ИНТЕРВЈУ, ВЛАДИКА ТИМОТЕЈ: Никогаш нема да отстапиме од нашето име Македонска православна црква – Охридска архиепископија! 

451

Ние како Синод никогаш не сме кажале дека отстапуваме или дека ќе отстапиме од нашето име Македонска православна црква – Охридска архиепископија, изјави митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и портпарол на Светиот архиерејски синод, во велигденското интервју за весникот ВЕЧЕР. Тој смета дека иницијативата против менување на името на МПЦ-ОА, која наиде на поддршка кај верниците е сосема непотребна и која, според архијерејот веројатно се употребува или ќе се употреби за нечии лични цели. Во врска со именувањето на нашата црква од страна на другите помесни цркви, г.Тимотеј појаснува дека Томосот на СПЦ е со целосното име Македонска православна црква – Охридска архиепископија, како за внатрешна така и за надворешна употреба. „Додека, пак, за употреба на името со елинофонските цркви, беше препорачано тоа да се решава преку разговор и да се договориме околу употребата на името. Овие разговори се во тек, и во овој момент не би можел да кажам целосен исход, но најверојатно грчкиот блок нашата црква ќе ја нарекува Охридска архиепископија или, пак, Црквата во Р Северна Македонија“, вели митрополитот Дебарско-кичевски. Со него разговаравме на повеќе актуелни теми, а во пресрет на празникот над празниците порачува: „Секој Велигден е предизвик за нашето покајание и за нашето ослободување од товарот што сме го зеле врз нашите плеќи преку нашиот овоземен и грешен живот. Не исполнувајќи ги заповедите Божји, ние го валкаме ликот Божји, што го носиме како созданија според образот Божји.

 

Елизабета АРСОСКА

Почитуван преосвештен владико Тимотеј, во овие празнични мигови на воскресенското очекување, кога ја славиме победата на животот над смртта, победата на вечното над минливото, има ли начин да се обнови нашата природа, да се омекнат нашите срца, да се исчистат нашите мисли, да победи духовното над материјалното? Која порака годинава ја носи големиот Велигден?

Воскресението Христово, како и што се пее во црковните песни, е Празник над празниците и Торжество над торжествата. Со прекршувањето на Божјата заповед од страна на нашите прародители Ева и Адам, настапува изгонување од рајската градина, а со тоа и оддалечување од Бога, а како казна за гревот настапува и смртта. Но, милоста Божја не го оставила човечкиот род во смртта и пропаста, туку преку новата Ева – Марија Дева, се воплотува Второто Лице од Светата Троица, Господ Исус Христос, Кој доброволно ја прима севкупната човечка природа, освен гревот. И не само што ја прима туку Он и се распнува на Крстот – новото спасоносно дрво, преку кое се победува смртта. Слегува и во адот по Воскресението, кај оние кои долго го очекувале спасението, и ги ослободува од адските окови. Така Христос станува Победител над смртта и над адот. Воскресението Христово има универзално и безвремено значење и сила. Преку него им се дава можност на сите кои веруваат и се каат за своите престапи и гревови да ја обноват својата огревовена природа, и повторно да ја осветат и просветат, а со тоа и да се вратат во онаа состојба на блискост со Бога, во која биле и нашите прародители пред престапот. Тоа ни дава можност да имаме вечен и блажен живот со нашиот Спасител и со останатите Божји угодници. Тоа е и пораката на секој Велигден. Но, за да учествуваме во Воскресението, мораме да учествуваме и во Крстот Христов. А тоа значи да собереме храброст и смелост па да се откажеме од самите себе, односно од нашите гревови и страсти, и да се облечеме во нов препороден живот, се разбира, со помош на благодатта Божја, која ни се дава преку светите Тајни во Црквата Христова, а особено преку светата тајна Евхаристија, во која ги примаме Телото и Крвта на нашиот Спасител.

Колку овој празник е значаен за современиот човек, дали многумина заборавија на Бога? Како ги опишувате современите верници?

