Интервју, Бојан Кордалов: Поделбите мора да запрат за да избегаме од теориите на заговор

Човечкиот пристап требаше да биде многу позастапен и претходно, но за жал, се направи избор да пројдеме и низ една тешка комуникациска фаза каде што поедини јавни функционери се чувствуваа и демонстрираа поголема супериориорност од нас како граѓани. И наместо да комуницираат како што тоа го правеше речиси целиот демократски свет, тие избраа буквално да викаат и да ги навредуваат дел од граѓаните и медиумите бидејќи „биле недораснати и нестручни“, па со тоа „нема зошто да имаат свој став“, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми. Во интервјуто, разговараме зошто луѓето повеќе веруваат во теориите на заговор, отколку во науката, и за тоа како ќе се избориме со лажните вести, особено во најсензитивниот период кој ќе почне со процесот на вакцинација против ковид

5411

За еден месец отприлика, во Македонија ќе стигнат вакцините против ковид. Сведоци сме на лажни вести, полувистини информации, непроверени извори… колку сето ова ќе влијае за довербата во вакцините?

Прво, сметам дека фокусот треба да го ставиме на убавата вест, а тоа е дека после цела година страв, неизвесност и рестрикции, конечно се наѕира здравствено решение за здравствениот предизвик наречен коронавирус. Помина многу време како секоја тема на која разговараме, ја следиме во јавниот дискурс или ја водиме во приватните разговори е директно поврзана или е на тема ковид-19. Ваквата комуникација навистина истоштува, дополнително ја комплицира борбата со коронавирусот, особено кога сакате, а немате знаење за да дадете здравствен придонес. Бидејќи најдиректен придонес во наоѓање на лек можат и даваат само медицинските лица. Сите останати мора да продолжиме да го работиме она што најдобро го знаеме. Единствено на тој начин може да бидеме поддршка во справувањето со ковид-19, но и со другите последици кои со себе ги носи вирусот, како што се економските последици, психолошките компликации…

Само со инклузивен пристап, односно што поголемо вклучување на сите граѓани во процесите (се разбира секој во делот во кој е стручен) може да се постигне подобра кризна комуникација, а со тоа и поголема доверба во институциите. Или ако сакате, повисок степен на доверба во институциите значи помала доверба во лажните вести и теориите на заговор поврзани со вакцините и коронавирусот. Да не негуваме илузии дека лажните вести ќе ги снема. Тие постојат откако постои човештвото и ќе бидат присутни додека е жив и последниот човек.

Но, она што можеме да го направиме сите заедно, секако предводени од натпартиски институции е да создадеме сегашни и идни генерации кои стануваат имуни и отпорни на вирусот наречен „дезинформации и теории на заговор“. И тука мора многу брзо да се дејствува, бидејќи веќе доцниме со ова.

 

Веруваат ли повеќе Македонците во теориите на заговор за создавањето на вирусот, отколку во вакцините?

 

Сметам дека е многу важно да се одговори на ова прашање на поширок, но истовремено многу јасен начин. Но, на почетокот, должен сум да кажам дека мора да воведеме индивидуален пристап во комуникацијата на институциите и носителите на јавни функции со граѓаните.

И затоа е потребно да се градат посебни комуникациски пораки кон сите оние кои веруваме во науката, а посебни кон сите кои во моментов сме ги избрале теориите на заговор или конспирациите. Бидејќи најлесно е и најопортуно да кажеме дека едните се во право, а другите не. Или, пак, да кажеме дека сите што веруваме во науката сме во право, а другите грешат. Но, дали тоа ќе го реши проблемот? Евидентно е дека тоа не е решението бидејќи не дава резултат. Напротив само го зголемува бројот на оние кои најпрво делумно, а потоа и целосно потпаѓаат под влијание на теориите на заговор.

Каде јас го гледам решението, се разбира од комуниколошка гледна точка.

Единствената заедничка теза која мора да важи за сите јавни функционери кои комуницираат со граѓаните на тема квид-19 е следнава: Демократски е да прифатиме дека секој има право да мисли и верува во што сака. Со векови милиони луѓе паднале жртви низ целиот свет за да ние денес конечно живееме во демократија, па затоа не смееме да дозволиме ниеден предизвик да ја уништи тешко стекнатата слобода. Но, истовремено, еднакво важно е секој да ги почитува мерките и препораките за заштита од коронавирусот кои ги предлагаат стручни лица. Овие национални мерки, буквално мора да бидат почитувани од секого, независно дали во моментов некој избрал да верува на научните теории или, пак, во теориите на заговор.

