Македонската економија во 2019 година се врати на својата „нормална патека“ на економски раст. Растот од 3-4 насто е природната стапка на економски раст што е детерминиран од нивото на инвестициите во приватниот сектор, неговата ефикасност, здравоста на институциите, образованието и вештините со кои располагаат вработените, нивото на инфраструктурата и степенот на интегрираноста со странство. За остварување на повисоки стапки на економски раст, мора да се зголеми долгорочниот потенцијал на природен раст преку сеопфатни и долгорочни структурни реформи во претходно наброените области. Реформите треба да доведат до поефикасен, попрофитабилен и подинамичен реален сектор. Генерално гледано  македонската економија е „мики маус економија“, која треба сериозно да се реформира, доколку сакаме на долг рок да растеме со над 3,75 насто годишно, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР,Глигор Бишев, претседател на УО на Шпаркасе банка Македонија.

 

 Кои се карактеристиките на реалниот сектор што ја движи македонската економија?

На крајот од 2018 година, бројот на правни лица што доставиле завршни сметки до Централниот регистар изнесувале 53.669. Од нив, според остварениот приход 479 или 0,9 насто биле големи компании, 773 или 1,4 насто, биле средни претпријатија, додека бројот на мали претпријатија изнесувал 18.142 или  33,8 насто, а бројот на микропретпријатија изнесувал 34.275 или 63,9 насто. Со право може да се заклучи дека македонската економија ја движат малите и микро бизниси. Состојбата од тој аспект е уште подрастична ако како критериум за распределба на претпријатијата се земе бројот на вработени. Микро компаниите, што вработуваат до 19 вработени, сочинуваат 94,9 насто од вкупниот број претпријатија, со тоа што микро претпријатијата, што вработуваат до 9 вработени сочинуваат 90,6 насто од вкупниот број на претпријатија што поднеле завршна сметка во 2018 година.

На малите претпријатија, со број на вработени од 20 до 49, отпаѓаат 2,8 насто од вкупниот број на компании. Компаниите со средна големина, кои вработуваат од 50 до 249 лица, сочинуваат 1,9 насто од вкупниот број на претпријатија. Конечно, на големите претпријатија, кои вработуваат над 250 вработени и учествуваат со околу 83 насто во македонскиот извоз, отпаѓа само 0,3 насто. Со право може да заклучиме дека македонската економија е „мики маус економија”, која треба сериозно да се реформира, доколку сакаме на долг рок да растеме со над 3,75 насто годишно.

Преструктурирање на реалниот сектор е потребно и заради зголемување на неговата профитабилност и ефикасност. Профитабилноста на македонските претпријатија, мерена според повратот на просечно ангажираниот капитал е ниска или негативна. Затоа и странските инвеститори преферираат да инвестираат во “greenfield”, во економските зони, наместо да инвестираат во некоја постојна компанија или во портфолио инвестиции. Така, профитабилноста на големите компании изнесувала 7,3 насто, на средните компании 8,1 насто, кај малите компании 7,3 насто, а кај микро претпријатијата, повратот на капиталот е негативен -9,9 отсто. Ваквите перформанси на работење ги прави, најголемиот дел од македонските компании да не се кредитоспособни.

Колку ваквата поставеност на работите е атрактивна за странскиот капитал и за нови странски инвестиции во земјава?

Така се доаѓа до маѓепсан круг: каматните стапки да се на историски најниско ниво, монетарната политика да е акомодативна, банките да се високо ликвидни и да сакаат да пласираат средства, а компаниите да немаат кредитна способност и здрави проекти да ги апсорбираат кредитните средства на банките. Ваквата состојба во 2020 година ќе добие уште еден предизвик – дали компаниите ќе ја зголемат продуктивноста, паралелно со растот на платите како резултат на покачувањето на минималната плата. Во спротивно, ќе дојде до зголемување на трошоците по единица производ и пад на конкурентноста на македонскиот реален сектор.