Секој Велигден е предизвик за нашето покајание и за нашето ослободување од товарот што сме го зеле врз нашите плеќи преку нашиот овоземен и грешен живот. Не исполнувајќи ги заповедите Божји, ние го валкаме ликот Божји, што го носиме како созданија според образот Божји. Уште нашите први прародители се покажале слаби и отстапиле од Божјата волја. Следејќи ги нив, и севкупниот човечки род, кога повеќе кога помалку, отстапува, но, истовремено, и се враќа на патиштата што ни ги нуди светата Црква. Во тој дух не се издвојуваат ниту современите верници со нивните падови, но, истовремено, и со обидите за станување, односно за поправање, како вистински следбеници на Господа Христа и на светата православна вера. Тоа особено се забележува во последната декада кај помладата генерација, која пројавува поголем интерес за запознавање на својата вера, но и за живеење според прописите на светата Црква.

Да се присетиме на Првото послание до Коринтјаните, кога светиот апостол Павле ги повикува своите соговорници да ги надминат меѓусебните поделби, да го изгонат развратот надвор од заедницата (5) и да престанат да ги потчинуваат своите расправии на народните судови (6,1-11). Како овие силни апостолски зборови одекнуваат денеска?

Зборовите на св. ап. Павле, изговорени пред повеќе од дваесет века, неоспорно се однесуваат и кон денешните верници, од сите краишта. Човечката природа е иста како што била и во времето на апостолите, како што рековме, подложна на престапи, гревови, падови. Но, преку силата што се дава во светата Црква, односно преку благодатта Божја, се дава можност за издигнување над гревот и падовите, и можност за повторно зачекорување по вистинскиот пат. Взаемното учество, на човекот и на благодатта Божја, ни дава можност да се претставиме како вистински христијани, односно синови Божји. Овие зборови на апостолот кај некои посилно се чувствуваат и применуваат, кај некои послабо, а има и такви што ги слушаат, но не ги исполнуваат. За жал, во современиот свет, моралните принципи се запоставуваат и сѐ повеќе се оди кон хедонизмот и егоизмот, состојби кои го исклучуваат христијанскиот морал и најголемата христијанска добродетел – љубовта. Но, да се надеваме дека преку милоста Божја и Неговата благодат, и оваа состојба, доколку е волја Божја, ќе се поправи.

Откако МПЦ-ОА го реши повеќедеценискиот спор со СПЦ, влеговме во период на исчекување на Томосот, но дали се создава блок на православни цркви кои признавањето на автокефалноста на МПЦ сакаат да го оттргнат од рацете на Вселенската патријаршија?

Неоспорно е дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија цели 55 години работеше за добивање на автокефален статус. Под ова работење не се подразбира само чекање на Томосот туку истовремено се развиваше на сите полиња во границите на можностите. Во тој поглед, под ова треба да го подразбереме формирањето на двете просветни институции, Средното богословско училиште и Богословскиот факултет, градбата на нови храмови и манастири, возобновувањето на монаштвото, зголемувањето на црковното издаваштво, како и многу  други дејности. Сето ова зборува за нашиот раст и за уште поголемото право за очекување на автокефалниот статус. Што се однесува, пак, до различните блокови во црковните делувања, тие не се нови. Тие постоеле уште многу поодамна, но сега можеби дојдоа до некој поголем израз, поради судирот на Цариградската патријаршија и Руската православна црква околу Украинското прашање. Нашата Црква нема аспирации ниту би сакала да се вклучува во кој и да е блок, доколку такви постојат, и би сакала да има најнормални релации со сите автокефални православни цркви на рамноправна основа, со обострано почитување и уважување. Токму затоа, МПЦ-ОА има релации и со Московската патријаршија, но ништо помалку и со Цариградската патријаршија. Ние очекуваме дека дадениот Томос од Српската православна црква ќе биде потврден и од Вселенската патријаршија.

Заедно со митрополитот Наум на почетокот на минатиот месец бевте во посета на Вселенската патријаршија. Претходно, пак, на Божик во посета на МПЦ-ОА беше и високиот претставник на РПЦ, шефот на руската црковна дипломатија, митрополитот волколамски Антониј. Може ли да ни откриете детали за што се разговараше на двете средби, бидејќи и двете поминаа далеку од очите на јавноста?

