„Од протоколџијата зависи до кој степен ќе биде успешен настанот. Протоколџијата е мозокот, ‘контролор на летање’, а сите други се ‘пилоти’, секој во својот авион, сите со свои задачи, обврски, и никако не смее да има пропусти. Претпоставените во институциите мораат да ги почитуваат правилата на протоколот, т.е. во целост да ги почитуваат укажувањата на протоколџијата“, вели за весникот ВЕЧЕР Благоја Петковски, магистер по меѓународна политика и дипломатија и еден од ретките во Македонија со сертификат од Европската школа од Лондон за работа на протокол

Даниела ТРАЈКОВСКА

Во изминатиот период се случија голем број протоколарни гафови и превиди на приеми на високи странски гости и делегации, што беше повод за интервју со Благоја Петковски, експерт за протокол. Тој има богато искуство во организацијата на меѓународни настани и пречек на странски гости и делегации, а во моментов работи како маркетинг-менаџер и раководител во Националната опера и балет. Неговата професионалност во однос на организирањето настани и протоколот, кои се на највисоко можно ниво, се добро познати и признати во државата и пошироко. Како магистер по меѓународна политика и дипломатија, ја има издадено книгата „Дипломатски протокол и церемонијал“.

Сведоци сме на голем број грешки токму во протоколот при пречекот на странските гости, што е особено очигледно во политиката. Колку раководителите на културните институции имаат претстава за важноста на протоколот во комуникацијата со странските гости и соработници, како и за потребата од ангажирање компетентно лице?

Сè зависи од самата личност што раководи со таа институција. Има министри, директори, кои поставуваат т.е. даваат работни задачи од протокол на лица со малку или недоволно познавање на тие протоколарни задачи. Поставуваат свои луѓе по разни основи. Најлесно е да ставиш беџ на кој пишува протокол и да сместуваш гости. Но, тоа не е протокол, тоа е распоредител. Уште поголем е проблемот што не сакаат да научат, од теорија, практика. Протоколџијата треба да ја има целата контрола во своите раце. За кој било настан, се испраќаат покани по пошта или мејл. Потоа треба да се проверат дали тие на кои им се упатени, ги имаат добиено. Често се случува поштата да затаи или мејлот да не пристигне на вистинската адреса. Секогаш велам, почитувајте ги времето, денот, часот, потврдите дали ќе дојдете или не на закажаниот настан.

Како ги оценувате протоколарните грешки на државните институции? Каков сигнал испраќаме со непознавањето на државните симболи на странските гости?

Секоја грешка е голем пропуст. Ако не знаеш, прашај. Кај нас постојат институции и луѓе на кои тоа им е професија и се големи професионалци. Само прашај и нема да погрешиш. Читај, прашувај, гледај од тие што повеќе знаат. Јас и ден-денес учам.

Што, всушност, претставува терминот деловен протокол и колку е битен тој во функционирањето на една институција?

Деловен протокол е збир на правила за тоа како треба правилно да функционира една институција, организација, компанија. Всушност, ги опишува манирите во бизнисот. Истовремено укажува и како успешно да настапиме во името на институцијата, организацијата, компанијата. Опфаќа и подготовка на план за работен состанок и разговор по фази, начин на обраќање, разговори и држење говори, како правилно да комуницираме на државно и на меѓународно ниво, одредува хиерархија во деловниот свет… Начинот на облекување, организацијата на деловен оброк (појадок, ручек, вечера), како и организацијата на јубилеи, конференции (од идеја до реализација) и регулирањето на редот на седење (во зависност од салата), се, исто така, дел од задолженијата во надлежност на протоколџијата.

Со оглед дека долги години сте дел од културното милје во нашата држава, имате реализирано богата културна соработка со голем број амбасади и културни центри. Колку се работи во Македонија според протокол и колку се почитува тој?

Многу ми е полесно кога работам со странски институции, уметници, дипломати, бидејќи морам да признаам дека во однос на точноста – во однос на времето, тие секогаш се прецизни. Кај нас, овде во Македонија, тоа е проблем. Има одговорни и кај нас, но повеќето се „скарани” со точноста во однос на закажаните термини. Го занемаруваат непишаното правило: кога некој Ви се обраќа со писмо, СМС, мејл или побара средба со Вас, одговорете на пораката.

Со какви проблеми најчесто се среќаваат лицата што се задолжени за протокол и какви се, всушност, нивните улога и одговорност?

