кој припаѓаат. На овој начин и пркосиме на глобализацијата и еден странски посетител ќе има поширок избор од оној што го гледа во светските метрополи.

Дали Ист Гејт Мол е подготвен да работи во услови на пандемија?

-Ист Гејт Мол е дизајниран и подготвен да преземе сите потребни стандардни мерки, како и какви било дополнителни мерки кои ќе ги препорачаат регулаторните тела и здравствените институции во однос на здравјето и безбедноста на потрошувачите во услови на пандемија. Ист Геј Мол е граден според најнови меѓународни стандарди, со системи на вентилација и климатизација кои овозможуваат заштита од ковид-19. Компанијата за одржување и обезбедување ќе брои над стотина луѓе, ќе поседува најсовремени машини и капацитет да обезбеди беспрекорна хигиена и мониторинг на бројот на проценети посетители.

Какви се содржини ќе има во трговскиот центар?

-Трговскиот центар е мол од најновата генерација, со добро конципирани и разновидни содржини дизајнирани за да ги привлече сите генерациски групи.  Денес центрите освен за купување, се добро познато место за излегување и забава. Оттука, трговскиот центар нуди широк избор на мода и уникатни брендови, услуги, игротека, 8 киносали, 7 фини ресторани, оддел за брза храна со 800 места, хипер маркет, салони за мебел и бела техника, и ќе биде единствен мол со опкружување од зелени паркови кои чинат површина од 12.000м2. Воедно со проектот се развиваат инфраструктурни добра како нови улици, нови приоди кон автопатот, осветлување, зелени појаси и паркови.

Пандемијата го стимулираше онлајн купувањето, а побарувачката за дистрибуција на роба до дома е сè уште во пораст. Трговскиот центар треба да обезбеди купувачи за 250 продавници. Како ќе загарантирате посетители?

-Анализите на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, која ги обработува официјално достапните податоците за бројот и вредноста на направените трансакции од НРБСМ од 2020 година, покажуваат дека купувањата кон домашни интернет продавници изнесуваат 4,3 милијарди денари и бележат пораст од 113% во првото шестмесечие во периодот од 2020 година споредено со истиот период во 2019. Ако се земе предвид дека вкупниот промет во трговијата  на мало во 2019 година изнесувал 327 милијарди денари, тогаш е јасно дека учеството на купувањата во домашните интернет продавници изнесува приближно  1,3% од вкупниот реализиран промет во трговијата на мало. Според анализите на Асоцијацијата врз база на официјално достапни податоци од Еуростат, најголем дел од интернет нарачките се во вредност до 50 евра. Како три најголеми причини зошто граѓаните не направиле интернет нарачка во 2019 година, најголем дел 69% одговориле дека сакаат лично да пазарат и да го видат производот, 34% дека немаат потребни вештини и 22% дека стравуваат за безбедноста при користење на картичката. Сепак вкупниот волумен на интернет купувања и покрај скоро дуплираниот раст во текот на 2020 година сè уште има незначително учество во вкупниот обем на трговијата.

Според ова можеме да заклучиме дека пандемијата и мерките за затворање и социјално дистанцирање направи голем раст на е-трговијата, но сепак поголемиот износ на трансакции останува во физичките продавници. Спонтаното купување како и купувањето на поскапи производи кои налагаат проба и проверка директно во продавница, сè уште се во пракса. Миксот на 250 закупци, уникатниот избор и единствени продавници на одредени синџири, како и стратегијата за развој на Ист Геј Мол, гарантира 12 милиони посетители годишно кои ќе одлучат дали производите ќе ги купат директно во продавницата или пак онлајн.

Независно од пандемијата, отворањето е есенва, со сите најавени брендови     

Плановите за официјално отворање остануваат. Најавените брендови доаѓаат. Го следиме текот на пандемијата и ги следиме мерките во целост. Безбедноста, удобноста и комфорот се адресирани во архитектурата и инфраструктурата на трговскиот центар. При изградбата со посебно внимание ја третиравме темата на обезбедување мерки, секаде онаму каде што можеме и каде што тоа ја засега нашата работа, а тоа е да овозможиме беспрекорна вентилација, преку соодветен дотур и вентилација на свеж воздух, просторност за посетителите и закупците.

Светлана ВУКЧЕВИЌ