Митрополитот Волокаламски г. Антониј ја посети МПЦ-ОА по Божикните празници, и како што и самиот кажа пред македонските медиуми, тој беше дојден да му го честита именденот на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Додека, пак, на почетокот на месец март, заедно со Митрополитот Наум, и двајца мои придружници, го посетивме Цариград за да се поклониме на повеќе светињи. Ние остваривме и средба со Неговата Сесветост Патријархот Вартоломеј. Бидејќи нашата посета беше индивидуална, односно на покана на самиот Патријарх, а не официјална од Синодот, ние ниту имавме ингеренции, ниту, пак, разговаравме за некои подробности околу решавањето на статусот на нашата света Црква. Но, неоспорно е дека се разговараше за повеќе прашања од црковна проблематика што се актуелни во денешно време.

Уште колку препреки ќе треба да се прескокнат и уште колку кнедли ќе треба да се проголтаат додека МПЦ-ОА го добие долгоочекуваниот Томос? Дел од Православните цркви не го прифаќаат името, некои го прифаќаат но без пардон го избришаа името Охридска архиепископија и го налепија накарадното „Црква на Северна Македонија“, дел, пак, одлучија да сослужуваат со МПЦ-ОА без да не’ признаат… Не се ли опасни „кумствата“ и влетавме ли во нова авантура каде повторно треба да се докажуваме дека сме афтокефални или, пак, ова е вистинскиот пат до Фанар?

 

СПЦ, како што е познато, издаде Томос со целосното име на нашата црква, а тоа е Македонска православна црква – Охридска архиепископија, како за внатрешна така и за надворешна употреба. Додека, пак, за употреба на името со елинофонските цркви, беше препорачано тоа да се решава преку разговор и да се договориме околу употребата на името. Овие разговори се во тек, и во овој момент не би можел да кажам целосен исход, но најверојатно грчкиот блок нашата црква ќе ја нарекува Охридска архиепископија или, пак, Црквата во Р. Северна Македонија. Но, да појасниме дека од древност црквите не се нарекувале според народите туку според местото каде што тие дејствуваат, и најчесто според нивните најголеми и истакнати градови. Така, и денеска едни од најстарите цркви сѐ уште го носат таквото древно име (Цариградска патријаршија, Александриска патријаршија, Ерусалимска патријаршија итн.) Во официјалните, пак, документи, сите православни цркви во еден историски временски период добиле некое официјално име, но ниту една тоа име не го употребува во современиот свет. Се употребуваат или имињата на државите или на народите. Па, не гледам причина зошто ние би биле исклучок од ова сеопштото правило кое важи кај сите православни цркви.

Во јавноста се потпишува документ против промена на името на МПЦ-ОА. Кој е вашиот коментар?

Мислам дека ова е сосема непотребна иницијатива, која веројатно се употребува или ќе се употреби за нечии лични цели. Дотолку повеќе што ние како Синод никогаш не сме кажале дека отстапуваме или дека ќе отстапиме од нашето име Македонска православна црква – Охридска архиепископија.

Евидентен е и судирот на црквата и државата во однос на Законот за родова еднаквост, против сте и сеопфатното сексуално образование. Ќе успеете ли да ја разубедите власта да ги прифати вашите забелешки или вие ќе го омекнете ставот?

По однос на ова прашање сметам дека нема потреба лично да изнесувам свои видувања, од причина што има јавно соопштение, во кое се изнесува ставот на нашата света Црква, изграден заедно со останатите цркви и верските заедници. Дали ќе се почитува овој став и во колкава мера ќе влијае или ќе придонесе во формирањето на претстојните законски решенија тоа ќе зависи од другата страна, односно од тоа колку ќе има слух и желба ова да го слушне и примени во законите што ги подготвува.

Како ја коментирате иницијативата на митрополитот Петар за отворање на телевизија за што доби и концесија. Ќе биде ли тоа комерцијален медиум или верски канал?

Мислам дека за ова прашање е најдобро е да се обратите до неговото високопреосвештенство митрополитот г. Петар.

Како ја оценувате моменталната политичка ситуација во Македонија?

На Црквата, како Богочовечки организам, не ѝ прилега да се занимава со дневните политики, па во тој дух јас не би сакал да давам никакви коментари за состојбите што се евидентни и познати на сите, а сигурно и на вашите читатели.