Улогата и одговорноста на протоколџијата се многу големи. Од протоколџијата зависи до кој степен ќе биде успешен настанот. Протоколџијата е мозокот, „контролор на летање“, а сите други се „пилоти“, секој во својот авион, сите со свои задачи, обврски, и никако не смее да има пропусти. Претпоставените во институциите мораат да ги почитуваат правилата на протоколот, т.е. во целост да ги почитуваат укажувањата на протоколџијата. Притоа, точноста во однос на времето, денот и часот е многу битна.

Какви се Вашите досегашни искуства поврзани со протоколот и може ли да ни посочите некој пример кога сте се нашле во непријатна ситуација и како сте реагирале?

Во културата, имам искуство со голем број протоколарни задачи во МОБ, „Охридско лето“, Виенскиот бал, со амбасадите на Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Италија, Норвешка, Шведска, Израел и со многу други амбасади, како и со Европската Унија. Во 2022, меѓу многуте мои задачи, сакам да ја споменам и конференцијата на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, како и конференцијата на Европскиот олимписки комитет, чиј домаќин беше Македонскиот олимписки комитет. Подготовките траат со месеци, се појавуваат и тешкотии. По завршување на настаните, телото ве боли неколку дена, но задоволството на соработниците што ви ги довериле задачите го лекува сето тоа. Протоколот е стресна професија и доколку се замешаат луѓе кои погрешно ги поставуваат основните задачи на организацијата на настанот или манифестацијата, доаѓа до големи поместувања. Реакцијата на протоколџијата треба да биде брза, точна, прецизна. Ми се случувало да заборават да постават чаша вода за говорникот, се трчало од едната на другата страна на Античкиот театар, морав да обезбедам гримиорни за 200 луѓе (цел оркестар, хор, солисти). На пример, треба да знаете како да постапите при појава на чад во објектот, при пречек на ВИП-гости, при обезбедување, но притоа никој да не забележи проблем.

Колку се важни манирите, однесувањето и облекувањето на јавните личности? Како стојат политичарите на овој план?

Кодексот на облекување на нашите политичари е задоволителен. Со мали промени, тие би биле уште подобри. Пред повеќе години, во кругот на новинари и креатори, често зборувавме на оваа тема. Сега мислам дека жените, па и мажите се консултираат со модни креатори, и ако е така, тоа е добро. Имам забелешка како кај некои наши така и кај странците, што кога одат на приеми или на други свечености, почнуваат да се однесуваат послободно во кодексот на облекување.

Со оглед на Вашето богато работно искуство и постојаните ангажмани, дали може да ни откриете на што работите во моментот?

Во моментот, ја дополнувам програмата за деловен протокол, а веќе имам договорено обуки и со неколку институции. Продолжувам со едукација на странски јазици и едукација за туризам, туристички водич, придружник. Желба ми е да пишувам сценарија за документарни филмови, а, можеби, и играни.

Дали барањата на странските, па и на домашните гости и учесници на настаните што сте ги организирале, Ве довеле во ситуација да го прекршите протоколот од некоја причина што во тој момент ви изгледала оправдана или секогаш строго сте се придржувале кон правилата?

Секогаш сум гледал гостите, клиентите да бидат задоволни, но никогаш не сум дозволил да ги прекршам протоколарните правила. Сум доаѓал во ситуација да реагирам со повисок тон, да побарам сите да го напуштат просторот, сцената, салата, за да можам во тоа преостанато кратко време да ги започнам и да ги завршам сите задачи, а да нема пропусти. Во такви моменти нема преговарање. Ми велеа: „Незгоден си, ама голем професионалец си”.

Прв со сертификат за протокол од Лондон

Вие сте меѓу ретките во Македонија што имаат сертификат за протокол од Лондон. Какво е неговото значење, односно колку Ви помага тој документ во Вашата работа?

Сертификатот од Европската школа од Лондон го добив прeд една година. Со директорката на Школата за прв пат се сретнав пред 2010 година, кога ја пишував книгата „Дипломатски протокол и церемонијал“, а потоа имавме уште неколку средби кога имаше таа обуки за дипломатски и деловен протокол. Многу разговаравме и разменувавме искуство. Таа велеше: „Ние од Школата во Лондон имаме големо теоретско знаење за протокол, но ти, Благоја, во практичниот дел си многу успешен. Таа процени дека треба да бидам дел од нивниот тим, што значи дека сега можам да работам и да предавам на тема „Дипломатски или деловен протокол“ секаде во светот. Во меѓувреме, работев и на странски речник за протокол на повеќе светски јазици.