Би сакал ова да го поткрепам и објаснам директно со свој личен пример. Јас прележав ковид-19 во текот на месец октомври минатата година, а по направен тест имам и антитела, односно според научните сознанија во моментов не можам да заболам, ниту да го пренесувам тој вирус. Истовремено, научните сознанија исто така покажуваат дека многу мали се шансите за пренесување на коронавирусот на отворен простор, а речиси станува невозможно ако се држи дистанца и ако разговорот со соговорникот трае неколку минути. Лично, целосно избирам да верувам во овие научни сознанија.

Е сега, што се случува кога давам изјава за телевизиски медиум на отворено. Мојата логика и верување според претходно изнесените научни факти вели дека не треба да носам маска. Но, потсетувам дека по препорака на стручната фела веќе неколку месеци на сила во Македонија е задолжително носење маска за сите и на отворен простор.

Што јас избирам да направам? Да ги следам мерките и препораките и со тоа да дадам личен пример. Значи независно од личното мислење, кое и понатаму останува мое неприкосновено демократско право. Со други зборови, прифаќам дека јас не сум стручен во делот на медицината и избирам тука да им верувам и да ги слушам стручните кои сигурно имаат поширока научна логика за таквата мерка. Но, очекувам од властите и да го сторат истото тоа кога станува збор за комуникациите и односите со јавноста, односно да изберат да нè слушаат нас, професионалците кои сме се остручиле во комуникологијата, во новинарството…

Сметам дека крајно време е да се создаде „мерит“ систем и општество во кое секој е еднакво ценет, но според она што умее или знае да го работи.

Односно сè додека сите партии и власти не застанат во одбрана на професионалците наспроти „сештолозите“ и умилкувачите кои опортуно избираат област за работа или според моменталната потреба на партиите, воопшто не ме чуди превртената пирамида на комуникација во македонското општество, ниту пак високиот степен на недоверба кон институциите кој секоја деценија се влошува. Недовербата во институциите од страна на граѓаните значи неверување дека има кој да ги заштити и да застане на нивна страна, па, за жал, тоа логично ги турка дел од граѓаните „во прегратките“ на креаторите на теориите на заговор и лажните вести.

Значи најдиректно кажано, ниту се криви медиумите ниту појавата на интернетот и социјалните мрежи, туку првенствено и во огромна мера неприспособувањето на институциите на новото време и потреби за комуникација на граѓаните и медиумите, тесната партизираност на политичките елити и нивната преокупираност првенствено со своите потреби и привилегии, наместо со очекувањата на граѓаните за подобар и достоен живот.

Зошто тој тренд е најизразен кај нас, во земјите од Западен Балкан, во споредба со другите европски земји?

Прво, демократската традиција и искуство која на нашите простори се брои во децении, наспроти западните демократии каде демократската битка формално започнува од 1215 година и не завршува ниту денес. Сакале да признаеме или не, 30 години демократија и, на пример, 300 години е многу различно. Тоа се најмалку 5 генерации повеќе кои во текот на целиот свој живот растеле во систем кој „ги терал“ да преземаат и одговорност за себе и своите постапки, наспроти културата која во нашиот регион сè уште владее дека државата е таа која треба да се грижи за нас и се комуницира на начин дека „премиерот (кој и да е во моментот) ги исплаќа пензиите или платите во администрацијата“ или дека „министерот за внатрешни (кој и да е во моментов) казнува за сообраќајни прекршоци“ итн..

Второ, условите за живот во Македонија се нееднакви и зависат од местото на живеење. Тоа значи дека и после 30 години самостојност сеуште има места буквално низ целата земја кои се без пристап до електрична енергија, водовод, канализација, а да не зборуваме за можност за приклучување на централно парно или сопствено производство на струја од сончеви колектори и слично. Тоа е голем пораз кој води до резултатот кој низ децениите го гледаме: нееднаков квалитет на образование за учениците, нееднаков пристап до здравствени услуги, тешка достапност до добро платени работни места итн.

Трето, невложувањето во професионална комуникација и пречесто „играње“ во односите со јавноста од страна на нестручни или недоволно компетентни луѓе. Потребни се вистински ПР стандарди, а особено знаење и водење според правилата на кризна комуникација. А, нив, во праксата на институциите може да ги воведат само личности со кредибилитет, интегритет, искуство во областа, односно луѓе кои зад себе имаат видливи резултати. Верувајте дека такви има многу, само треба да се постават на вистинските места или уште поважно, да им се даде шанса тие да ги креираат ПР политиките и да ги спроведуваат, а не да им се сервира од други како да ја сработат работата за која се ангажирани, односно платени.