2020 година ќе биде исклучително поволна година за реструктурирање на реалниот сектор. На светско ниво се очекува да продолжи акомодативната монетарна политика и исклучително ниското ниво на каматни стапки. Ризикот на земјата се намалува, што доведува до се помали каматни маргини за ризик и сè поголем број инвеститори ја сметаат Република Северна Македонија како атрактивна дестинација за вложување. Тоа беше еден од решавачките фактори за преземање на Охридска банка од страна на Штаермеркише Шпаркасе банката од Грац. Тоа е најголемата странска директна инвестиција во Република Северна Македонија во 2019 година.

Со тоа се отвори процесот на позабрзана консолидација и окрупнување на македонскиот банкарски сектор. Така, триото на големи банки станува квартет, со голема извесност во блиска иднина да прерасне во квинтет.

 

Дали е подобро помалку поголеми или повеќе помали банки за да се обезбеди поголема стабилност, уште поголема кредитна поддршка и за корпоративниот сектор, и за населението, а преку тоа и поддршка на економскиот раст во нашата земја?

Консолидацијата на банкарската индустрија ќе ја зголеми брзината на воведување на банкарски иновации, ќе се олесни пристапот до финансиски средства за македонските компании, корпоративното и проектното финансирање ќе станат значајни банкарски активности.

Меѓутоа, банките и финансискиот сектор нема да можат позначително да ги финансираат компаниите ако тие не се реструктурираат и не ја зголемат својата профитабилност и конкурентност. Тоа е активност што компаниите со поддршка на носителите на економските политики ќе мора да ја направат. Тоа е и клучот за динамизирање на економскиот раст и надминување на границата на раст на БДП од 4 насто. Гледано од тој аспект, компаниите, банките и носителите на економските политики имаат ист интерес. Компаниите да се реструктурираат, да ја зголемат продуктивноста и профитабилноста. Банките да ги финансираат здравите и профитабилни проекти. Носителите на економските политики да испорачаат здрави институции, амбиент и предвидливи економски политики преку кои ќе се елиминираат ризиците и поддржат активностите на реалниот сектор.

Што може да очекуваме на економски план наредната 2020 година?

Сметам дека 2020 година, покрај што ќе биде година на парламентарни избори, ќе биде и година во која, веднаш по изборите, ќе почне со сеопфатни структурни реформи.

На тој план клучно ќе биде градењето на здрави и стабилни институции. Што подразбираме под зборот институции?  Дефиницијата што ја дава Douglass North, верувам дека ги задоволува сите критериуми: “Општествено поставени принципиелни ограничувања што ја дефинираат структурата на политичките, економските и општествените интеракции“. Според него, здравите и добри институции се клучниот производ на општествата со развиени политички и економски слободи. Институциите ја претставуваат социјалната инфраструктура на општеството, без која ниедно општество не може да опстои. Тие ги вклучуваат формалните или законски институции, како Парламентот, Владата, судството, полицијата, централната банка, училиштата, социјалната заштита, државниот пензиски систем и здравство и сл. Но, тие вклучуваат и помалку формални институции како што се стопанските комори, синдикатите, финансиските здруженија, универзитетите, невладините организации, фондациите и сл.

Институциите обезбедуваат владеење на правото, заштита на приватната сопственост, квалитетно и ефикасно здравство и образование, заштита на интегритетот на личноста, почитување на договорите, формирање на општествени вредности, поставување на приоритетите на општеството и сл.

Само во такви услови, домашните и странските инвеститори ќе инвестираат нов капитал што е неопходен за реструктурирање на реалниот сектор, зголемување на продуктивноста и конкурентноста. Само во такви услови, банките во позначителен обем ќе го кредитираат реалниот сектор без да произведат нови нефункционални кредити. Конечно, само во такви услови, Република Северна Македонија ќе стане брзорастечка економија што забрзано ќе се приближува кон ЕУ.

 Весна М. БОЖИНОВСКА