„Мојата платформа за фестивалот ја насловив како ‘Враќање дома’, од една страна, мое враќање дома како прилепчанка и голема вљубеничка во фестивалот, од друга страна, враќање на фестивалската публика дома. Потоа реферирам и на ‘Чернодрински се враќа дома’, една позната драма на Горан Стефановски, и најважно, враќањето на домашната драма на фестивалот што е креиран во нејзина чест“, вели претседателката на МТФ „Војдан Чернодрински“, Ана Стојаноска, во разговорот за весникот ВЕЧЕР

Ана Стојаноска (1977, Прилеп) е театролог, писателка и редовна професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Пишува и објавува проза и поезија, како и есеистичко-научни трудови од областа на театарот, културологијата и  книжевноста. Авторка е на повеќе од сто библиографски единици од овие области. Нејзиниот деби романот „Јас и Лин, отпосле“ (2016) е добитник на Рациновото признание за 2017, а покрај романите „Лебед“ (2021), „Дијалози во еднина“ (2019) и „Ние“ (2022), авторка е и на драмата „Трогледало“ (2020), збирката поезија „Потпис: Трепетлика“ наградена со „Антево перо“ за 2020, потоа „Театар – предизвик: Студии и есеи“ (2018) и монографиите „Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер“ (2014) и „Македонски постмодерен театар“ (2006). Ги приредува „Драми од Дејан Дуковски“ (2002) и „Современа македонска драма“ (2008), а нејзината монодрама „Стаклен лампион“ е праизведена во продукција на Театра – Скопје во 2013. Стојаноска е актуелна претседателка на МТФ „Војдан Чернодрински“, што беше повод за разговор во весникот ВЕЧЕР.

Можете ли подетално да нè запознаете со Вашата визија или новиот концепт за годинешното 57. издание на „Војдан Чернодрински“?

Мојата платформа за фестивалот ја насловив како „Враќање дома“ и е конципирана во временски период од четири години. „Враќање дома“ е своевидна игра со зборови, од една страна, мое враќање дома како прилепчанка и голема вљубеничка во фестивалот, од друга страна, враќање на фестивалската публика дома, потоа реферирам и на „Чернодрински се враќа дома“, една позната драма на Горан Стефановски, и најважно, враќањето на домашната драма на фестивалот што е креиран во нејзина чест. Главниот фокус е домашната драма, грижата за современиот театар и враќањето на публиката во театрите, почнувајќи од едукативните работилници што постојано ги одржуваме во Прилеп, па сè до реализирањето на идејата „Прилеп – цел град театар“. За првпат ја воведувам иницијативата „Автор во фокус“, за оваа година е Коле Чашуле, за следната Горан Стефановски. Тоа значи дека поголем дел од програмата ќе реферира на авторот во фокус. Мислам дека еден човек не може да прави сè, посебно не во однос на театарот и затоа креирам мрежа на соработки со сродни институции и фестивали. Почнавме со едукативните работилници, видеопрограмата, да се отвори роднокрајната збирка во соработка со Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, да се анимираат прилепските актери да бидат домаќини на фестивалот. Сакам да има претстави од различни профили и формати кои би се изведувале на неколку различни сцени, да има фестивалски зони, прес-центар, активни поткасти, промоции, трибини и разговори на тркалезната маса. Мојот концепт за фестивалските денови е следниот: утринска програма насловена како „Чернодрински за деца“, на која ќе бидат презентирани резултатите од едукативните работилници и ќе се покажат разни театарски форми за деца, пладневна програма со тркалезни маси, промоции, и, интервјуа, трибини и работилници, попладневна програма – театар за сите, поткасти, изложби и аудиособа во која ќе се слуша театарска музика и вечерна програма каде што може да се видат селектираните претстави.

Кога ќе се одржи фестивалот и колкава финансиска поддршка очекувате за годинешното издание? До каде се подготовките?

Фестивалот ќе се одржи од 9 до 16 јуни оваа година во Прилеп, на повеќе места низ градот, не само во Центарот за култура и Народниот театар. Во дигиталниот свет, фестивалот е веќе почнат да се случува со објавувањето на видеопрограмата на фестивалот, на потсетувањата од почетоците на фестивалот насловени како Театарска меморабилија, како и потсетување на добитниците на наградите. Моја цел е да се сврти вниманието на јавноста на најстариот и најважниот театарски фестивал во Македонија кој има за цел да ја презентира современата театарска и драмска продукција. Подготовките се во тек. Од денот кога сум избрана до денес работам со својот тим постојано на подготовките за фестивалот. Што се однесува до финансиската поддршка имам ветување и од градот Прилеп и од Министерството за култура, кои ја препознаа оваа моја идеја за активен и современ театарски фестивал. Истовремено, знаејќи ја состојбата со финансиската криза не само кај нас и во светски рамки, го свртувам вниманието и кон општествено одговорните компании барајќи и од нив спонзорства и донации. Бидејќи го поставив фестивалот и како „зелен/еко“ фестивал, сметам дека е важно и тоа. Финансискиот план е обемен исто како и програмата која е сама по себе амбициозна, но изведлива.

Кое е Вашето мислење за театарските претстави кои се во моментов на репертоарот во македонските театри. Каква е, пак, независната продукција? Го задоволуваат ли сите тие вкусот на публиката и на критиката? И критериумите на вашата селекција?