Да сублимирам, кога на едно место ќе ги споите само овие три причини кои траат повеќе децении, а тоа се нееднаквоста, (не)привилегираноста и немањето комуникациски стандарди, мислам дека јасно се дава одговор на прашањето зошто на многу релевантни истражувања сме на дното на табелата според отпорност од лажни вести или, пак, многу подалеку од земјите од регионот во делот на дигиталната писменост кај учениците и младите.

Неколку истражувања на јавното мислење направени есенва покажаа дека голем дел од македонските граѓани, сигурно или најверојатно НЕМА да се вакцинираат. Дали и како е можно да се врати довербата?

Со разбирање, индивидуален пристап, ширина за различните мислења и ставови и инклузивност бидејќи секоја индивидуа е важна!

Прво, секој граѓанин е доволно зрел за да отворено и транспарентно му се сервираат сите информации за потребата од имунизација која води до надминување на ковид-кризата која веќе за сите предолго трае. Зарем мислите дека кога биле откриени аналгетиците или лековите за намалување на температура сите верувале во нивната успешност? А, што всушност денес пиеме за намалување на болки или за сузбивање на висока температура. Па, токму тие лекови, секако со препорака на лекар.

На овој начин доаѓаме и до второто, а тоа е дека сè уште не е доцна да се смени начинот на кој се комуницира со јавноста со цел овие анкети да покажат различен резултат за неколку месеци.

Оптимист сум дека се ќе биде како што треба во овој дел. Впрочем погледнете колку порасна процентот на граѓани кои своеволно ги почитуваат мерките, откако пред некој месец властите избраа почесто да користат „ве молиме“, „за ваше лично добро и заради најблиските го правиме сите ова“ или „и јас се плашам“… Човечкиот пристап требаше да биде многу позастапен и претходно, но за жал, се направи избор да пројдеме и низ една тешка комуникациска фаза каде поедини јавни функционери се чувствуваа и демонстрираа поголема супериориорност од нас како граѓани. И наместо да комуницираат како што тоа го правеше речиси целиот демократски свет, тие избраа буквално да викаат и да ги навредуваат дел од граѓаните и медиумите бидејќи „биле недораснати и нестручни“, па со тоа „нема зошто да имаат свој став“.

Ќе повторам, иако мислам дека оваа крајно непримерна комуникациска фаза дефинитивно е зад нас, сепак овие растечки негативни бројки се резултат на тој период, кој за жал остави долгорочни последици. Сепак, промената во комуникациската стратегија веќе почна да ги дава и првите позитивни резултати, а доколку се засили професионализацијата и се вклучат уште професионалци, бројките ќе бидат многу подобри, а би очекувал и довербата во процесот на вакцинирање да расте.

Што треба да се преземе против ширењето на лажни вести, особено во ваков сензитивен период, кога вакцинацијата е единствениот начин да се спречи ширењето на заразата?

Мислам дека пројде многу време кај нас и во регионот додека да се прифати фактот дека еднакво важно колку и спречувањето на ширењето на вирусот е комуникацискиот пристап во услови на криза. И не сум сè  уште убеден дека ова е сфатено и прифатено од сите креатори и спроведувачи на политики во Македонија.

Долго време речиси секој политичар ги дели граѓаните на „свои и нивни“, „подобни и неподобни“, „повеќе, помалку важни и неважни“. Таквата комуникација не води никаде, а резултатот од таквиот децениски пристап од сите партии, како и од сервилноста и непрофесионалноста на огромен број на јавни институции го гледаме денес. Страшните последици од ваквата лоша комуникација особено јасно се покажаа за време на справувањето со една голема криза каква што донесе коронавирусот.

 

Тогаш како да се вакцинираме против вирусот лажни вести?

Прво сите институциите и политичарите мора да извлечат поука. Да не ги повторуваме повеќе грешките и да сфатиме дека колективот зависи од секоја индивидуа! Наједноставно кажано, нема колективно, без добро индивидуално здравје. Нема среќна нација, без задоволни, слободни и економски силни единки, т.е. граѓани и граѓанки.

Да вложуваме во професионални институции, кои понатаму еднакво ќе вложуваат во секој наш граѓанин. Само со ваквиот пристап трајно ќе го решиме овој предизвик. Бидејќи не може да постои колективен без индивидуален имунитет.

Секој граѓанин е важен, а ова е потребно јасно да се комуницира и практикува. Првиот миг кога ќе запрат поделбите кои се поттикнуваат и потхрануваат од несоодветната политичка комуникација, ќе започне заздравувањето, односно постепеното градење на севкупниот имунитет од лажните вести и од теориите на заговор.

Јованка ЦАРУЛЕСКА ГРУЕВСКА