Мислам дека македонските театри сè уште се „освестуваат“ после пандемијата. Моето мислење е дека недоволно се отвораме кон новата естетика, не правиме сериозна театарска стратегија и немаме корелација со денешните очекувања на публиката. Постојано имаме „омилени“ режисери или автори кои се затворени во своето меурче на поддржувачи и немаат однос кон современиот гледач. Најстрашното е што политиканството редовно му пречи на театарот, на уметноста, воопшто. Гледам претстави на репертоарите и ќе гледам до крајот на април, кога треба да ја затворам селекцијата. Идејата е откако ќе одгледам сè ќе направам концепт да ја направам и оправдам селекцијата во официјалната програма. Офф програмата ја насловив како ОФФ актива и таму ќе бидат презентирани дела кои припаѓаат на тој концепт. За првпат ќе има е showcase на независна продукција на дела работени на домашни автори, независно дали се драми или колективно авторство. Критериумите се високи да го покажеме најдоброто во современиот театарски контекст. А што се однесува до вкусот на публиката и критиката, одговорот е кај театрите.

Заради пандемијата домашната театарска продукција во последните неколку години е намалена и по квантитет и по квалитет? Како Вие ја оценувате? Освен финансии, што друго е потребно за луѓето да ги полнат салите, да цитираат некоја реплика, да се воодушевуваат на нечија изведба? Што недостасува, волја, ентузијазам, идеи?

Недостига вербата во себе, во тоа што се прави, во желбата да се создаде сериозен театар. Да, намалена е продукцијата, но јас сум од оние што работат и во невозможни услови, зашто ме води мислата дека кога се сака, сè се може. Не можам да го разберам, на пример, односот на сеедно во уметноста. Театарот покажал и покажува дека може да се приспособи и дека може да се трансформира. Така што не се согласувам дека треба да се оди по линија на помал отпор. Пандемијата, кризите, лошите општествени ситуации во уметникот треба да го разбудат поривот да се преживее. А уметникот преживува со својата уметност.

Според Вас, почна ли полека да се враќа публиката во театрите?

Бидејќи една од моите истражувачки и научни активности е следењето на рецепцијата и публиката, забележувам во одредени театри дека има публика, во одредени сè уште стагнира. Театарот денес треба да се бори за внимание, многу повеќе отколку низ вековите. Затоа на театарските управници, директори, драматурзи и режисери е оставено да го најдат начинот. Во рамки на мојата програма има неколку активности на фестивалот за враќање на публиката, од водење грижа за најмладата публика, до креирање програма за младите луѓе што се постојано „онлајн“ со фокус не подолг од 1 минута и 30 секунди. Не може да се остане затворен во систем што бил одржлив пред повеќе од сто години. Треба да најдеме начин како театарот да остане уметност, а истовремено да се носи со новото време.

А што е со театарските уметници? Актери, режисери, драматурзи… Како и тие да не можат да се разбудат од зимскиот сон кој ги зафати од пандемијата? Каде е бунтот, отпорот, креативноста?

Добро забележувате, недостига отпорот и креативноста. Се задоволуваме со востановената форма, се потпираме на „стара слава“. Главното е што нема серозен критички однос кон уметноста. Секогаш кога одам во театар и следам по социјални медиуми пред и после претстава, отворено се забележува „потчукнувањето по рамо“. Така не ѝ правиме добро на уметноста. Театарските уметници треба да знаат дека се тука за доброто на театарот. А со здрава критичка мисла, со иманентна креативност и потреба да се создава театар можеме да одиме понатаму.

Има недостиг на нови драмски дела на македонски јазик, но и со локални приказни? Зар општествениот миг во кој се наоѓа Македонија и светот не им дава инспирација на авторите, режисерите? Што мислите за тоа?

Нема недостиг на нови драмски дела, има недостиг на интерес кон тие дела. Режисерите не читаат доволно нови драмски текстови, на драмските автори не им се дава многу простор. Во последниве години се објавени голем број драми, авторите пишуваат и пишуваме. Главното е она што го зборував претходно. Немање стратегија, потпирање на одамна изумрени системи. Се случува да се рециклираат дела што сме ги виделе стотина пати, во една година имавме иста драма на Шекспир на пет различни сцени. Најлесно е да се каже нема драми, но не е така. Има простор за сите и за антика, и за класика и за современи драми од Македонија и од надвор. Треба да има сериозна репертоарна политика. Треба да има стратегија. Автори и текстови има. Затоа во рамки на фестивалот работам на неколку различни проектни програми, од „Азбука на драмски текстови“ до „Анамнеза на состојбата во институционалните театри кај нас“. Еве деновиве ќе имаме и Повик за домашен драмски текст, кој во соработка со Министерството за култура ќе има за цел да избереме еден драмски текст што ќе биде поставен во еден театар следната година.

Предавате на ФДУ. Дали и колку младите се поттикнати да создаваат драмски текстови? Кога да го очекуваме новиот Горан Стефановски, новиот Дејан Дуковски?

Да, многу сум среќна што имам прилика да ги учам и да учам од младите луѓе на нашиот факултет. Имаме многу креативни млади автори, режисери, актери, … важното е ние како општество да им дадеме простор и да ги предизвикаме да работат уште поотворено. За тоа кога да го очекуваме новиот автор, можам да кажам дека веќе ги имаме, некои имаат прилика да ги видат своите дела на сцените на македонските театри, а некои во печатена/објавена форма.

Наташа Илиевска-Таневски

Фото: Ѕ.Плавевски